Кога патувате низ Јужна Африка место кое не смеете да пропуштите да го посетите е Сан Сити. Сан Сити е уникатен комплекс за одмор и забава кој го содржи африканскиот дух и не наликува на ниеден друг ресорт во светот. Местото е изградено да наликува како дел од нечија фантазија која станала реалност и каде секоја ваша желба за релаксација ќе биде исполнета.

Сан Сити официјално е отворен на 7-ми Декември 1979 година,лоциран во непосредна близина на Преториа и Јоханесбург и веднаш станал популарна викенд дестинација,бидејќи само на тоа место за време на апартхејдот било јавно дозволено коцкање. Се простира на површина од 64,28 км2 ,а привлекува околу 25.000 луѓе на ден. Со текот на годините, Сан Сити станало и одлично место за одржување на концерти на светски познати пејачки имиња,почнувајќи од Френк Синатра, Елтон Џон, Хулио Иглесиас, Квин  потоа Тина Тарнер, Роксет, Сара Брајтман, а во текот на мојата посета имаше закачени плакати кои го најавуваа скорешниот концерт на Мајкл Бубле. Во последните неколку години во ова место е домаќин и на изборот за Мис на светот,а во текот на 70-тите години од минатиот век се одржувале и важни бокс мечеви во тешка категорија. И покрај сите овие настани кои се случуваат во текот на целата година,сепак главната задача на Сан Сити е да понуди незаборавен одмор на секој посетител во еден од своите несекојдневни хотели.

Ресортот содржи четири хотели од светска класа: “Сан Сити” хотел, Хотел “Каскади”, Хотел “Кабанас” и “Палата на изгубениот град”.

“Палатата на изгубениот град”

“Палатата на изгубениот град” наликува на древна кралска резиденција. Уште при влезната партија на комплексот се забележува вовед во луксузот кој ве очекува во Сан Сити. Ве пречекува огромна фонтана со скулптури на диви животни,а вакви скулптури има скоро на секој чекор во внатрешноста на хотелот. Најчесто се скулптури на дивите животни кои спаѓаат во големата петка: лав, слон, носорог, бафало и леопард.Тимот кој го работел овој грандиозен објект бил соочен со предизвикот да создаде оригинален луксузен хотел со богатство од детали, убаво споени со светот на фантазија од водопади и џунгла атракции. Сето ова требало да биде завршено за помалку од 36 месеци. Првиот впечаток кога ќе се стапне во оваа палата го завземаат богатството од детали и неверојатните размери. Но,иако палатата е со грандиозни размери и на моменти делува како некогашните египетски храмови, содржи топлина која не ви дозволува да се почувствувате како микроскопско суштество изгубено во огромно пространство. Звукот на водата од водопадите кои ја опкружуваат целата палата ве опушта и води кон откривање на пространство со ресторани,езерца и базен, а ако пристигнете во 17 часот, можете да присуствувате на чајанка т.н “high tea” во Кристалната сала, каде што ќе бидете послужени со чај, кафе и егзотични колачи. Кристалната сала се вклопува во целиот луксузен и на моменти кич впечаток, плени со својот раскош од безброј златни детали, природно осветлување изведено со огромни прозорци по цела вертикала и едноставен кожен,удобен мебел,а во средина на салата се наоѓа огромна фонтана на која водата и извира преку масивни скулптури на слонови.

Во овој и во останатите објекти се чувствува влијание на европската софистицираност, но во чуден спој со афричката култура и архитектура се добива единствен спој на две наизглед неспоиви култури и архитектури. Палатата  е распространета на површина од 68 хектари и располага со 350 соби и 21 апартман, шест ресторани, базен со олимписки димензии,спа и фитнес центар, аква парк, две игралишта за голф со по 18 дупки, конференциски центар, 20 простории за состаноци,аудиториум за 500 посетители и казино од 50.000 м2. Аква паркот е најсовремен аква парк во Јужна Африка,познат како Долина на брановите,бидејќи доминира голема лагуна со машина за правење бранови способна за генерирање на 1,8 метарски бранови на секои 90 минути и уште многу тобогански атракции и реквизити својствени за најсовремен аква парк.

На “high tea” во Палатата на изгубениот град

“Сан Сити” Хотел е хедонистичко срце на Сан Сити. Плени со гламур и софистицираност. И овој објект е исполнет со смели дизајнерски аспекти и драматичен,несекојдневен амбиент,впрочем како и се во Сан Сити. Централниот дел е изведен како џунгла од бујно зеленило,каскадни водопади и слот машини. Погледот на хотелот е насочен кон прекрасен пејзаж од градини и пена-базен. Содржи  340 соби кои се ориентирани кон голф теренот или кон базенот. Располага со ресторани за сечиј вкус,како што се рестораните со азиска кујна, со традиционалната африканска кујна и ресторан каде што се среќаваат вкусовите од Север и Југ.

“Сан Сити” хотел

Хотел “Каскади” е уште еден грандиозен објект во Сан Сити каде доминира опуштена атмосфера. Сместен меѓу  бујни тропски шуми кои се дом на тропски птици и водопади,”Каскади” е елегантен хотел за софистициран вкус. Самото име на хотелот кажува дека неговите катни нивоа се каскадно распоредени,а сите 243 соби имаат спектакуларен поглед кон градината, голф теренот и зелени ридови кои се наоѓаат во непосредна близина на комплексот.

“Каскади”

Хотел “Кабанас” е фамилијарен хотел,со голем број на езера,голф терен и казина. Изграден е во повеќе блокови кои содржат вкупно 380 соби,весело декорирани со живописни бои.Во главната зграда се наоѓа рецепцијата, додека собите се распорстранети во  блокови кои се шират низ огромната основа на хотелот,а пред секој блок се простираат зелени тревници. Рестораните нудат појадок и ручек на отворено патио,каде се ужива во незаборавна глетка на раскошната природа.

“Кабанас”

Најчесто опишан и доживеан како еден од најпознатите,најневеројатните и во голема мера бизарни забавни комплекси во светот, Сан Сити е место кое треба да се посети, да се впие целосно таа импресивна,несекојдневна архитектура со доста кич елементи и прекрасно уредени зелени површини,симулирани земјотреси на мост кој го чува колонада од фигури на слонови во природна големина, прекрасна природа распространета во џунгла сфери, огромни казина и одлични голф терени.

Еднакво е атрактивен и преку ден и навечер,кога целиот комплекс е осветлен со милиони сијалички,едноставно тоа е глетка која восхитува. И навистина, за Сан Сити една слика кажуваат 1000 зборови, а  чувството се’ ова да се доживее во живо е бесценето.

 

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон