Ако патувате низ Јужна Италија, во областа Пулија, која е “петата” од италијанската чизмата, не пропуштајте да го посетите уникатното гратче Алберобело.

Сигурно веќе сте ги виделе на многу фотографии по социјалните мрежи овие бело – сиви куќички, но ниедна фотографија не може да го долови моментот како кога во живо ќе прошетате по тесните улички кои од двете страни се опкружени со овие карактеристични куќички. Едноставно, имате чувство како да сте дел од бајка и веднаш ќе се вљубите во ова магично место.

Овие куќички наречени трули (trulli) ги има околу 1500 на број во Алберобело, а од 1996 година се под заштита на УНЕСКО. Изградени се во 15-тиот век, од варовнички камења и гипс, без употреба на малтер – за да бидат лесни за уривање и повторно подигнување, како би можеле да ги избегнат тогашните давачки за данок. Кога доаѓале кралските пратеници за собирање данок, жителите лесно ги расклопувале овие куќички, а по нивнотo заминување, тие повторно ги граделе на истото место.

Бидејќи морале да користат само камења, селаните ја утврдиле кружната форма на куќичките, со куполен кров како наједноставен за изведба. Крововите биле украсени со декоративни врвови кои го претставувале потписот на мајсторот.

Денес, Алберобело има комерцијален дел – Рионе Монти, наменет за туристи и резиденцијален дел – Рионе Аија Пикола, во кој се’ уште живеат жители во trullo куќички, кои со векови се со непроменет изглед. Во Алберобело живеат околу 10.000 жители, а една куќа може да биде составена од повеќе споени трули.

Во комерцијалниот дел куќичките се пренаменети во кафулиња, ресторани, продавници за сувенири, рачни изработки, украси и облека, а дел од нив се издаваат за сместување, па во Алберобело може да поминете и неколку дена. Во овој дел може да уживате во опкружувањето пиејќи Аперол или италијанско кафе, слушајќи романтична музика изведена во живо од музичарот со гитара, да се двоумите кој сувенир да си го купите за спомен, да се изгубите во тесните улички барајќи иделна локација за фотографирање… а овде буквално секое ќоше е совршено место за фотографирање.

Резиденцијалниот дел е многу потивок од комерцијалниот и веднаш се забележува дека во овој дел се одвива вообичаен, секојдневен живот на жителите на Алберобело. Во овој дел е сместена и катедралата Сан Антонио изградена во ист стил како куќичките, музеј и видиковец од кој има незаборавен поглед на целото гратче.

Врвулици од туристи по тесните улички, угорници, удолници… За да избегнете гужви, најдобро е да дојдете рано наутро или во вечерните часови кога повеќето од туристите ќе ги напуштат Алберобело. Секако, тука може и да преноќите, за целосно да ги доживеете трулите.

Овој мал италијански град е оддалечен само 55 км од Бари, а до него може да стигнете со автомобил или автобус за околу еден час возење или пак со воз. Ако сте сместени во Наполи и сакате да го посетите Алберобело, тогаш ќе ви бидат потребни околу 3 ипол часа возење, бидејќи е на растојание од 315 км.
Ако сакате барем за кратко да се почувствувате како дел од бајка, далеку од секојдневните грижи, Алберобело е вистинското место кое треба да го посетите.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон






