Мајорка – дом на безброј високи палми, на прекрасно крајбрежје со тиркизно море, на автентична шпанска архитектура и уметност, на плантажи со маслинки и бадемови дрвја, на Majorica бисери, на вкусна паеља, на џетсетери, на грандиозна катадрела и на еден од надобрите тенисери на светот – Рафаел Надал.

Мајорка беше долго на мојата листа на дестинации кои треба да се посетат, па откако стапнав овде, тврдам дека на овој остров треба да се посети секој квадратен метар, да се доживее крајбрежјето, но и да се ужива во малите места во внатрешноста на островот.

Сместен во Средноземното море, островот Мајорка е најголемиот остров во Шпанија, а заедно со островите Ибица, Форментера, Менорка и уште неколку помали острови, спаѓа во архипелагот Балеарски острови. Зафаќа површина од нешто помалку од 5000 км2 со 1,1 милион жители, од кои 400.000 живеат во главиот град Палма де Мајорка.

Запознавањето со овој остров го започнав од градот Палма де Мајорка. Палма де Мајорка е главен град на островот и на сите Балеарски острови, каде е сместен и аеродромот, кој годишно опслужува над 22 милиони патници – огромна бројка бидејќи островот главно живее од туризам (80%). Овој град е на второ место во светот по градски метеж, моменталната бројка е 900.000 возила на околу 400.000 жители.

Заштитниот знак на островот и на градот е готската катедрала која има повеќе имиња, па така позната е како: Катедралата Ле Сеу или Катедралата на Санта Марија или Катедралата на светлината или едноставно како катедралата во Палма де Мајорка.

Оваа катедрала е изградена на место каде претходно се наоѓала џамија, започната да се гради во 1229 година, за завршена е во 1601 година. Објектот има огромна висина од 44 метри и е трета највисока готска катедрала во светот.

Во катедралата се наоѓа најголемото ѕвоно – не само на Мајорка, туку и во цела Шпанија, кое тежи 4,5 тона и бидејќи звукот кој го испушта е многу јак и се случувало да испукаат ѕидовите, дозволено е само еднаш годишно да заѕвони – на Ден Корпус.

За комплетно доживување на катедралата, влезете внатре во неа, ќе ви се отвори еден нов начин на доживување на религиозен објект.

Внатрешноста на катедралата е обновена на почетокот на 20-от век од страна на генијалниот шпански архитект Антони Гауди. (Автор и на Црквата Саграда Фамилија, Паркот Гуел, Casa Battlo и Casa Mila во Барселона, кои никако не треба да пропуштите да ги посетите кога сте во овој каталонски град). Ја викаат и Катедрала на светлината, бидејќи витражите под дејство на сончевата светлина, магично ја осветлуваат внатрешноста на цркавата, а светлина најубаво може да се доживее два дена во годината – на 2 февруари и 11 ноември.

Најновата интервенција во внатрешноста на катедралата е направена од 2001 до 2007 година, кога шпанскиот уметник Мигел Барсело целосно го сменил изгледот на десната капела – дело кое не било убаво прифатено од народот, заради неговиот конечен изглед и заради цената која му била платена на уметникот. Оваа уметничка инсталација отскокнува од останатиот изглед на катедралата и е нешто што не очекувате дека ќе го видите во катедрала.

Веднаш до катедралата се наоѓа кралската палата La Almudaina, која е официјална резиденција на шпанското кралско семејство кога ја посетуваат Мајорка. Изградена во 14-от век, оваа палата плени со својот раскош и повеќе архитектонски стилови, во зависност од времето кога е реновирана.

Островот треба да се доживее и од панорамска глетка, па патот кој води кон Замокот Bellver е одлична можност за тоа. Замокот е интересна кружна градба, изграден помеѓу 1300 и 1311 година по инструкции на Кралот Џејмс II, да служи како кралска резиденција и одбранбена тврдина.

Во 18-от век замокот служел како главен затвор на островот, а потоа и како коваќница за пари. Повеќе од 700 години овој замок бил сведок на едни од најславните, најтурболентните, тажни, сурови епизоди во историјата на Мајорка. Денес овој замок е отворен за посета, а во него може да се организираат и венчавки.

Палма де Мајорка е жив град, со препознатливата шпанска енергија, со полни кафе барови и ресторани сместени на повеќе плоштади, а навечер во полн ек е ноќниот живот кој често го споредуваат со Ибица. Тука се јаде вкусна паеља или тапаси, се пие квалитено вино, се оди на добар шопинг и се ужива на прекрасни плажи. Еминентниот магазин “Sunday times” ја прогласи Палма за едно од најдобрите места за живеење во светот.

Внатрешноста на Мајорка крие мали, шармантни места кои никако не треба да се пропуштат: Валдемоса, Диа и Солер.
Валдемоса ме пречека малку неспремна за ветар и постудена температура од крајбрежјето на Палма, но ме освои со прекрасни планински пејсажи и локалниот специјалитет – торта од компир. На 412 метри надморска височина, ова е највисокото населено место на островот, со само 2000 жители.

Во Валдемоса како времето да застанало. Ова село е под заштита на УНЕСКО од 2011 година и ова е толку сериозно сфатено, што дури и кога ќе се оштети/скрши делче од уличниот под кој е направен од мермерни камења, се прави обемен извештај со кој се бара дозвола да се промени оштетениот камен.

Сите куќи се унифицирани со дрвени капаци на прозорците кои може да бидат само во нијанси на зелена и кафеава боја, а на фасадата на секоја куќа има плочка на која рачно е нацртана заштитничката Света Каталина и напишана кратка молитва за семејството кое ја поседува куќата.

Валдемоса е дом на уметници, во манастирот Real Cartuja дел од својот живот го поминал композиторот Фредерик Шопен (во потрага по место со идеална клима за неговата болест) , a од светскиот џет сет – тука куќа поседува славниот актер Мајкл Даглас кој секое лето ја посетува Мајорка, а ланската година учествувал на свечен настан во Валдемоса на кој се слават сите 80 годишни жители на местото.

Патот од Валдемоса кон Солер води низ Диа – мало планински место со тесен пат (два автобуса не можат да се разминат, па ова е цел процес кој прави застој во сообраќајот, па мора да го регулира локален полицаец) и панорамски глетки на морското крајбрежје.

Одвај чекав да го посетам и Солер, бидејќи прочитав дека во холот на железничката станица во ова место се наоѓа постојана изложба на дела од познатите шпански уметници Пабло Пикасо и Хуан Миро. Уште едно место на Палма кое било омилено на многу уметници.

Солер е живописно место, кое ме дочека со дрвја со зрели портокали и тесни улички со куќи во шпански (дворот се развива во внатрешноста на објектот) и француски стил (дворот ја опкружува куќата). Ова е златна долина на портокали и лимони, опкружена со планини, а во централниот дел е сместена барокната црква Свети Бартоломеј, пред која се наоѓа плоштад полн со ресторани и кафе барови, кои продолжуваат во тесни улички.

Заштитен знак на Солер е возот кој вози на релација од Солер до Палма – уникатно доживување и туристичка атракција која не треба да се пропушти.

Сталната уметничка поставка на железничката станица е посветена на Пикасо и Миро (кој иако роден во Барселона, дел од својот живот го поминал на Мајорка), па така содржи поголем број на нивни уметнички дела – слики од Миро и керамики од Пикасо, а влезот е бесплатен и може неограничено време да поминете восхитувајќи се на оваа уметност.

Од Солер не си заминувајте без да го пробате локалниот специјалитет – бадемова торта, сок од свежо цеден портокал (овде портокалите се многу сочни и многу портокалови :-)) и цитрус сладолед. Ако ви недостасува плажа, од Солер може да се симнете на плажата во Порт де Солер. Во 19 век, кога областа била изолирана од остатокот на Мајорка со планини, портокалите биле испорачувани во Франција од брегот на Порт де Солер. А, портокалите на Мајорка за првпат ги донеле Арапите кога го освоиле островот.

Манакор – вториот по големина град на Мајорка, по Палма, најпознат по тоа што е родно место на тенисерот Рафаел Надал, а од 2016 е и дом на неговата академија за тенис – Rafa Nadal Academy, во која се наоѓа и музеј посветен на неговата преуспешна тениска кариера.

Без разлика дали сте фан на Надал и на тенис воопшто, музејот во склоп на академијата, каде што се поставени сите трофеи (а се во огромен број) кои ги има освоено Надал (меѓу кои се 22 титули од Гренд слемови и медали од Олимпијада) е нешто што мора да го посетите на Мајорка, каде ќе сфатите колку всушност е голем човек овој спортист и колку се големи неговите тениски остварувања, дел од кои многу тешко, а можеби и никогаш нема да бидат надминати.

Ние го знаеме како еден од најуспешните тенисери на светот, а локалците овде Надал го доживуваат како свој комшија, како и секој останат локалец, кој го имаат гледано како расте и ги освојува сите тениски врвови. Во Манакор и Порто Кристо тој живее мирен живот со своето семејство, скриен од светската слава.

Академијата првенствено е насочена кон изучување на тенис, па содржи 45 тениски терени на тврда и земјена подлога, како и терени за падел, сквош, фудбалско игралиште, базен.

Во академијата може да се изучува основно и средно училиште, со вклучени часови по тенис, а може да ја посетите во секој период од годината, отворена е за секого. Сместувањето може да го резервирате во директен контакт со академијата или на booking, каде може да вклучите и часови по тенис, на кои може да поработите на усовршување на вашите тениски вештини. Тука, освен на Рафаел Надал, често може да се налета и на некој друг познат тенисер или пак на некоја филмска ѕвезда (во текот на мојата посета, во академијата тренираше актерот Jason Isaacs, во моментов актуелен со улога во серијата “White Lotus”). А, додека ги гледам тенисерите како овде играат тенис, спонтано ми доаѓа да ги бодрам со познатото и препознатливото “Vamos”.

Академијата содржи и три ресторани сосема адекватно крстени: “Roland Garros”, “US Open” и “Club House”, каде се јаде вкусна храна дизајнирана уникатно за тениската академија.

Во близина на Манакор се наоѓаат спектакуларните пештери Drach во подземното езеро Martel, кое се смета за едно од најголемите поземни езера во светот. При посета на пештерите се плови со чамец во езерото, а убавината на пештерските сталагмити и сталагтити е нагласена со соодветно осветлување. Се претпоставува дека се стари помеѓу 11 и 5 милиони години. Отворени се за посета во текот на целата година, а без разлика кое годишно време е, температурата во внатрешноста на пештерите секогаш е околу 18 степени Целзијусови.

Бели, песочни плажи и тиркизно море – плажите се она што ја прават Мајорка привлечна за туристите за летен одмор. Ако сакате да сте во близина на главниот град Палма, но сепак оддалечени од градскиот метеж, тогаш може да се сместите во Кан Пастиља. Кан Пастиља е туристичко место, оддалечно помалку од 10км од Палма, сместено на брегот на Средоземното море, со долга песочна плажа покрај шеталиште преполно со хотели, ресторани, кафе барови и продавници.

Како најубави плажи на островот се издвојуваат: Палма Нова, Санта Понса, Кала Д’Ор, Калвија, Солер, Кала Фалко, Камп де Мар, а на плажата Ес Тренц се ужива во едно од најубавите зајдисонца.

Најдобар период за посета на Мајорка – во текот на целата година, бидејќи има поволна клима со долги и суви лета и благи зими. Но, ако сакате да избегнете високи летни температури и гужви, Мајорка е идеална за посета во пролетните месеци: март, април и мај, а ако сакате да летувате – тогаш посетете ја во јуни, јули, август и септември, но имајте во предвид дека во летниот период има голема влажност во воздухот, а температурите се искачуваат и до 40-45 степени.

Од Мајорка не си заминувајте без да купите накит од Majorica бисер (може да ја посетите и фабриката каде што се произведува), како и благиот специјалитет Ensaimada, маслиново масло, бадеми, вино и магнет со песок од плажите на островот.

Мајорка е Шпанија во мало, со бурна десетвековна историја, бујна вегетација и разнолик морски брег – од плажи со ситен песок до карпести зданија, незаборавни зајдисонца и вкусна шпанска кујна. Ставете ја на вашиот список за посета ако ја сакате Шпанија и шпанскиот енергичен дух, нема да ве остави рамнодушни.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон