Кога помислувам на наш, а светски патник, прв кој ми доаѓа на памет е Игор Џартовски. Ги има посетено скоро сите држави во светов, уште многу малку му се останати на списокот за посета. Омилен патувач ми е, жива енциклопедија, со кого може да се разговара на секоја тема. Го познавам многу години и ги следам неговите патешествија, уживам во неговите одлични фотографии и интересни случки од секаде низ светот, па конечно успеав да го натерам да сподели со нас и пошироката јавност искуство од една негова најневообичаена посета до сега, ни повеќе, ни помалку – на Северна Кореја.
- Како се реши да ја посетиш Северна Кореја? Која е постапката за да се влезе во најизолираната држава на овој свет?
Поривот да се посетат несекојдневни дестинации кои се надвор од стандардните туристички понуди е мојот главен двигател за патување и истражување по светот. Северна Кореја со уште неколку други дестинации ги сметам за најпровокативните места кои можат да се посетат како турист во денешно време.
Постапката за влез всушност и не е премногу комплицирана, за тоа се грижи авторизирана агенција која го организира патот. Северна Кореја не може да се посети на своја рака, патувањето е организирано по строго утврден протокол од нивната државна туристичка агенција.
2. Како беше организирана посетата, дали можеше сам без надзор да се прошеташ надвор од сместувањето и да користиш јавен превоз?
Од моментот на состанокот со групата пред полетувањето за Пјонг-Јанг па се до напуштањето на возот и преоѓањето на границата со Кина се се одвиваше според строго зацртана програма, од посетата на сите знаменитости до завршетокот на денот во хотелот кој е само за туристи. Секоја активност е испланирана до детал и ништо не е препуштено на случај. Влези, излези, стој, чекај, сликај, не сликај – на друго место можеби би било фрустрирачки, но таму сето тоа претставуваше некое чудно задоволство.
Во склоп на таа програма имавме организирано возење со метрото во Пјонгјанг и тука се појавија првите шпекулации дали возењето помеѓу двете најрепрезентативни станици е изрежирано до тој степен што луѓето кои беа на станиците можеби беа некакви актери, а возот беше дојден специјално за нас?
3. Дали се чувствуваше ограничен во доживувањето на Северна Кореја, дали постоеше страв кај тебе за време на престојот, земјаќи во предвид дека неславно завршиле странци кои не испочитувале некое (банално) правило додека престојувале во Северна Кореја?
Луѓето од агенцијата (кои се Британци) и биле во Северна Кореја преку 20-30 пати ни кажаа – држете се до правилата и ништо нема да се случи. Јас би рекол дека беше и многу поопуштено од што очекував. Сите ја знаевме приказната за Отто Варнбиер, млад Американец кој заглави во затвор и не излезе жив, но треба навистина нешто претерано да се случи за да дојде до проблем. Страв не постоеше воопшто, за мене тоа беше една возбуда пред одење во непознатото, посебно од фактот што влегувањето во Северна Кореја е со лет на локалната авио компанија Air Koryo, која наводно се смета како една од “најлошите” авио компаниии во светот. Мораме да знаеме дека Севернокорејците сакаат да се покажат во најдобро светло према туристите, така да идејата дека работите би се искомплицирале на патот, воопшто не ми беше во мислите.
4. Кои се туристички атракции во Северна Кореја?
Диктаторските земји со култ на персона имаат една опсесија за најголемо, највисоко, најдолго, врвно итн итн. Секако дека во Северна Кореја не недостасува една опсесија со грандиозни објекти, како:
- Најголемиот стадион во светот
The biggest stadium in the world is in North Korea, and it’s utterly insane
- Најголемиот хотел
Хотелот Ryugyong Hotel е бизарна градба висока 300 метри, видлива од секоја точка од Пјонгјанг, која нaместо највисок хотел на светот, го држи приматот на најголема ненаселена зграда на светот (сe уште незавршена).
- Палатата на Сонцето со мавзолејот на претходните двајца починати лидери од династијата. Ништо не може да ве спреми за тоа што ќе го видите и целото искуство кое ќе го дoживеете таму.
Еден грст огромни соц-реалистично, бизарни градби, споменици, музеи и плоштади чија изградба нема никаква логика за просечен човек од Западот, а кои Севернокорејците ни ги покажуваа со огромна доза на гордост. Мене лично сето тоа ми беше едно неверојатно искуство и на крај на секој ден морав ментално да испроцесирам се што сум видел.
Секако тука мора да ја спомнеме и посетата на Демилитаризираната Зона (DMZ) – границата со Јужна Кореја, едно од најтензичните места со најголема концентрација на оружје на земјината кугла и буквално се друго за мене беше атракција од самиот факт што не постои никаде на друго место во светот.
5. Наброј ни дел од правила кои треба да се почитуваат при посета на нивните туристички атракции.
Пред да тргнеме на пат, добивме брошура со правила кои треба да се почитуваат. Кој не сака да се држи до нив, оваа дестинација не е за него, simple as that. Доколку сепак заборавиме некое правило тука се трите локални водичи. Еве неколку: биди спремен за се поклонуваш неколку пати пред џиновски фигури на лидерите, ако ги сликаш мора да се во полн кадар, не смее да бидат исечени, не покажувај со прст кон нив и секако најомилената: без селфиња на ниедна слика!
6. Сликата која светот ја добива за Северна Кореја од ретки фотографии и видео записи е прилично еднолична: празни улици, социјалистичка архитектура, огромни споменици на владетелите и скромно облечени, униформирани луѓе. Дали и во реалноста е така?
За да не бидам краток во одговорот и да кажам дека во реалноста Северна Кореја е буквално како од тоа што знаеме за неа, би додал дека спомениците изгледаат уште поголеми во живо, улиците се огромни и празни, но од друга страна не сум видел град (како Пјонг-Јанг) каде што се е до таа мера под конец, од аспект на ред, поредок, хигиена и чистота на јавниот простор, што мислам не се среќава на друго место.
Луѓето можеби беа униформирани, (мажите носат еден тип на униформа), но затоа жените кои ги среќававме по разните атракции сите беа елегантни и дотерани. Пак остана дилемата дали тоа се случуваше само пред нас и дали е тоа дел од некаква претстава?
7. Дали се дозволени контакти со локалното население? Како ти ги доживеа жителите на Северна Кореја?
За нас единствените контакти беа со локалните водичи кои беа со нас цело време (дури и се додека не отиде последниот гостин на спиење). Сите до еден беа екстремно љубезни, насмеани и комуникативни. Искрено баравме некој знак (со понекоја блага провокација) дали глумат некакво исфорсирано однесување со нас, но тоа не беше така. Дури имаше емотивни моменти при збогувањето со нив. Инаку за другите контакти со локалци (при посета на метрото, паркови и некои јавни установи), ме јаде некое чувство дека беа исценирани. Дали или не, дилемата ќе остане засекогаш. 🙂
8. Што ти остави најголем впечаток, нешто што е прво што ти паѓа на памет кога ќе се сетиш на ова твое патување?
Посетата на Масовните Игри (Mass Games)
која ми беше и главна инспирација за посетата на оваа земја. Масовните Игри е всушност една неверојатна приредба во која учествуваат околу 100.000 луѓе, и се одигруваат во мал дел од годината, а во 2018 беа први по пет годишна пауза за 75 годишницата од основањето на партијата на на ДПРК. Да се види тоа со свои очи на најголемиот стадион на светот е доживување кое го искусиле многу мал број на странски посетители. Набргу по нашата посета игрите беа укинати.
9. Која е најголемата разлика во нашиот и нивниот начин на живеење? Како се живее без интернет, без информации за она што се случува надвор од границите на Северна Кореја? Како жителите го поминуваат своето слободно време? Бидејќи во слободно време си диџеј, дали успеа да посетиш некоја забава/журка?
Не постои споредба на нивниот начин на живеење во однос на нашиот. Тие луѓе не знаат што се случува во остатокот од светот, не знаат за подобро или полошо. Интернет имаат, тоа е секако само нивниот строго контролиран Севернокорејски интранет, мобилни телефони користат сите, верувам дека целата комуникација е контролирана. Вистински куриозитет беше користењето на интернет во хотелот во кој престојувавме, мислам дека праќање на еден мејл чинеше 5 долари. Услугата ја платив за да си пратам мејл на самиот себе од севернокорејска адреса од хотелот до мојата маил адреса. Мејлот никогаш не го добив. 🙂
Немаме идеја што прават луѓето во слободно време. Добивме информација дека сите работат 6 дена во неделата и им останува малку слободно време. Не ни беше јасно ни што тоа толку работат 6 дена во неделата. Нивната економија е тотално затворена за остатокот на светот. Имавме некакви групни излегувања во локални пивници, но по 7 часот навечер во целиот град владееше штама, нешто како полициски час. Нам ни преостануваше да се забавуваме во хотелот играјќи билијард, секако под будно око на нашите водичи.
10. Дали Северна Кореја е скапа дестинација?
Доколку теоретски некој странец би можел да живее таму, со замена на странска валута по нормалниот курс, би можел да има многу пари за трошење. Но, за тоа се погрижиле властите и секој странец кој сака да смени пари тоа мора да го направи по некој друг курс, што сите работи кои сака да ги купи ги прави поприлично скапи. Оваа практика постои во многу соц-реалистички држави на кои им е потребна странска валута од туризам. Колку чудно и да звучи, во Северна Кореја одат многу туристи, но претежно од Кина и други азиски земји, така да туризмот им е важна економска гранка.
Инаку, целото патување не е евтино, затоа што стартот на патувањето е всушност од Пекинг и на целата сума треба да се додаде и првично патување во Кина.
11. На кого би ја препорачал Северна Кореја за посета?
Северна Кореја би ја препорачал на луѓе кои ги поминале стандардните туристички дестинации, кои сакаат да излезат од својата зона на комфор и да видат една од последните навистина уникатни дестинации во светот, кои се уште не се уништени од масовен туризам, а во догледно време нема ни да бидат.
12. За крај неизбежното прашање за сите патувачи – Како ја живееш оваа година на пандемија? Бидејќи си човек кој ретко останува повеќе од месец-два по дома, што најмногу ти недостасува од патувањата? Сигурно списокот за посета на следни дестинации ти е одамна спремен и нестрпливо чека подобри времиња, се надевам во многу скоро време.
Ако ја гледаме календарски, успеав да фатам нешто од 2020 (мега тура низ Јужна Америка), така да ме држат се уште тие импресии, а тоа би бил и некој механизам за справување со ова што не снајде. Списокот на дестинации сега ќе е во склад со локалните рестрикции за влез во одредена држава и очекувам во 2021 малку да се подобрат работите за патување, но ке се случи голем ресет во начинот на патување во пост корона периодот. Мене најмногу ме радува фактот дека дефинитивно ќе се намали масовниот туризам, нешто што го сметам за најголем проблем на многу дестинации.
Патешествијата на Игор може да ги следите на неговиот Инстаграм профил: @dzartovski , https://www.instagram.com/dzartovski/
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Игор Џартовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон