Втора половина на мај 2014. Триполи. Триесет Целзиусови степени над нулата, голема влажност, Медитеран, милионски град, безброј автомобили, широки авении, квалитетен коловоз, многу луѓе, многу раси… Стереотипи. Последно нешто на што можев да сметам пред патот во Либија, посебно во Сахара, е дека некој од нив ќе напуштам.

Мирен лет од Истанбул, два часа и четириесет минути. На аеродромот, не знам како, агентот ме препознава, добивам виза за само десет минути. Мојот пријател, господин Мухамед, ми пружа гостопримство кај него дома. Утредента во осум часот со автомобил тргнуваме за Брак, град кој се наоѓа на 700 км длабоко во Сахара. Сахара е на дофат на Триполи. Тукушто излеговме од градот, влеговме во пустината. Влезот води преку серпентинест планински пат послан врз карпеста планина.

Паѓа мојот прв стереотип дека Сахара е песочна пустина со непрегледни рамни пејзажи. Овој дел низ кој патуваме е карпест, полн со ридови. На места камењата – карпите имаат окер „карпеста“ боја, а минуваме растојанија од 30 до 50 км каде се растурени по површината на тлото со црна боја. Неправилно растурени како исфрлени со потег на „табла“ играч, со разни големини од лешник и орев до цели масиви од стотици метри, со остри страници. Нема трага од големо количество песок на рамна површина. Повеќе ми личи на казахстанската степа или јужноафриканскиот „буш“, отколку на пустината од филмовите. За тоа придонесуваат и закржлавените, овде-онде ретко расфрлени грмушки. Патот прав, асфалтен, температурата 35 степени. Од спротивниот правец, од „срцето“ на пустината ни доаѓаат во пресрет и се разминуваме со мал број реки коли и камиони, главно полни со лубеници, дињи и бали трева. Од каде? Од сред Сахара.

По околу 200 км возење, автомобилот го полниме на бензинска станица во мало пустинско гратче. Две места за точење, пред нас седум-осум возила. Луѓето спокојни, отстапуваат ред на возач кој тоа не го побара. Без високи тонови, без кавги. Во Либија не постои автобуски градски или меѓуградски превоз. Нема ни метро… Бензинот чини девет евро центи или околу 5,5 денари за литар!?!

Возиме понатаму низ карпестиот пејзаж чудно извајан од Еол. Покрај патот застанат автомобил и до него возачот. Застануваме без тој да ни даде каков било знак. Господин Мухамед му дава инка и му помага да досипе две канти по 20 литри бензин во резервоарот на автомобилот. Ни дава подарок 20 литри бензин, нему му биле сосема доволно оние што ги ставил. Чудно! Минуваме покрај неколку населени места, куќи скромни приземни, највеќе приземје и крат. Рамни кровови. Околу – зеленило.

Стигнуваме во градот Брак. Град со околу 35.000 жители. Куќите ниски, средени. Дворовите оформени со ѕидани огради. Низ средина од градот минува широка улица – автопатско решение. Зеленило. Палмите доминираат. Велат дека најквалитетното нане во светот се одгледува во Либија, Сицилија и во Палестина. На арапски нането се нарекува „нана“.

Во куќата на господин Хасан веќе нè чекаат за ручек. Куќата, голема, приземје и кат. Рамен кров, малтерисана. Просторијата во која ручаме е голема околу 50м2 , во едниот агол библиотека, на подот килими, по внатрешниот периметар миндери подигнати од подот 20 cm. Се поздравуваме, седнуваме на подот од убави теписи. Ручекот, традиционален: супа – говедска, салати – домати, пиперки, кромид, печено месо – јагнешко, поставени во големи послужавници. Јадеме седејќи или лежејќи. Разговор, почнувајќи од климата завршувајќи филозофски за смислата на животот. Лежерно, без упади во говорот, со почитување на соговорникот, на неговата мисла, иако можеби таа не се вклопува во системот на останатите.

Во светот луѓето брзаат, немаат време за себе познавање и околу познавање. Прагматизмот и големата трка по материјалното, pa дури и соседите не си ги познаваат. Отуѓеноста станува главна карактеристика на модерниот свет. Јас со моите пријатели два или два и пол часа ручаме, разговараме, разменуваме искуства. Моите домаќини тоа го прават секојдневно, заедно, за време на ручекот и вечерата. Паѓа друг мој стереотип. Човештвото има шанси!

Господин Хасан управувa семејната компанија за градежништво. Во овој момент гради неколку станбени населби – сателити со вкупно 1.600 индивидуални куќи. Куќите се типски. Околу куќите има двориште од 200 до 300 м2 за секоја единица. Во центарот на секоја од населбите се предвидени општествени згради – училиште, банка, џамија… Сето ова во сред Сахара. Хасан ни ги покажува објектите без никакво чувство на горделивост, како да е тоа наједноставната работа на светот.

Пустината пулсира спокојно. Приквечер посетуваме неколку пријатели на господин Хасан. Гостољубиви, пријатни, седиме на столици надвор. Разговараме природно, без оптоварување, мирно, без политика, со чај и кафе. Вечерата. Поголема просторија, под со теписи, миндери околу. Салати, млеко од камила, урми. Повторно разговор, неусилен, долг.

Градот Брак е полн со зеленило. Фарми за зеленчук, камили, најсочни урми што сум ги пробал. Сонцето пече. Колкаво количество енергија би продуцирал овде каде има бескраен простор. Вода – колку сакаш!

Како во 60-тите години на минатиот век кај баба ми Санда во Гевгелија, спиеме на душеци поставени на подот. Се слуша тишината. Сонувам или размислувам. Се мешаат двете состојби, дали е тука иднината на светот!?

Автор на текст и фотографии: Зоран Петровски

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон