Во денешно време патувањето е подостапно од било кога до сега и со брзиот развој на инфраструктурата, технологијата и туризмот, веќе не се потребни огромни суми на пари и многу денови за да пропатувате на различни дестинации.

Ако ви недостасува поттик или причина за патување, ова се најчестите причини зошто луѓето патуваат, а тоа да не е поврзано со службено патување или обавезна посета на роднини и пријатели во друг крај на светот:

  • Бегство од секојдневието – или уште познато како Ескапизам е една од главните причини заради кои луѓето патуваат, сакајќи да се оттргнат барем за кратко од секојдневните обврски, од работата, од тековните проблеми. Во овој случај патувањето во друг град или држава претставува спас од проблемите и бегство од секојдневната монотонија.
  • Прослава – Многу настани се прославуваат со патување , како на пример: меден месец, венчавки на егзотични дестинации, апсолвентски екскурзии. Исто така и патување добиено како подарок е одличен подарок, бидејќи спомените од тоа патување траат засекогаш.
  • Релаксирање – И ова е една од најчестите причини за патување, за да се опуштат и релаксираат луѓето одат на одмор, во т.н оаза на мирот – за некого тоа е хотел со 5 ѕведички и all inclusive услуга, за друг тоа е викендичка во планина, покрај езеро и сл.
  • Авантура – Некои луѓе се зависници од адреналин, па одат на возбудливи, авантуристички патувања, на кампување, сурфање, скијање на места соодветни за нивниот авантуристички дух.

  • Спознавање на себеси – Патување сами, без друштво, е одличен начин да научите повеќе за себе, да се спознаете себеси. Кога сте сами во непознато опкружување, вие станувате она што навистина сте.
  • Поврзување со други – Патувањето е добар начин да се поврзете со луѓето со кои патувате, затоа треба да се внимава на изборот на партнер, друштво за патување. При патување, скоро секогаш има и непланирани ситуации кои може да ги спојат или разделат луѓето, бидејќи ги гледаат реакциите на другите во различни ситуации, како и начинот на комуникација еден со друг.
  • Стекнување нови знаења – Многу подобро ќе доживеете некое место и ќе научите за него ако го видите во живо, отколку да читате за него или да гледате видеа на интернет. При посета на едно место, во живо ги искусувате луѓето, културата, историјата и начинот на живот.
  • Проширување на хоризонтите – Кога патувате, имате можност светот да го доживеете од друга перспектива, при што некои ваши вредности на одредено место ќе бидат безвредни, но кога ќе сознаете дека постојат и различни вредности од вашите, вашите хориозонти ќе бидат проширени.
  • Инспирација – Патувањата инспирираат, па затоа ако ви е потребна инспирација за некој нов проект – одете на патување на ново место, каде ќе уживате во ново опкружување, ќе видите нови работи и ќе запознаете нови луѓе.

” Барем еднаш годишно, отидете некаде каде што не сте биле досега.” – Далај Лама.