Kолку луѓе познавате кои биле на Непал? По пребројување на пријателите кои патуваат насекаде по светот, сфатив дека јас познавам само еден, кој за среќа се согласи да го сподели ова свое патешествие со нас.
Архитектот Дејан Диневски, голем љубител на природата и планинар, пред месец дена ја посети земјата во која над 80% од површината припаѓа на планини и со свежи импресии одговори на љубопитните прашања:
- Што те инспирира/поттикна да го посетиш Непал? Од каде желбата за посета на оваа несекојдневна дестинација?
Генерално сакам да патувам, дури и на дневна база. По професија сум архитект, по вокација планинар и голем љубител на природата. Непал е едната страна на приказната, Хималаите се другата. Но, после патувањето сфатив дека одат рака под рака. Мој близок пријател одеше често низ годините во Непал, веројатно приказните од прва рака се највпечатливи и возбудливи. Па така, полуспонтано и без многу размислување, се собравме мала група љубители на високите гори и решивме да посетиме еден далечен предел како Непал и националниот парк Анапурна.
- Како го организираше патувањето? Дали е потребна виза за македонските граѓани? Колку трае и дали ти беше напорен патот до таму?
Патувањето за вакви дестинации е препорачливо да се организира барем 6 месеци однапред. Поради воената криза во Украина и поскапувањето на авио билетите на одредени високобуџетни компании, се одлучивме да патуваме преку Белград. Околу 30 часа се потребни да се стигне до главниот град на Непал. Патот беше релативно напорен, возиш кола до аеродромот во Белград, паркираш, леташ до Дубаи шест саати, чекаш на транзит пет саати, леташ за Катманду уште четири саати. На самиот аеродром се вади месечна туристичка виза.
- Први импресии кога пристигна во Непал?
Катманду нѐ дочека во полумонсунска состојба. Месец Октомври по правило би трабало да е сув и ведар. Напротив, нѐ дочека многу влажно и нестабилно време. Први импресии од Катманду беа мирисот и вкусот. Град со 4 милиони жители. Ред во нередот. Луѓето се богатството на Непал и секако религијата, коja е нивно основно и секојдневно образование.
- Колку денови престојуваше и кои се’ места ги посети?
Во Непал претстојувавме околу 16 дена. Прво адаптација на локалната клима во Катманду. Потоа пат кон Анапурна националниот парк кој се наоѓа западно, на околу 150 км од главниот град.
Патиштата се во многу лоша состојба, така да секое транспортирање од едно до друго место трае вечност. По таквите патишта единствено се користат џипови, камиони и моторчиња.
Попатно се поминува низ џунгла, оризови полиња, висечки мостови, водопади, бетонски автопат на 3000м висина, земјени тесни патчиња, па се до снежни наноси на 5416м висина.
Позначајни места се Дарапани, појдовна точка за Манаслу масивот, Кото, распеќе за повеќе различни планинарски дестинации, Чаме, место во кое се одгледуваат планински јаболки, Горен Писанг, место на 3200 м во подножјето на Анапурна 2, Мананг, поголемо организирано планинско гратче во подножјето на Анапурна 4 и Гангапурна масивот, Торонг Ла преминот на 5416м, Муктинат, место за хинду аџилак и место во кое се наоѓа најголемата статуа на Буда изработена во камен од регионот Мустанг, Татопани место каде планинарите одмараат во отворени бањи, после напорни денови поминати на високо.
Покхара е втор по големина град во Непал, кој го препорачувам на секој патник. Во градот владее многу опуштена атмосфера, доминантни се странските посетители. Од тука се формираат експедиции за искачување на Анапурна 1 и Даулагири, кои се дел од највисоките масиви на нашата планета.
- Какви се Непалците? Каков живот живеат во споредба со нас? Која е најголемата разлика во нивниот и нашиот начин на живот?
Непал има 34 милиони жители. Доминантно население, околу 82% се хинду религија и околу 10% се будисти. Остатокот се муслимани и христијани.
Животот во Непал е неспоредливо различен од нашиот во Македонија и на Балканот. Луѓето се премногу сиромашни. Патиштата се во многу лоша кондиција. Религијата е сеуште нивно главно образование. Но, и покрај се, невозможно е да сретнете човек кој нема да ви се насмее, и тоа е нешто кое се врежува длабоко во вас како патник.
Религијата во Непал е секојдневие, и тоа се чувствува силно, дали сте во тесните улички на Катманду или малите подхималајски села.
- Дали имаат слушнато за Македонија?
Се присетувам на разговор со вработен на аеродромот во Покхара. Тој читал за Александар Македонски. Не повеќе од тоа мислам.
- Момент или место што ти остави најголем впечаток и ќе го памтиш уште многу долго?
Веројатно Кото. Попатно место каде за прв пат силно се чувствува хималајството. Мало село на 2640м, со не повеќе од 30 куќи. Не дочека дождливо, такво и не испрати. За прв пат сабајлето пред нас се појави Анапурна 2 и светата планина Ламџунг Химал. Дури тогаш сфаќаш каде си.
Кога читав и истражував за патувањето и регионот, очекував дека високите врвови ќе се гледаат од време на време, таму некаде во далечината. Напротив, ти си постојано во нивното подножје и повеќе од блиску за да оствариш интимна врска со нив. Секој момент е прекрасен. Патувањето е долго, секојдневно се случуваат многу работи за кои треба време да се процесираат.
Ако треба да одберам еден момент, тоа би бил ноќта во базниот камп на 4925м висина. Сетилата се многу изоштрени на таа висина. Се чувствуваше тензија помеѓу сите присутни. Дали се тоа посетители, планинари, качувачи, шерпи или носачи. Веќе сите се многу изморени од долгиот пат, и ова се последните саати пред финалното искачување на преминот Торанг Ла на 5416м.
- Дали Непал е скапа дестинација за посета?
Во Непал генерално се оди за хималајството и искусување на поголеми височини од оние во Европа на пример, без разлика дали е тоа технички или само авантуристички. Искачувањето на планините е само по себе релативно скап спорт. Секако посетата на поголеми висини, не е дозволена без лиценцирани локални водичи и носачи на главниот товар. Сето тоа чини. Но, доколку посетител од Македонија би патувал единствено од туристички побуди, би рекол дека Непал е прифатлива дестинација.
- На кого би му препорачал да го посети Непал?
На сите искрени љубители на високите гори, луѓе, мириси и вкусови.
- Која несекојдневна дестинација ти е веќе во план или би сакал наредно да ја посетиш (и повторно да споделиш со нас 😊)?
Посетата на Непал само подотвори врати за следни патувања и посети на истата земја, од аспект на поголеми височини и други региони. Но, за тоа потоа. А до тогаш, правиме планови за Киргистан, Пакистан или Еквадор. Повторно земји со високи планини.😊
Дејан, ти благодарам што одвои време и го доближи Непал до нас, со што сигурно заинтересира уште некој да го посети. Ти посакувам и плановите за посета на Киргистан, Пакистан и Еквадор што побрзо да ти се остварат и да уживаш во глетката од високите планини. И, те очекуваме со нови, интересни патувања за споделување.
ПС. Изборот на само неколку фотографии, од многуте испратени за овој текст, беше навистина тежок, бидејќи сите беа премногу убави и полни со духот на Непал.
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Дејан Диневски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон