Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Признавам, Дојран пријатно ме изненади. Го посетив ова лето заради “Д Фестивал” – оваа година имаше репертоарот по мој вкус, па поминав еден продолжен викенд во Дојран после повеќе од 7-8 години.

Од годината кога за последен пат го имам посетено Дојран – има голема разлика во нивото на среденост на градот, кој како Охрид треба да биде уште еден наш туристички центар, секако дека може уште подобро, но претпоставувам – се’ во свое време и да се надеваме – полека, но сигурно.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Градот е жив и преполн во овој фестивалски викенд, сместувачките капацитети беа полни месец дена претходно за овој термин. Владееше пријатна, опуштена атмосфера со млади луѓе, сместени во шатори во кампот на фестивалот (во градскиот парк), апартмани, викендици, хотели. Недостасуваше по некое паркинг место и ми сметаа паркираните автомобили на зелените површини, но веројатно градот нема потреба од повеќе паркинг простор во останатите денови од годината. Дојран вака се полни само за време на одржување на двата фестивала: “Д фестивал” и “Мандра фестивал”, а треба да биде полн во текот на целото лето.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk
Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Шеталиштето покрај езерото е чисто и убаво средено со плажи со опрема – сламени чадори, лежалки, базени, beach барови со музика со дј-и, па кога на другар му пратив фотографија од овој дел од Дојран, незнаејќи каде сум, ме праша дали сум во Калитеа. 🙂 Навистина, ако занемариме дека наместо покрај море, шеталиштето е покрај езеро – мала е разликата од местенцата на Халкидики. Пријатна атмосфера и расположени луѓе во кафе баровите покрај плажа, вкусна и тазе храна во рестораните и брза услуга со скопски цени.

Имаше и посетители од странство, па пресретнав Срби и Грци – дел на поминување кон конечната дестинација за одмор, дел дојдени за фестивалот, дел за викенд прошетка и ручек во некој од рестораните.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

“Д Фестивалот” – одличен, организацијата на високо ниво, без инциденти кои обично се составен дел на вакви фестивали насекаде низ светот. Среќни луѓе слушаа добра музика од претпладне до доцна во ноќта, дури ни дождот не успеа да го расипе доброто расположение. Секако дека вреди да се посети барем еднаш и да се доживее  фестивалската атмосфера.

Па, поминете барем еден летен викенд во Дојран, опуштете се на некоја од плажите (Градска плажа, плажа “Фук Так”, плажа “Алекс”, плажа “Калдрма”, плажа “Мрдаја, плажа “Stage”…), испијте кафе во симпатичен кафе бар на шеталиштето, вкусете свежо печена риба или тазе скара во познатите ресторани, направете си убав муабет со Дојранчани – гостопримливи домаќини се и ќе се потрудат да ви угодат и да одговорат на вашите барања, секако во граници на можностите.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Од страна на “Институтот за јавно здравје” соопштија дека годинава водата на Дојранското езеро е препорачлива за капење и рекреација, со матност од трета категорија заради алгите кои процветуваат, но тоа не пречи на квалитетот на езерото. Сепак, ако не сакате да влезете во езерото, може да се оладите во некој од базените на хотелите (хотел “Романтик”, хотел “Истатов”).

Навистина, Дојран за викенд – зошто да не?!

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон