Photo: Shpetim Ujkani on Unsplash

И ова лето, како и минатото, работниците со ниски месечни примања ќе може да одмараат во домашните туристички центри со ваучери во вредност од 12.000 денари.

Министерството за економија денеска објави јавен повик за издавање на ваучери за туризам во износ од 12.000 денари, за кои може да аплицираат работници чии месечни примања во семејството за 2021 година не надминуваат нето износ од 30.000 денари.

Ваучерите за одмор може да се искористат најдоцна до 30 ноември 2021 година и тоа во угостителски објекти за сместување во туристичките центри во Македонија кои претходно се пријавени во Министерството за економија.

Ваучерот може да се искористи само од страна на работникот на чие име е издаден, заедно со членовите на неговата потесна фамилија кои се наведени во апликацијата.

Јавниот повик за пријавување трае до 30 јуни, ваучерите ќе се издаваат пo принципот “прв дојден – прв услужен”, а за реализација на оваа мерка одвоени се 15 милиони денари.

Јавниот повик за издавање на Потврда за користење на средства за организиран одмор во износ од 12.000 денари со потребни документи кои треба да се достават при аплицирање може да ги најдете на овој ЛИНК.