Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Амулијани не е еден од најпопуларните грчки острови како Санторини, Крит, Миконос, не е популарен ниту како Тасос, Закинтос, Скијатос, Крф… но е вистинска мала оаза за релаксиран одмор.

Се наоѓа помеѓу Атос и Ситонија,  во близина на третиот крак на Халкидики, а до него се стигнува со кратко возење со траект од  околу 15 минути, од пристаништето во близина на Уранополис – Трипити, кое чини околу 3 евра/патник. Траектот сообраќа во текот на целиот ден, од рано наутро (7 часот) до навечер (20 часот).

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Со 5 км2 површина и околу 500 постојани жители, Амулијани е идеален остров за вистински одмор, далеку,  сепак блиску до стандардната туристичка гужва.

На островот нема големи хотели од познати светски брендови, па сместувањето е во мали, ниски хотели и апартмани уредени во грчки стил во единственото населено место.

При пристигнување на пристаништето на Амулијани, нема веднаш да ги забележите плажите, бидејќи се вешто “скриени” низ островот, но веднаш ќе ви падне во очи изобилството од зеленило и полиња со маслинови дрвја.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во кристално чистата, сино-тиркизна морска вода може да уживате на песочните плажите: Аликес (најпопуларна плажа на островот), Агиос Георгиос, Мегали Амос, Карагација и други помали, диви плажи (Фака, Тсаска, Масео, Тратоволи), до кои се стигнува по брдовит, на делови и прилично тесен, неасфалтиран пат.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Преку ден се одмара на плажите, а навечер се ужива во грчка храна во таверна, се лади со ладен пијалок во баровите и се прави шопинг во продавничките на островот. Бидејќи нема дискотеки, нема активен ноќен живот, нема гужви по уличките –  ова место е идеалано за мирен одмор на парови или фамилии со мали деца.

Во кратки црти зошто да го посетите Амулијани:

  • Близина до копно
  • Воодушевувачки плажи
  • Спокој
  • Недопрена, убава природа
  • Гостопримство
  • Дневна посета на острови Дренија.
  • Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Амулијани неправедно не спаѓа во популарните острови во Грција, но таа неправда придонесува да може да се ужива во одмор во права смисла на зборот, па не двоумете се да го посетите ако имате потреба од целосно ресетирање на умот и телото.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон