Во Солун најчесто одиме за шопинг во продавниците на улицата “Цимитски”, во “Икеа”, “Космос”, “One Salonica” и за кафе и вкусно гиро покрај море, но овој втор по големина грчки град има уште многу да понуди. Солун низ вековите бил под грчко, отоманско, хебрејско влијание, за денес да е еден од најважните градови во Грција, студентски центар и дестинација за љубители на уметност и култура.

Па, на наредна посета на Солун, одвојте време за:
1. Белата кула (White tower) е заштитниот знак на Солун, изградена како контролна кула на источната страна на градските ѕидини, а потоа пренаменета во затвор. Денес е отворена за туристички посети, од каде има панорамски поглед на градот.

2. Плоштадот Aristotelous – голем плоштад, добро оформен со објекти со убава архитектура околу него и клупи за одмор, а за време на новогодишните празници на плоштадот се поставува природна, висока новогодишна елка.

3. Пристаништето (Лимани) – ова е старо пристаниште, каде сега се собираат млади луѓе во неколкуте ресторани и кафетерии и пред и околу нив, на убаво уреден простор со клупи.

4. Кафе покрај море – Нешто што мора да го направите кога сте во Солун – испијте кафе (или ладен коктел) во некој од многуте модерни или традиционални локали покрај море.

5. 30 -минутна тура со брод (party boat или пиратски брод) – Доживејте го Солун од морска перспектива, пловете во близина на Солунскиот брег и уживајте во забавата која се нуди на бродот.

6. Едно од најфотографираните места во Солун: 13 метри високата скулптурата “Чадори” од грчкиот скулптор Giorgios Zongolopoulos е поставена во 1997 година, кога Солун бил избран за европски град на културата. Се наоѓа на брегот на морето, во близина на Белата кула, а најдобри фотографии се прават на зајдисонцe.

7. Споменик на Александар Велики – на шеталиштето покрај брегот, во близина на скулптурата “Чадори”, со скулптура е оддадена почит на овој голем војсководец и освојувач.

8. Улиците “Cimitski” и “Via Egnatia” – Идеално место за шопинг, содржат безброј продавници од грчки и познати светски брендови, па со сигурност ќе пронајдете тоа што ви треба, а и нешто плус. 🙂

9. Aрхеoлошки музеј – еден од најголемите музеи во Грција, содржи артефакти од сите периоди на грчката историја, а работното врме од април до ноември му е од 8 до 20 часот, од ноември до март од 8 до 16 часот.
10. Ladadika District – Пешачка зона со грчки таверни од кои се шири мирис на вкусна храна. Ова е уличка која никако не треба да ја пропуштите кога сте во Солун. Дегустирајте вкусна грчка храна и уживајте во амбиентот.

11. Црквата Saint Demetrius – Посетете ја оваа црква посветена на заштитникот на градот Солун.
12. Грчка агора и Римски форум – антички остатоци од овие некогаш важни објекти за животот во градот.
13. Аno Poli – Стариот град во Солун, со лавиринт од стари, тесни улички со традиционални куќи, таверни под отворено небо и историски споменици.

14. Kapani market – Пазар на затворено, за: свежо овошје, зеленчук, месо, морска храна, облека и сувенири, каде цените се поповолни во споредба со продавници.
15. Ноќниот живот во Солун е одличен и разновиден – од релаксиран пијалок во бар, таверна со грчка музика, пабови, до најмодерни ноќни клубови каде гостуваат светски диџеи и каде може да заглавите до изгрејсонце. Изборот е ваш.

Уживајте во откривањето на нови, интересни места во Солун.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон