Секој Декември едно од најпоставуваните прашања е “ Каде за Нова година? “ Додека кај нас на Балканот главно собиралиште за дочек на новата година се кафеаните, рестораните и дискотеките, во останатиот дел од светот тоа се плоштадите, планинските места и плажите. Издвојуваме дел од најатрактивните градови за прослава на новогодишната ноќ :

  1. Сиднеј – Којзнае уште колку долго ќе биде на врвот  за прослава на новогодишната ноќ. Тој е еден од првите градови кој ќе ја дочека 2020, со буџет за прослава околу 10 милиони долари и со преку милион посетители. За да се резервира место околу Harbour Bridge, од каде ќе се изведе најголемиот огномет на светот, потребна е резервација со месеци однапред. Пречекот е толку многу атрактивен што веќе постои апликација, која ви кажува каде и колку има гужва за подобар поглед на огнометот и за самата забава.

2. Њујорк – Њујорк е светски познат како едно од најдобрите места за прослава на Новата Година. Може да уживате во изведувачи од светска класа, спектакуларни неонски светла на Бродвеј и познатата топка која се спушта на Тајмс Сквер. Топката е направена од 2.699 кристали и тежи околу 5.400 килограми. Вистинско уживање и огромна журка е новогодишната ноќ во градот што никогаш не спие.

3. Рио де Женеиро – Во вистински бразилски стил, новогодишната ноќ во Рио де Женеиро е една голема забава на плажа.Толпите народ се облекуваат во бело за да донесат среќа во новогодишната ноќ и се собираат на плажата Копакабана за масовна забава каде се слави популарната reveillon (новогодишна ноќ). Во сред лето, во должина од четири километри, на песокот на плажите во Рио, се е во знакот на самба, пени од шампањ и атрактивен 20-минутен огномет што го уживаат два милиона посетители на Копакабана и на бродови кои крстарат во близина. Како и Сиднеј, и Рио е една од најпосакуваните дестинации за пречек на новата година, пред се’ заради топлото време и необичниот сјај на забавата на плажа.

4. Лондон–Повеќе од половина милион луѓе секоја година се собираат околу бреговите на реката Темза, каде за десетина фунти се резервира подобро место за уживање на десет минутен, величествен огномет. Со ѕвоната од Биг Бен започнува огромниот огномет како и светлосно шоу ,тие ги покажуваат убавините на Лондон во ноќта. Бројните забави траат до утро, а на новогодишниот ден, се одржува фестивалска парада на костимирани танчерки, марширачки бендови, кловнови, акробати, шарени бродови на Темза.

5. Рејкјавик – Со само четири часа дневна светлина кон крајот на Декември, луѓето во Рејкјавик знаат да се забавуваат како никој друг, правејќи го најсеверниот главен град на Земјата исто така и едно од најдобрите места во светот за новогодишната ноќ. Во Рејкјавик нема официјална прослава со огномет за новата година, но локалциите не се грижат за тоа. Во пресрет на новата година, стотици илјади луѓе создаваат свој огномет и го осветлуваат градот со над 500 тони огномет, во ритуал кој според нив претставува “ горење на минатогодишните проблеми “. Ова започнува на полноќ и трае до утрото.

6. Бангкок – Мештаните и туристите во Бангкок ја сакаат секоја можност за забава и тие го користат максимумот кој го нуди новогодишната ноќ. Централниот дел на прославата е огромна забава на плоштадот Central World, каде илјадници луѓе се собираат за да уживаат во концерти во живо и светлосни ефекти, како и фантастичен огномет . Слично како на Тајмс Сквер, и на Central World има спектакуларно паѓање на топки кога часовникот ќе означи полноќ, но тука може да се ужива и во потопла клима и мешавина на култури. Неизбежни се целоноќните забави во познатите дискотеки низ Бангкок со танчерки, познати DJ како и реномирани музички звезди.

7. Виена – Културно и архитектонски богат, главниот град на Австрија е одлична идеја за посета во кое било време од годината. За новогодишната ноќ, градот се претвора во улична забава каде не престануваат многубројните гала настани, танцување ,опери и оперети. Забавата трае од 14 часот на 31ви Декември до 02 часот на 1ви Јануари, а најзначаен дел е огнометот на плоштадот кај Градското собрание, како и ѕвоната на Прајтер на полноќ. Градот не само што знае да се забавува ноќе, туку знае и да се опорави многу брзо наредниот ден со концерт на Виенската филхармонија.

8. Хонг Конг – Новогодишната прослава во Хонг Конг го прикажува сјајот на градот на ново ниво и новогодишната ноќ во Хонг Конг привлекува илјадници туристи да го посетат градот во тие денови. Со самото тоа што Хонг Конг е центар на најновата технологија и информатички новини , може да уживате во огномет и да се занесете во шареното светло и звучното шоу наречено “Симфонија на светла”. Одбројувањето на новогодишната прослава во Хонг Конг најдобро се гледа од Convention and Exhibition Centre.

9. Берлин – Познат како град каде забавата никогаш не умира, за време на новогодишната ноќ може да уживате во забавите во многу барови и клубови. Доколку тргнете кон PartyMile, ќе уживате во 2-километарски простор исполнет со шанкови, шатори, штандови со храна и музички бини со разни пејачи и дј-и, кои најчесто се од светска класа. Party Mile се наоѓа помеѓу Бранденбуршката порта и Столбот на победата,  ова е местото каде што можете да најдете најмногу активности, со повеќе од 1.000.000 луѓе што јадат, пијат и се забавуваат до 3 часот наутро, а влезот е бесплатен.

10. Дубаи–Легендарните новогодишни забави во Дубаи познати ширум светот, секако се причина повеќе да го посетите Дубаи за Нова година. Во Дубаи, новогодишниот огномет е вистински синоним за спој на модерно, светско и атрактивно. Екстравагантни пиротехнички и светлосни емисии кон и од Бурџ Калифа и познатиот “танц на вода” во фонтаната пред Бурџ Калифа привлекуваат туристи од цел свет да го видат се ова во живо. За да го доживеете Дубаи во уште поубаво светло резервирајте место во некој од повисоките катови на Бурџ Калифа или резервирајте маса во некој од рестораните со поглед на фонтаната , кои се сместени во најголемиот трговски центар во светот Дубаи Мол.

Ова се само десет градови, кои како и минатите години , сигурно и оваа новогодишна ноќ , ќе понудат најатрактивни спектакли ноќта на 31-ви Декември. Доколку посетите некој од нив или пак друг град каде сте си поминале незаборавно, би биле среќни да споделиме.

Ви посакуваме среќни и весели новогодишни денови каде и да решите да ги поминете.