Ако сте го посетиле Истанбул пред 2020 година, можеби и не сте чуле и не сте ја посетиле малата населба Балат, која иако е една од постарите населби во Истанбул, за странци стана популарна пред само неколу години, благодарејќи на Инстаграм и инфлуенсерите кои почнаа да се сликаат пред нејзините шарените куќарки.

Денес ако прошетате низ Балат, по тесните и стрмни улички ќе се разминете со многу странци кои лутаат по уличките и прават безброј фотографии од колоритните куќи. Црвена, зелена, сина, жолта, розева и портокалова се најчестите бои со кои се обоени фасадите на куќите во низа, кои се стари од 50 до 200 години. Најпозната улица со шарени куќи е улицата Киремит.

Овде времето како да застанало – по тесните улички се’ уште се сушат алишта на жица оптегната меѓу две куќи, деца се’ уште безгрижно си играат надвор, влезните врати од куќите се отворени, па при проаѓање може да ѕирнете во нивната внатрешност, а може да налетате и на сет за снимање на турска серија.

Балат е населба со околу 11.000 жители, сместена во европскиот дел на Истанбул, меѓу населбите Фенер и Ајвансарај, ја оформила еврејска заедница кон крајот на 15-ит век, а во најголемиот развој овде имало 18 синагоги. Денес, тука живеат луѓе (воглавно Турци) со различни религии и култури.

Освен карактеристичните колоритни куќи, во Балат се наоѓа и православната црква “Свети Стефан” (позната и како “Железната црква”) каде почива Партеније Зоографски. Црквата во неоготски архитектонски стил, била изградена од бугарско малцинство кое ја напуштило грчката патријаршија Фенер, а камбанаријата била подарок од Русија.

Уште еден објект кој не може да ви избега од поглед во Балат е грчкиот православен колеџ Фенер. Огромен црвен објект, кој е најстарото и најпрестижното грчко православно училиште во Истанбул, изградено помеѓу 1881 и 1883 година.

И, секако инстаграм атракцијата – шарените скали во Балат (познати и како “Скали на виножитото”) лесно ќе ги најдете, но не секогаш се како на фотографиите на Инстаграм – при мојата посета боите беа избледени (се надевам дека веќе ја обновиле бојата и сега се во полн сјај спремни за многу нови фотосесии), но и такви, се’ уште имаше гужва од странци кои седнат на нив се фотографираа. Овие скали ги обоиле жителите на Балат, сакајќи да ги направат попривлечни, кои исто така имаат насликано и многу графити низ населбата. Мора да признаеме, жителите на Балат се навистина креативни луѓе.

Кога сте во Истанбул, поминете еден убав ден во Балат, по многуте фотографии со шарените куќички, релаксирајте се со турско кафе во некое од модерните кафулиња или пробајте нешто ново од традиционалната турска кујна во многуте ресторанчиња рашткани во населбата, од чии кровни тераси се отвара панорамски поглед на градот, вкусете вкусно, колоритно колаче во слаткара, прошетајте по продавници за винтиџ облека или пак посетете го Музејот на играчки.
Автор на текст: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
А, што се’ треба да посетите и доживеете во Истанбул, прочитајте:
Истанбул – Што се’ треба да посетите и доживеете во градот на два континента