Откако започна пандемијата на Covid-19, најголем дел од авиосообраќајот е ставен на пауза, а луѓето кои се желни за патувања останаа без авионски летови.

Австралиската авиокомпанија Qantas реши да им излезе во пресрет на патниците на кои им недостасува летање со авион, па пушти во продажба “лет до нигде”. Заради пандемијата, жителите на Австралија се уште не можат да патуваат надвор од оваа држава, па овој лет е еден вид спас за сите тамошни жители желни за патувања, што се докажа со тоа што овој лет беше распродаден за само 10 минути, со што стана најбрзо распродаден лет во историјата на оваа авиокомпанија.

“Летот до нигде” ќе трае седум часа, а ќе полета и ќе слета на исто место – аеродромот во Сиднеј. Летот всушност ќе биде разгледување на Сиднеј и неговата околина од високо, вклучувајќи разгледување на познати австралиски атракции, како: Сиднејското пристаниште, Големиот корален гребен и плажата Бонди. Од авиокомпанијата ветуваат незаборавно доживување и изненадувања со познати гости.

Овој лет ќе се изведе со авионот Boeing 787 Dreamliner, кој служи за интерконтинентални патувања и заради големите прозорци е идеален за разгледување од висина од 30.000 стапки.

Летот ќе се случи на 10-ти Октомври оваа година, за кој се продадени 134 карти, кои зависно од класата чинеле од 787 до 3.787 долари.

Раководството на Qantas изјави дека разгледуваат опции и за други вакви живописни летови, додека чекаат да се отворат границите.