Валенсија е трет по големина и важност град во Шпанија, приближно еднакво оддалечен од Барселона и Мадрид. Името на градот потекнува од латинскиот збор Valentia кој значи храброст, а му го дале римските војници кои го основале градот во 138 год пред нашата ера и спаѓа во еден од најстарите градови во Шпанија.

Денес градот има околу 800.000 жители и претставува многу убав спој на средновековна и модерна архитектура, со голем број на културно-историски споменици, дом на: Формула 1 трка, на ресторани кои го нудат домашниот специјалитет -паелја, на незаборавен ноќен живот и долга, песочна плажа. Сето ова придонесува Валенсија да е еден од најомилените градови во Шпанија за посета.

Ако сте љубител на модерна и футуристичка архитектура, тогаш мора да го посетите Градот на науките и уметностите (Ciutat de las Arts i les Ciencies) во Валенсија. Овој дел од градот е релативно нов, но веќе е најважна туристичка дестинација во Валенсија.

Започнат да се гради во 1994 година, дизајниран од врвните шпански архитекти Сантијаго Калатрава и Феликс Кандела, Градот на науките и уметностите бил отворен во 1998 година кога бил завршен само првиот објект од планираниот комплекс – L’Hemisferic.

Овој несекојдневен, футуристички комплекс го сочинуваат 7 објекти:

  1. L’Hemisferic – Објектот личи на огромно око, па затоа освен како Хемисферик познат е и како “око на знаење”. Ова е централниот дел на целиот комплекс, кој на површина од 13.000 м2 содржи кино, планетариум и ласериум. Дизајнот на око е вклопен со голем базен околу овој објект кој е во светло сина боја, а посетителите на комплекост може да уживаат во овој базен возејќи се во проѕирни кануа, чамчиња или да плутаат над водната површина во огромни проѕирни топки. Објектот е долг 110 метри, а широк 55,5 метри и има одлично ехо во внатрешноста на окото – ако двајца стојат на двете спротивни страни во окото, можат да зборуваат еден со друг.

2. El Museu de les Ciencies Principe Felipe – Интерактивен музеј на науката “Принц Филип” кој личи на скелет на кит, изграден во 2000 година. Ова е огромен објект од 40.000 м2, од кои 26.000 м2 се изложбен простор. Објекот има три ката: Приземјето содржи кошаркарско игралиште кое е спонзорирано од локален тим. Првиот кат има поглед на градината Турија. Вториот кат припаѓа за изложба “Наследство на науката” на истражувачитев Сантијаго Рамон Кајал, Северо Очоа и Џанан Даусет. Третиот кат е посветен на човечката ДНК, како и на изложбите Нулта гравитација, Вселенска академија и Марвел суперхерои. Објектот е долг 220 метри, широк 80 метри и висок 55 метри, за кој се употребени 20.000 м2 стакло, 58.000 м3 бетон и 14.000 тони челик.

3. L’ Umbracle – Градина со домородни растенија од Валенсија и многубројни скулптури од современи уметници, како што се Микел де Наваро, Јоко Оно, Франческо Абот и др. Оваа градина е изградена во 2001 година, над паркингот на овој комплекс и во проектот е предвидена како негов влез. Објектот е долг 320 метри и широк 60 метри. При прошетка во оваа градина ќе пешачите помеѓу дрворед од палми , впрочем тие се првиот дел кој ќе го забележите во овој простор, а потоа ќе забележите и други растенија, како грмушки, горчливи портокалови дрвја, мали палми, цветови од лотос, рузмарин, лаванда,агата и многу други.

4. L’Oceanografic – Ова е најголемиот океанографски аквариум во Европа, на 110.000 м2, со 42.000 000 литри вода, а отворен е во 2003 година. Има форма на воден крин, а секој од деловите претставува различно водено опкружување со водниот свет кој живее во него, па така има дел посветен на морскиот свет во Средоземното море, Антарктикот, Арктикот, Црвеното море и мочуриштата низ светот. Во Океанографикот има над 500 видови риби и животни, како што се белуга, делфини, медузи, ајкули, ражи, морски лавови, моржови, пингвини, желки, крокодили, фламинга и многу други. Во текот на денот се одржува и шоу со тренирани делфини, тренирани од искусни и млади тренери, кое треба да го гледате кога ќе го посетите овој комплекс.  Во овој аквариум може да поминете и еден цел ден, бидејќи во негов склоп има и неколку ресторани и кафетерии, како и продавници за сувенири.

5. El Palau de les Arts Reina Sofia – Оперска куќа и уметнички центар посветен на музиката и изведувачките уметности, отворена во 2005 година. И овој футуристички објект, како и сите останати во Градот на уметностите и науките е архитектонско чудо со “лебдечко” покривно јадро, две челични школки кои ја покриваат зградата тежат над 3.000 тона. Објектот е долг 230 метри, а висок 70 метри, а во внатрешноста содржи четири дела: главна сала, мастер сала, аудиториум и театар.

6. El Pont de la Assut de l’Or – Мост од челични преднапрегнати кабли, препознатлив за архитектонското творештво на Калатрава, завршен во 2008 година. Под него всушност нема река, бидејќи реката Турија која поминувала низ овој дел од градот е одамна пресушена. Мостот е долг 180 метри, а врвот на мостот достигнува висина од 125 метри, што е највисока точка во градот.

7. Agora – Агора е мултифункционален простор за одржување на различни настани, како концерти, претстави, изложби, конгреси, спортски собири (како Валенсија Опен 500). Овој објект е последен изведен во комплексот и е отворен за јавност во 2009 година. Има форма на еклипса во бело-сина боја, зафаќа површина од 5.000 м2, со максимална височина од 80 метри. Максимален капацитет на седишта му е 6.075.

Првичниот предвиден буџет за Градот на науките и уметностите од 300 милиони евра бил троструко надминат кога се завршиле сите објекти, но се чини дека целта ги оправдува средствата, бидејќи овој комплекс е еден од најпосетените места во Валенсија и е едно од 12-те богатства на Шпанија.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон