Милано – Италијанскиот град познат како центар на високата мода, истовремено е и најбогатиот и најразвиениот град во Италија, дом на италијанската берза, на одличен ноќен живот и на едни од најголемите фудбалски клубови во светот – Милан и Интер.

Не двоумете се да го посетите овој италијански град, да ги посетите неговите знаменитости и луксузните продавници, како и да уживате во вкусната италијанска кујна.

Во Милано не ги пропуштајте овие 10 работи:

1. Во Милано прво нешто што ќе ве воодушеви е неговиот заштитен знак – величествената катедрала Дуомо. Сместена во срцето на градот, изградена е во готски стил, петта е по големина катадрала во светот – висока 108 метри, а широка 158 метри. За нејзината комплетна изградба биле потребни 6 века.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

2. Пред катедралата Дуомо се наоѓа плоштадот Дуомо – Пјаца Дуомо, околу кој има ресторани и кафе барови, од каде може со пијалок во рака да уживате во глетката на катедралата.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

3. Од Пјаца Дуомо се влегува во Галеријата Виторио Емануеле – уште една градба која воодушевува со својот изглед со стаклени тавани, полна со продавници на луксузни брендови, важи за најстар трговски центар во светот. Ако сте зависници од мода, тогаш имајте ја во предвид и престижната модна недела во Милано.

Photos from www.unsplash.com

4. Во најпознатата оперска куќа во светот “La Scala” ако имате среќа да начекате карти за време на вашиот престој во Милано, ќе уживате во врвна изведба на најдобрите светски оперски пејачи.

Photo: Damir Samatkulov from Unsplash.com

5. Милано е дом и на едно од најпознатите дела на Леонардо да Винчи – “Тајната вечера”, кое се наоѓа на ѕид во црквата Санта Марија дела Грација”.

Photo: Satvik from Unsplash.com

6. Квартовите Навигли и Брера – покрај каналите на реката во Навигли има многу барови и ресторани за да се претопите со жителите на Милано, а во Брера да го почувствувате ноќниот живот.

Photo: Siavash from Unsplash.com

7. Замокот Сворцеско – изграден во 15-от век, е еден од најголемите замоци во Европа и симбол на историјата на градот.

Photo: Maria Cappelli from Unsplash.com

8. Пинакотека Брера – сместена во дворецот Брера, содржи една од главните збирки на италијанското сликарство, каде може да погледнете многу ренесансни ремек дела на италијанските уметници.

Photo: Sebastiano Piazzi from Unsplash.com

9. Стадионот Сан Сиро и(ли) Џузепе Меаца – ако сте навивач на фудбалските клубови Милано или Интер, тогаш не пропуштајте да го посетите нивниот дом – импозатниот стадион кој е изграден во 1934 година за Светското фудбалско првенство кое се одржало во Италија.

Photo: Zach Rowlandson from Unsplash.com

10. Современа архитектура – Вертикална шума или Bosco Verticale – згради кои на својата фасада имаат над 90 видови на зеленило:

Photos from www.unsplash.com

Во Милано може да пристигнете со редовна директна авионска линија Скопје – Милано – Скопје, на авиокомпанијата Wizz Air, од Меѓународниот аеродром Скопје.