Викенд во Италија, до каде може да стигнете со авион од Скопје за помалку од 60 минути лет?!? Не размислувајте долго, купете авионска карта и уживајте неколку дена во душата на јужна Италија – Бари.

На брегот на Јадранското Море, во срцето на регионот Пуља, Бари е град кој совршено ги спојува богатата историја, автентичната италијанска атмосфера и опуштениот медитерански начин на живот. Иако често е само почетна станица за посета на Алберобело, Полињано а Маре или Матера, Бари е дестинација што заслужува барем еден викенд исполнет со прошетки, одлична храна и откривање на неговите ненаметливи знаменитости.

Бари е главен град на регионот Пуља и едно од најважните пристаништа во јужна Италија. Благодарение на својата стратешка положба на брегот на Јадранското Море, со векови претставува значаен трговски, поморски и културен центар, како и главна порта што ја поврзува Италија со Балканот и источниот Медитеран. Историјата на Бари датира повеќе од 2.000 години. Градот бил населен уште во античко време. Секој период оставил свој белег врз архитектурата и културата, што денес најдобро се чувствува во живописниот стар дел на градот. Денес Бари е модерен универзитетски и економски центар, но истовремено успева да го зачува својот автентичен медитерански дух и традиција.

Првата станица е Bari Vecchia, стариот град. Ова е срцето на градот, каде што тесните калдрмисани улички, камените куќи и малите плоштади создаваат чувство како времето да застанало. Прошетајте без мапа низ тесните улички, каде ќе уживате во автентичната атмосфера. Куќите најчесто се изградени од светол варовник, што му дава на градот препознатлива бела-крем боја, и со балкони полни со цвеќиња и алишта кои се сушат над улиците.

Посебна атмосфера создаваат малите сводови, внатрешните дворови и бројните ниши со икони и светилки вградени во фасадите на куќите. Овие детали сведочат за вековната традиција и секојдневниот живот на жителите на Бари.

Додека талкате низ лавиринтот од улички, ќе дојдете и до улицата “Arco Basso” каде ќе ги сретнете познатите „нонни“ (баби) кои пред своите домови рачно ги подготвуваат традиционалните орекиети (orecchiette) – паста која е заштитен гастрономски симбол на Пуља. Секако, не заминувате од уличката без да купите тазе орекиети, превкусни се.

Старата архитектура на Бари е една од најавтентичните во јужна Италија и претставува спој на византиско, норманско, романско и средновековно наследство.
Најзначајни архитектонски зданија кои треба да се посетат во Бари се:
Базилика Свети Никола – Сместена во стариот град, ова е најпознатата знаменитост во Бари и едно од најважните дела на апулиската романичка архитектура, со масивна камена фасада и едноставна, но импозантна форма. Изградена е во 11-от век за да ги чува моштите на Свети Никола, кои во 1087 година биле донесени од Мира, денешна Турција.

Во внатрешноста се наоѓа богато украсената крипта со гробот на Свети Никола, древен кивориум над главниот олтар и бројни средновековни уметнички детали. Денес базиликата е важно место за поклонение и за католиците и за православните христијани и привлекува милиони посетители секоја година.

Недалеку се наоѓа Катедралата Свети Сабино, уште едно архитектонско ремек дело кое вреди да се посети. Ова е главната римокатоличка катедрала во Бари и седиште на надбискупијата. Иако многу посетители на Бари прво ја посетуваат Базиликата Свети Никола, Катедралата Свети Сабино е официјалната катедрала на градот и важен пример за спојот на римски, византиски, нормански и барокни влијанија што ја обликувале историјата на јужна Италија.

Стариот град од едната страна е опколен со Кастело Свево – средновековна тврдина со дебели камени ѕидови и кули, обновувана низ вековите од различни владетели. Изградена во 12-ти век, таа е уште едно значајно историско обележја на градот, а денес служи како музеј и простор за изложби и културни настани и нуди прекрасен поглед кон старото јадро и морето.

Еден од најубавите начини да се доживее Бари е утринска прошетката по неговото долго крајбрежно шеталиште – Lungomare, кое се смета за едно од највпечатливите во Италија. Наутро е идеално за кафе со поглед кон Јадранот или пак за попладневен Aperol Spritz, а навечер оживува со локалци и туристи кои уживаат во прошетка покрај морето.

Помеѓу Стариот град и шеталиштето Lungomare, не може да го пропуштите Teatro Margherita, еден од најпрепознатливите објекти во Бари. Овој објект е посебен, бидејќи бил изграден директно над морето, на столбови, што било многу необично за тоа време кога бил граден, помеѓу 1912 и 1914 година. Тоа било направено за да се заобиколи договорот според кој било забрането да се градат нови театри на градското земјиште, па затоа театартот бил буквално изграден во море. Иако бил изграден како театар, денес објектот е музеј на современа уметност.

Освен Teatro Margherita, ако има претстава вреди да се посети и Teatro Petruzzelli – една од најголемите и најубавите оперски куќи во Италија.
Доколку времето е сончево, викендот може да го заокружите со неколку часа релаксација на градската плажа Pane e Pomodoro, која се наоѓа на кратка прошетка од центарот и е омилено место и на локалното население.

Бари е вистински рај за гурманите. Италијанската кујна во Бари ќе ве воодушеви, па нема да знаете што попрво да пробате.
Не си заминувајте од Бари без да пробате пица во една од најпознатите пицерии во Италија – “Da Michele”, каде најверојатно ќе треба да почекате ред за да влезете, но ќе вреди секоја минута, бидејќи тука ќе ја пробате една од најубавите пици Маргарити кои досега сте ги јаделе.

Пробајте и:
Orecchiette alle cime di rapa – традиционалната тестенина во овој дел на Италија, најпознатата паста во Пуља. Рачно изработени „ушиња“ од тесто, послужени со брокули, маслиново масло, лук и аншоа или пак со сос од домати и бурата.

Сендвич со октопод или морски плодови. Бари е пристанишен град, па октоподот, школките, ракчињата и свежата риба се неизоставен дел од локалната кујна.

Focaccia Barese – заштитен знак на Бари. Мека одвнатре, крцкава однадвор, со чери домати, маслинки и екстра девствено маслиново масло. Совршена за појадок или ужина.
Panzerotti – пржено тесто полнето со моцарела и домати, омилена улична храна во Бари.
Burrata и Stracciatella – свежи кремасти сирења од Пуља, кои најдобро се комбинираат со локални домати и маслиново масло.

Dolci pugliesi (Le Tette) – превкусен, мек колач полнет со крем од лимон, чоколадо, јагода, фстак. Ќе пробате едно, ќе сакате да пробате од сите.

И секако – италијанскиот сладолед гелато – вкусови безброј, тешко е да се одберат само неколку.

Бари не е град што ќе ве воодушеви со раскошни палати или големи туристички атракции. Неговата магија се крие во мирисот на свежо печената фокача, во разговорите што одекнуваат низ тесните улички, во пиење кафе на плоштадче, во звукот на брановите што удираат во старите градски ѕидини и во чувството дека, барем за еден викенд, сте станале дел од вистинскиот италијански, медитерански живот.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
Алберобело – Бајковито италијанско гратче со уникатни бело-сиви куќички






