Едно од најчесто поставуваните прашања пред тргнување на пат со авион е прашањето што смееме, а што не смееме да спакуваме во рачниот багаж? Освен запазување на димензиите на рачниот багаж и неговата тежина, кои се пропишани од страна на авиокомпанијата, потребно е во рачниот багаж да спакуваме само предмети кои ги дозволуваат авиокомпаниите, за да не бидеме приморани при проверка на багажот да треба да фрлиме дел од него.
Што смее да се носи во рачен багаж:
1. Козметика
Кремови, гелови, шампони, парфеми, маскара, пена за бричење – мораат да бидат спакувани во садови не поголеми од 100 ml, a по патник е дозволено вкупен максимум од 1 литар, што значи – максимум 10 садови од по 100 ml.
Козметиката треба да биде спакувана во една, провидна кеса со (патент) затварач, со димензии од околу 20х20 см. Имајте во предвид дека секој сад не смее да биде поголем од 100 ml (ако на пример имате парфем во сад од 150 ml, a садот е полн не повеќе од 50 ml – сепак нема да може да го внесете парфемот во авион во рачниот багаж).
Носете стик дезодоранс наместо спреј, бидејќи спрејовите се запаливи и нема да може да ги внесете во рачен багаж.
Во рачен багаж може да понесете четка за заби и паста за заби во пакување до 100 ml.
2. Храна
Во рачен багаж може да спакувате храна за бебе, како и: кекси, чоколадо, сендвич, свежо овошје и зеленчук, зрнести плодови, вода или сокови спакувани во сад не поголем од 100 ml.
3. Лекови
Лекови може да се носат во рачен багаж, но ако се во течна состојба не треба да надминат пакување од 100 ml. Ако имате потреба да спакувате поголема количина на лек или не сте сигурни дали може да понесете одреден лек, во тој случај е најдобро да се информирате директно во авиокомпанијата со која планирате да летате. Лековите носете ги спакувани во нивната оригинална кутија. Ако треба да носите медицинско апаратче како инхалатор или дефибрилатор – може да го внесете во авионот, но само со претходно одобрување од страна на авиокомпанијата, односно со медицинска белешка во која е наведено дека имате потреба од тој апарат, која треба да ја прикажете при чекирање на аеродромот.
4. Електронски уреди
Препорачливо е електронските уреди како: мобилен телефон, лаптоп, фотоапарат, камера и сл. да ги носите со вас во рачен багаж, наместо во голем, чекиран куфер, како би избегнале нивно оштетување. При контрола – скенирање на рачниот багаж потребно е електронските уреди да ги извадите од торбата и секој посебно да го покажете на одговорното лице за скенирање.
5. Облека
Во рачен багаж може да носите облека и обувки, а исто така имајте во предвид дека климата која работи во текот на летот во авионот е со прилично голема јачина, па препорачливо е да имате при рака некоја потопла облека, како не би ви било студено во авионот.
Што НЕ смее да се носи во рачен багаж:
Запалки, нож, ножици, штрафцигери, бургии и сличен алат, брич, батерии, киселини, опрема за боречки спортови, скијачки стапови, палки за голф и останати предмети кои се остри и можат да предизвикаат повреди, а секако се подразбира дека во авион не смее да се внесе и никаков вид на оружје, запаливи направи, отрови и експлозиви.
Секоја авиокомпанија има свои правила за дозволени димензии и тежина на рачниот багаж, како и можни отстапки од горенаведените правила, па препорачливо е пред тргнување на пат со авион да ги проверите условите на авиокомпанијата со која ќе летате, кои се дадени на нејзиниот официјален веб сајт.