Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

На најмирниот, трет крак на Халкидики, на оддалеченост од 203 км од граничниот премин Евзони, на граница со Света Гора се наоѓа малото симпатично, приморско гратче Уранополис.

Уранополис успешно балансира помеѓу туризмот и духовноста, тоа е место кое е исполнето со туристи, таверни, барови, продавници, но и свештени лица кои живеат или престојуваат одреден период на Света Гора, а сето тоа е испреплетено со убави, песочни плажи со кристално чиста, морска вода и широка понуда на хотелско сместување. Освен Грците, овде најчести туристи се: Руси, Романци, Унгарци, Македонци, Срби.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Симбол на градот е стара кула од Византискиот период “Prosforio” која датира од ХIV век, а денес е музеј во кој се наоѓаат христијански антиквитети од Халкидики. Кулата се наоѓа на брегот на морето и веднаш паѓа во очи како најмаркантен и најстар објект во ова место.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во близина на кулата се наоѓа мало пристаниште од каде испловуваат бродови до главното пристаниште на Света Гора (ова е појдовна точка за сите кои оние кои ги посетуваат манастирите на Света Гора), како и за дневни туристички посети на ненаселените острови во близина – Дрениа и Магарешки остров, кои како и Уранополис вредат да се посетат заради недопрената природа со прекрасни плажи.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Уранополис е место за мирен одмор, нема активен ноќен живот, сите ресторани, барови и продавници се отворени само до полноќ, па акцентот е ставен на денско уживање на песочните плажи, кристално чистата, небесно сина морска вода и релаксирани барови на плажите.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Идеален за одмор на семејства со мали деца или мирен одмор за парови, Уранополис има неколку хотели и други сместувачки капацитети, но поголем избор на поголеми хотели има надвор од градот. На околу 2 километри оддалеченост од Уранополис има голем број на хотели сместени на брегот на Егејското море, кои пријатно ќе ве изненадат со модерен изглед, неверојатна гостопримливост и разновидна, вкусна храна.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Несекојдневно за грчко гратче на Халкидики, но бидејќи е туристичко место на граница со Света Гора, во Ураноплис има многу продавници со предмети со верски мотиви и рачни изработки од монасите од Света Гора: икони, свеќи, кандила, темјан и сл. кои се перфектен избор за сувенир од ова место. Духовноста овде навистина се чувствува во воздухот, на секој чекор.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

По поминат ден на некоја од плажите во Ураноплис, се ужива во спектакуларно зајдисонце со поглед на островот Амулијани, со дегустирање на вино од овој грчки регион.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Од Ураноплис може да го посетите и островот Амулијани – на 10 километри оддалеченост од градот се наоѓа пристаништето Трипити, од каде со траект за околу 15 минути возење се стигнува на островот. Исто така, на третиот крак во непосредна близина се наоѓаат и Неа Рода (на оддалеченост од 10 км) и Јерисос (на оддалеченост од 15 км), мали места со убави плажи кои не треба да се заобиколат.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Атос, третиот крак на Халкидики е помалку посетен од туристи, дел поради тоа што поголема површина од кракот припаѓа на Света Гора која не е отворена за посета за секој турист, дел заради поголемата оддалеченост од останатите два карака, но гратчињата, плажите и морето не се помалку привлечни од местата на Касандра и Ситонија, а ако еднаш го посетите Ураноплис – ќе се вратите повторно.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон

Интересни факти за Света Гора и како може да ја посетите може да прочитате:

Света Гора – малку познати факти