Започнувајќи од денес 24 јануари, пред влезот на Меѓународниот Аеродром Скопје, се прават брзи антиген тестови за кои резултатите се готови за 15 – 20 минути. Ова е со цел да им се обезбеди опција на патниците да направат атиген тест потребен за одредени дестинации, ако не направиле таков тест пред пристигнување на аеродромот.

Во соопштението на ТАВ Македонија се вели:

“Со цел да одговориме на најновите рестрикции за патување воведени поради КОВИД-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната ТАВ Македонија најде решение за барањето за брзи антиген тестови направени непосредно пред заминувањето на патникот.

Почнувајќи од недела, 24-ти јануари, лабораторијата „Жан Митрев” ќе распореди свое мобилно амбулантно возило за тестирање пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците ќе можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.

Подвижното возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје во недела (24.01. 2021), од 9 до 15 часот, следејќи го редовниот дневен распоред на летови.

Подвижното амбулантно возило за брзо антиген-тестирање на лабораторијата „Жан Митрев”, ќе биде присутно на скопскиот аеродром и во следните денови, следејќи ги времињата на летовите до дестинациите/земјите коишто ги воведоа новите ограничувања за патување.

Доколку одлучите да направите брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, апелираме да пристигнете на аеродром навреме, најмалку 3 часа пред времето на полетување.”

Целосното соопштение може да го прочитате на Фејсбук страната на Меѓународен аеродром Скопје.