Без и малку сомнеж кои места треба да ги посетам додека летниот одмор решив да го поминам во Шарм ел Шеик, знаев дека највозбудлива и најинтерсна ќе биде посетата на Ерусалим во Израел. Очекував напорен пат , со часови возење во автобус, поминувајќи ја една од најстрого чуваните граница во светот, онаа помеѓу Египет и Израел , рано изутрина пристигнав на светската туристичка атракција-Мртвото море.

Мртвото море

Мртвото море се простира во границите на две држави Израел и Јордан. Има најголем солинитет од 33% , кој е девет пати повеќе од било кое море во светот, што доведува до тоа да во него не постои било каков микроорганизам кој може да опстане. Длабоко е околу 400 метри и на дното на морето има глина со висок процент на сол, натриум, калиум, магнезиум, која се користи во здравствени цели. Заради големиот процент на сол кој го содржи Мртвото море, е идеално за непливачи – едноставно не може да се потоне. На брегот на морето има убаво уредени угостителски објекти, каде можете да одморите и да се освежите од пеколните температури кои во текот на целата сезона се околу 32-39 степен. После поминати неколку утрински часови на Мртвото море и испиеното кафе во блискиот ресторан, го продолжив моето патешествие кон Светиот град – Ерусалим.

Ерусалим

“Кога десете убавини се спуштиле на земјата, девет му припаднале на Ерусалим, а една останала за остатокот на светот.”

Во секој агол, камен, дрво, уличка, двор има историја, која не остава рамнодушен никого, кој ќе се најде токму тука на светилиштето на светската цивилизација.

Да тргнеме со ред (доколку воопшто постои ред кога станува збор за разгледување на ваков богат со историја и традиција град) но, секако од каде и да почнете со разгледување на Ерусалим нема да згрешите. Прва локација кога пристигнав, која ми ја посочија за почеток на разгледување беше Маслиновата гора.

Маслиновата гора

Маслиновата гора се наоѓа на еден километар од стариот град на Ерусалим на 800 метри надморска висошина, од која има поглед на целиот град. Тоа е и свето место од кое Исус го набљудувал цел Ерусалим и плачел заради неговото уништување кое го чекало. Делува импозантно нејзиното подножје кое е исполнето со маслинови дрвца како и погледот кој овозмужува да направите убави фотографии за спомен од Ал Акса џамијата.

Стариот дел на Ерусалим

Ерусалим е свето место на три религии : христијанската, исламот и јудаизмот. Во овој град Исус е мачен, раcпнат и воскреснал. Тука можете да поминете по улицата по која тој е воден на погубување. Во стариот град се наоѓаат: Исусовиот страдален пат, Голгота, Црквата на Христовото Воскресение, Исусовиот гроб, Sидот на плачот .Исто така  при шетање низ стариот град на Ерусалим треба да се помине улицата Jaffo. Секој чекор низ оваа улица е историја, впрочем како и низ цел Ерусалим. Оваа улица завршува на плоштадот преку кој се поминува по новиот мост, кој е дело на познатиот архитект Калатрава.

Црквата на Исусовото воскресение

После Исусовиот Страделен пат низ стариот град, се упатив до најсветото христијанско место, Црквата на Христовото Воскреснување, која е изградена над пештерата во која Исус било положен откако го симнале од крстот. При влез во црквата може да се види розева камена плоча кое е место на кое било положено Исусовото тело. Од оваа камена плоча и ден денес истекува миро со кое може секој посетител да намачка дел од своја ткаенина која засекогаш останува да потсеќа и мириса на светото место. Преубав елемент е и мозаикот над самата плоча од Исусовото легло, кој преставува симнување на Исус од крстот.

Исусовиот гроб, да се види и поклони

Едноставно се е кажано во насловот за ова свето место. Само да напоменам дека овде и кога не се празници се чека со часови да се дојде до гробот на Исус да се види и да се поклони секој посетител над него, така да бидете спремни на овој вид гужва и одвојте си доволно време. Во исусовиот гроб и капелата Анџела секојдневно се вршат по три литургии и тоа прво богослуваат Грци, потоа Ермени и на крај Католици.

Ѕидот на плачот

Секако дека за мене најинтересниот момент беше средбата со Ѕидот на плачот. Ова камено здание е убедливо најпосетуваното место во Ерусалим, а едно од најпосетуваните во светот. Ѕидот на плачот е западниот дел на ерусалимскиот стар град, кој завршува токму тука каде сите си наоѓаат мал, празен простор во него да остават пишана порака, да се помолат, поклонат.

Ал Акса џамија

Едно од најпознатите муслимански светилишта џамијата Ал Акса се наоѓа на Храмовна гора во стариот дел на Ерусалим. Во минатото била ерусалимски храм ,но подоцна по рушењето на дел од стариот град, го превзеле Отоманите и ја изградиле Ал Акса џамијата. За жал, позната стана во поново време по тоа што во истата ноќ кога се запали црквата Нотр Дам во Париз, имаше пожар и во неа, но за среќа штетата е минимална.

Давидова кула

Сместена во стариот град на само неколку минути пешачење  од плоштадаот и мостот на Калатрава простигнав пред портите на Давидовата кула. Оваа кула остава без здив секој кој ќе ја посети, окружена со археолошки остатоци постари од 2700 години, претставува прав симбол и гордост на Ерусалим. Нејзин составен дел е и малата цитадела во близина на Јафината капија, која е една од најпознатите симболи на стариот град.

Витлеем

Остотокот од времето свесно го оставив за Витлеем. Да дојдете овде, а да не го посетите Витлеем  едноставно е невозможно. Да,навистина е тешко е да се организира доколку патуваш сам, но со водич и агенција е возможно. Така решив да го поминам големиот бетонски ѕид долг стотина километри кој сведочи за долгогодишната поделеност на двата народи -Палестинскиот и Еврејскиот. Границата е една бодликава жица, куќарка и детален преглед на патниците кои поминуваат од едната на другата страна.  Моја желба и цел  во Витлеем , впрочем како и на илјадници туристи кои тука доаѓаат заради една причина: Црквата на Христовото раѓање местото каде Јосиф и Марија пристигнале од Назарет. Стотина луѓе чекаат да влезат низ вратата широка одвај сто санитметри и направена од камен, за да стигнат до малата пештера на местото каде според Библијата е роден Исус. Парче од пештера каде е прв пат повиено малото дете Исус од Назарет.

Обидот да ви предложам на што да обрнете внимание додека шетате низ светиот град, не значи дека сум ги изумил:  Местото каде е пишувано светото писмо- Давидовиот град, но и најголемиот меморијален центар за еврејските жртви во Втората светска војна, по проект на архитектот Моша Сафдие, Библиската Зоо градина, стариот пазар, но и ултрамодерниот дел во Ерусалим каде можете да најдете брендови од најголемите светски компании за ИТ технологија и сл.

Го оставам Ерусалим позади мене со чувство дека тука времето, историјата, мислите, идеите се вечни. Патот, страдањата, голготата, но и воздигнувањето и добрините кои преку Ерусалим ги ширел човекот од Назарет остануваат за наредни поколенија илјадници години понатаму, како треба да се однесуваме и во денешно цивилизациско опкружување.

 

Автор на текст:  Д.Томиќ

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.