Photo: Taha Sas/Unsplash

Вакцинирањето за Covid-19 веќе започна во одделни држави и се очекува набрзо тој процес да се рашири насекаде низ светот за да се стави крај на пандемијата, а засега вакцините не се задолжителни. Но, дали ќе биде задолжително вакцинирањето како услов за патување со авион?

Ова прашање го отворија авиокомпаниите во целиот свет, па има различни мислења помеѓу два избора: задолжително тестирање пред лет или задолжителна вакцина.

Photo: Phil Mosley/Unsplash

Австралиската авиокомпанија Qantas Airways излезе со соопштение дека вакцина против Covid-19 ќе биде задолжителна за патниците на нивните меѓународни летови, наговестувајќи дека ова би можело да го прифатат и други земји, како што на пример веќе постои правило за задолжителна вакцина за жолта треска за влез во одделни држави.

Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај IATA пак смета дека систематско тестирање е пресудно за што побрзо отварање на границите, а задолжителна вакцинација не би фунционирала на глобално ниво.

Генералниот директор на Меѓународниот совет на аеродроми ACI Луис Фелипе де Оливеира смета дека карантинот го сопре авионскиот сообраќај и дека вакцинацијата би имала ист ефект, како и тоа дека ќе биде потребен подолг период за вакцината да биде достапна насекаде во светот.

Засега мислењата се различни, иако преовладуваат тие што се против задолжително вакцинирање за летање со авион и се верува дека наместо за вакцина – повеќето држави ќе се одлучат за задолжително тестирање за Covid-19.