Светот често освен физички, го патуваме и преку книги, кои мајсторски ни доловуваат одделни места, за кои подоцна кога ќе ги посетиме, веќе имаме чувство дека ги имаме доживеано. Но…и книгите може да патуваат.
За да книгите не фаќаат место и прашина на полици, а и за да се споделат и да се стекнат пријателства насекаде низ светот, постои сајтот “Bookcrossing”, кој овозможува една книга да го прошета целиот свет, со цел што повеќе луѓе да ја прочитаат. Од “Bookcrossing” велат дека “оваа акција го менува животот на книгата, но и животот на нејзиниот сопственик.”
“BookCrossing” e “светска библиотека” преку која книгите добиваат нов или продолжен живот. Преку овој сајт книгата се пренесува од читател на читател, на секоја страна на светот, при што сопственикот на книгата која ја пуштил да патува, може да го следи нејзиното патешествие.
Како функционира?
- Треба да одберете книга која сакате да ја споделите низ светот и бесплатно да ја регистрирате на сајтот, при што ќе добиете ID број за книгата.
- Обележете ја книгата со ID бројот (може да го испринтате ID бројот или рачно да го впишете на првата страница од книгата, при што може да додадете и ваша лична порака).
- Книгата сега е спремна да го пропатува светот. Може да ја оставите на која било локација (клупа во парк, трговски центар, на автобуска станица, во воз, на аеродром, во авион, на маса во вашиот омилен ресторан или на кое било друго место каде може да ја најде друг читател) или може лично да ја предадете на пријател, познат или непознат човек.
- Започнете да го следите непредвидливото патувањето на вашата книга – на кои дестинации ќе успее да стигне, а можеби и вас ќе ве однесе таму. Кога друг читател ќе ја најде и земе вашата книга, откако ќе го прочита упатството и ID бројот, може да го внесе на сајтот и да пријави каде е моментално книгата. Некои книги патуваат само во одреден регион, додека други книги го пропатуваат цел свет!
Во овој момент има 1.909 000 т.н Пренесувачи на книги и 13.444.266 книги кои патуваат низ 132 земји. “Bookcrossing” постои од Април 2001 година.
Топ 10 држави во кои најчесто патуваат книгите:
- САД 29%
- Германија 16%
- Велика Британија 13%
- Холандија 11%
- Финска 10%
- Канада 8%
- Австралија 5%
- Франција 4%
- Португалија 3%
- Шпанија 1%
Вреди да се проба. 🙂