Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Летот Скопје – Бодрум беше моето прво патување со авион од почеток на пандемијата. Летот трае 1 час и 15 минути, па времето во авионот многу брзо ми помина, среќна и возбудена што конечно после подолг период сум повторно во моето омилено превозно средство, на пат кон одамна посакувана дестинација, секако со почитување на мерките против ширење на вирусот – со маска на лицето од почеток до крај на летот. Најверојатно имав среќа што авионот не беше целосно полн, па не се чувствував како некој да ми дише во врат (што е непријатно и во нормални услови, а камо ли сред пандемија), бидејќи имаше барем по едно празно место во секој ред (што не беше случај и нa летот за враќање назад).

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Патувањето од аеродромот до хотелот беше интересно како панорамска тура низ брдовитиот Бодрум, при што веднаш ми падна во очи дека сите објекти во Бодрум се со бели фасади и рамни кровови, а поголем дел од нив имаат сино обоени рамки околу прозорците и влезната врата – како декоративен детаљ, но и практичен – скорпиите ја гледаат сината боја како оган црвена, заради што не влегуваат во внатрешноста на куќите.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во хотелот пристигнавме во 11 часот, па требаше да почекаме до 14 часот за да влеземе во соба. (Во хотелите во Бодрум check in е во 14 часот, за check out во 12 часот). Смешно, но патот од Скопје до Бодрум ни траеше многу пократко отколку чекањето да се сместиме во соба, но веднаш заборавивме на тоа кога влеговме во собата и го видовме погледот од балконот – буквално целиот залив ми беше на дланка, 50 нијанси сино уживање. И откривањето на Бодрум можеше да започне.

Поглед на заливот од собата во хотел “Royal Asarlik Hotel & Spa” Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Бодрум е најпрестижното летувалиште во Турција, сместен на југ на Бодрумскиот полуостров, со заливи кои изобилуваат со плажи, во чија близина се изградени голем број на хотели, ресторани, кафулиња, продавници, уметнички галерии. И не случајно Бодрум изобилува со уметност – пред да стане монденско летувалиште, Бодрум бил рибарско место во кое својот мир го пронаоѓале голем број на уметници и му дале боемски сјај кој во градот е присутен и денес.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во минатото познат под името Халикарнас, во Бодрум живееле Грци илјада години пред да го освојат Турците, па одделни детали во градот потсетуваат на Грција, а најславен период доживеал за време на владеењето на каријскиот крал Мавсол, кој го изградил едно од седумте светски чуда  – Мавзолејот во Халикарнас, за жал денес нема ништо останато од таа грандиозна градба. Но, ако сте љубител на историја и археологија, во Бодрум има убаво зачуван антички амфитеатар кој денес се користи за концерти, рид со стари и напуштени ветерници, Музеј на подводна археологија (со експонати и од Бронзената ера) и заштитниот печат на градот – Тврдината “Свети Петар”, изградена во 15-от век, која се наоѓа на место каде се пресретнуваат Егејското и Средоземното море и од чии ѕидини се шират спектакуларни погледи на полуостровот, морето и градот.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Бодрум е дестинација за сите возрасти и за сечиј вкус, уживање за сите сетила. Со медитеранска клима идеален е за посета во летниот период, за денско уживање на плажа и топло море, со речиси постојано пиркање на ветар, а навечер за пријатни прошетки покрај пристаништето и морскиот брег, посета на ресторан за дегустација на вкусната, турска храна или пак за луд, ноќен провод во некоја од многуте дискотеки.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ако сакате да уживате во сите случувања, да шетате покрај пристаништето и твдрината, да дегустирате вкусно кафе и храна во модерно уредени барови и традиционални ресторани, да прошетате по тесни, боемски улички полни со слатки кафулиња и да направите шопинг со задолжително ценкање во старата чаршија – тогаш сместете се во центарот на Бодрум. Во “Marina Yacht Club” на едно место може да уживате во добра забава со џез музика, летни коктели, но и вкусна храна, уметност и добри автомобили (Масерати)  и сето тоа покрај море.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Мое омилено место во Бодрум ,без размислување, се малите, колоритни улички во старата чаршија во кои се сместени кафулиња и ресторани, а за доживувањето да биде комплетно – излегуваат директно на морскиот брег.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Иако мали и тесни, уживав да проаѓам време во овие слатки улички во кои секој агол е различен, да се претопувам во илустрациите на ѕидовите, на кои не можев да престанам да им се восхитувам,  да се ладам со ладна лимонада во баровите и без престан да фотографирам, па ова е делот од Бодрум кој зафати најголемо место од меморијата на мојот телефон – со безброј колоритни фотографии и кратки, но ефектни видеа.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Најтешко ми беше напуштањето на овие местенца, па си ветив дека заради нив повторно ќе го посетам Бодрум во следна наредна прилика. Кога ќе ги погледнете фотографиите, ќе сфатите и зошто. 🙂

 

Ако Центарот е срцето на Бодрум, овие улички во стариот дел на градот се душата на Бодрум.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ако сакате да сте во епицентарот на ноќниот живот и на дневните забави во барови на плажа – Ѓумбет е местото за вас. Во Ѓумбет забавата како никогаш да не престанува, па музиката од баровите која започнува после пладне, продолжува во ноќните часови во дискотеките – се до раните утрински часови. Пешачка улица со голем број на дискотеки наредени една до друга е првото нешто што се забележува во овој дел на Бодрум. Секоја од дискотеките е автентична со својот надворешен изглед и спектакуларна внатрешност, со различна програма за секој ден, а забавата овде никогаш не запира, па дискотеките во летниот период работат секој ден во неделата. Како најпопуларни се препорачуваат: “Pasha”, “Posh”,”B1”, “Paris”, “Saphire”. За жал, најпознатата дискотека во Бодрум – “Halikarnas” , која воедно беше и една од најголемите дискотеки во Европа (ако не и најголема), веќе не постои (од 2017 година), но овие дискотеки во Ѓумбет не дозволуваат да се почувствува празнината од нејзиното непостоење.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Нам од локалното население најчесто ни беше сугерирана дискотеката “Pasha” како најдобра и навистина не не’ разочара. Изборот е ваш и според вашиот вкус за музика, бидејќи на улицата со дискотеките се мешаат најразлични звуци на: популарна поп, електонска, r&b и турска музика.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ако сакате долги и пошироки песочни плажи, врвни хотели и ресорти подалеку од центарот на Бодрум и вревата во Гумбет, тогаш побарајте сместување во Тургутреис и блиската околина. Овој дел е на околу 20 км оддалеченост од центарот на Бодрум, а во близина на боемското, рибарско селце Ѓумушлук, кое ќе ве одушеви со убави ресторанчиња покрај море кои се едни од омилените места за фотографирање на Инстаграм.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во овој дел на Бодрум е и новото, модерно пристаниште – Јаликавак, каде се закотвуваат најлуксузните јахти, а покрај пристаништето има продавници и ресторани. Еден од рестораните во ова луксузно пристаниште е ресторанот “Nusr-Et Steakhouse” – на најпознатиот турски готвач Нусрет познат во светски рамки како Salt Bae, заради специфичниот начин на кој го посолува зготвеното месо. Секако, редот за влез во овој ресторан е прилично долг и се чека со часови.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Нема да го опишувам зајдисонцето (а, ќе ви кажат дека тука е најубавото зајдисонце), бидејќи сакам да ги избегнам таквите клише описи, иако зајдисонцето кај Јеликавак навистина е убаво, но зарем до сега не сте присуствувале на безброј најубави зајдисонца?! (Во Оја на Санторини зајдисонцето дури добива и аплауз!) Сонцето и утре повторно ќе изгрее и зајде, важно е како и со кого ќе го доживееме.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ако сакате да поминете барем еден час во тишина која ќе ја прекинува само ветар и по некоја залутана птица, носталгично загледани во големото синило на заливот кој се пружа пред вас – посетете го ридот со старите ветерници. Ќе ве потсетат на грчки ветерници, онакви какви има на Кикладските острови и ќе ве обвземе чувство на враќање во минатото кое не сте го преживеале, но сега имате можност барем за кратко да го почувствувате.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Низ годините имам посетено повеќе делови на Турција – Анталија со Аланија, Сиде, Лара, Измир, Дидим, Невшехир со Кападокија и секако Истанбул, но Бодрум ми беше одамна ставен на листата за посета, па конечно ова лето си ја исполнив желбата. Не можам да го споредам со другите летни туристички дестинации во делот на Анталија (кои најчесто се нудат кај нас и се релативно подостапни од Бодрум), бидејќи е различен, па ако Анталија се издвојува со убавата, долга песочна плажа Клеопатра (на која наводно се сончала и Клеопатра), Бодрум натежнува на вагата со се’ останато – впечатлива архитектура, боемштина, уметност, ноќен живот, луксузни пристаништа и ресторани.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

А, колку е монденско ова место – доволно е да пишам како факт дека додека јас престојував во Бодрум – на голема оддалеченост, но сепак од плажата на хотелот се гледаше закотвена јахта на која престојуваше Бил Гејтс. Секако, освен светскиот џет сет, во Бодрум летуваат и најголемите турски ѕвезди, па во рестораните или дискотеките може да налетате на некоја позната фаца за која ќе ви текне дека е глумец од некоја популарна турска серија или пак сопственик на голем музички хит, како Таркан на пример.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Загриженоста за патување во тек на пандемија, највеќе заради нивото на хигиена кое се одржува во сместувачките капацитети, ми беше навистина непотребна, бидејќи одржувањето на хигиената во хотелот во кој бев сместена беше навистина на највисоко ниво, со секојдневно чистење на собите, почитување на сите мерки за заштита од Covid-19, со одржување пропишана дистанца пред рецепција, во лифт, во лоби, задолжително носење на заштитни маски за сите вработени, како и за гостите на хотелот при служење и превземање на оброците. Можеби имав среќа со изборот на хотелот.

Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

А, Турците како и секаде низ Турција, и овде се бескрајно гостопримливи и пријателски настроени, особено кога ќе слушнат дека сме од Македонија. Мојот престој во Бодрум непланирано се претвори и во адреналинско доживување, за жал од природни непогоди – пожари кои зафатија делови од шумски предели во близина на одредени хотели (но не и хотелите) и земјотрес кој ни посака “ Добро утро” во 7.30 часот со 5,5 степени по Рихтер, но не направи никакви материјални штети и денот продолжи како и да не се почувствувал земјотресот. Секако, вакви непогоди се случуваат секаде низ светот, без најава и имајте на ум дека освен убави моменти, на патувањата се случуваат и лоши, непредвидени работи, некогаш буквално се тргнува наопаку, но за среќа – никогаш не останува така… затоа патувањето првенствено е авантура, па се останато. Уживајте во искуството.

Photo: A. Petrovska   www.patokolusvetot.mk
Photo: A. Petrovska www.patokolusvetot.mk

Бодрум не го напуштив без да купам сувенири во чаршијата и останатите продавници во градот: магнети во најразлични форми и бои, фигури – реплики на старите ветерници и сино-белите куќички и неизбежниот локум кој го имаат усовршено до перфекција. Секако, кога ќе го посетите Бодрум не заборавајте да си купите и турско кафе.

На здравје кафето! На здравје Бодрум! Се гледаме повторно!

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон