Photo: A.Petrovska

Патувачи од целиот свет и оваа година ја посетија Македонија, успешно снаоѓајќи се со сите рестрикции воведени заради пандемијата од Covid-19. Иако во прилично намален број од минатите години, оние кои ја посетија нашата држава споделија свои впечатоци по социјалните мрежи.

Што им се допадна највеќе и што препорачуваат да се посети во Македонија?

Помеѓу странските патувачи преовладува мислење дека Македонија е потценета туристичка дестинација ако се земе во предвид што се’ нуди, а особено се пријатно изненадени од природата, богатата историја, гостопримливите домаќини и традиционалната храна.

Странците потенцираат дека ова е и една од најевтините држави во Европа, изненадени од квалитетни сместувачки капацитети со ниска цена во однос на други држави. Истакнуваат дека има добри авионски конекции и дека со авион може да слетате во главниот град Скопје и најекспонираното туристичко место во државата – Охрид.

Најчесто препорачуваат да се посетат: Скопје (го доживуваат како интересна, несекојдневна метропола, со премногу статуи), Кањонот Матка (со пештерата Врело), Охрид (и продавниците со охридски бисери), Битола (со Хераклеја), Вевчани, Националниот парк Галичица, Манастирот “Св.Наум” и винарии (заради квалитетот на виното и вкусна храна).

Погледнете како неколку светски патувачи ја доживеаа Македонија во 2020. Ова се луѓе кои патуваат во текот на целата година и имаат посетено голем број на земји низ светот:

Ќе се сложите дека овие светски патувачи направија убава промоција на нашата држава во оваа тешка година, како и дека заинтересираа голем број на луѓе да ја посетат, постепено ставајќи ја Македонија на туристичката мапа на Европа, но и на светот. Се надеваме дека наредната година ќе имаме што поголем број на странски туристи, кои исто вака ќе си заминат со позитивни впечатоци.