Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Грчкиот остров Миконос се наоѓа на врвот на листата на најпосакувани дестинации за посета на луѓе од целиот свет, па затоа по тесните улички во гратчето Миконос ќе се разминете со посетители од различни страни на светот: Американци, Канаѓани, Французи, Кинези, поретко Руси, Германци…

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Oвде посетителите се љубезни и пријателски настроени кон останатите посетители и расположени за разговор, па може да си направите муабет со луѓе од различни континенти, а не ретко ќе сретнете и ликови од светскиот џет сет. Иако е познат како остров за забава за млади, Миконос е полн со посетители на различна возраст и овде секој може да си пронајде свое омилено место.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Миконос е релативно мал остров, кој зафаќа површина од 85,5 км2, па за да го прошетате и убаво да го доживеете доволни ви се околу 4-5 дена. Оддалечен на околу 150 км од Атина и 650 км од Солун, на Миконос може да стигнете со авион или брод. Има околу 12.500 жители, од кои повеќето живеат во главниот град – Миконос (познат и како Хора). Римјаните, Венецијанците и Турците Османлии владееле со островот во различни временски периоди, но по грчката војна за независност, Миконос и’ припаѓа на Грција, иако се’ уште се присутни влијанијата од претходните владеења.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ова е сончев остров, со 300 сончеви денови во годината, а сезона на дождови е од октомври до март. Јас го посетив на почеток на јуни оваа година, кога е веќе топло, но сезоната се’ уште не е во полн ек, па преку ден можев да прошетам по уличките, без да заглавам во река од народ.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во летниот период Миконос живее 24/7. Преку ден се посетуваат плажите со барови, каде забавите со диџеи во клубовите на плажа започнуваат во 16 часот, зајдисонцето се ужива со пијалок во рака во некој од sky баровите (“Sky bar & 54 cocktail lounge”, “180 Sunset bar”…) со убав, панорамски поглед на целиот остров или во некое од кафулињата и рестораните во делот наречен “Мала Венеција” (“Little Venice”) кои се сместени на брегот на Егејското море, а забавата продолжува и во текот на ноќта во баровите и ноќните клубови во градот или во клубовите на плажа и трае до изгрејсонце.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Главниот град Миконос е мало, шармантно место, каде може да поминете цел ден шетајќи по белите, камени улички опкружени со типична архитектура со бели куќички со рамни кровови, а врати, прозорци и огради обоени најчесто во сина и црвена боја. Уникатните улички се полни со хотели, апартмани, барови, ресторани, продавници на сите светски, луксузни брендови (како: “Dior”, “Louis Vuitton”, “Prada”, “Swarovski”, “Rolex”, “Tommy Hilfiger” и сл.), маркети, продавнички за интересни сувенири, накит, ексклузивни галерии.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Стотици фотографии од овие улички во мојот телефон, од кои никако не можам да одвојам само неколку најубави. Нема да згрешите да го фотографирате кој било агол и место на овие улички, сите фотографии се живописни, со интересни перспективи. Една од најфотографираните цркви во светот се наоѓа тука – црквата Paraportiani, составена од 5 помали цркви, започната да се гради во 14-от век, а завршена во 17-от век.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во летниот период Сонцето прилично силно пече, па пауза од шетање по уличките се прави во “Мала Венеција” – во кафулиња наредени едни до други, со поглед на морето и ветерниците, кои се полни во текот на целиот ден, а особено на зајдисонце кога се бара место плус. Ова е најромантичниот дел на островот, каде навечер се ужива во пријатно друштво и пијалок на свеќи. А, овој дел е наречен “Мала Венеција” во 18-от век, од страна на италијанските трговци, кои ги граделе куќите на работ на брегот во венецијански архитектонски стил, за да му дадат венецијански изглед на местото.

Ако имате среќа, како што имав јас, по уличките ќе го сретнете и заштитниот знак на Миконос – Пеликанот Петрос. Петрос е ѕвездата на островот и шета слободно по уличките на Миконос. Всушност, приказната за пеликанот Петрос е од далечната 1958 година, кога локален рибар пронашол повреден пеликан и го земал да се грижи за него, нарекувајќи го Петрос, што на грчки значи “карпа”, “камен”, но и “стар” и “мрзлив”. Откако овој пеликан загинал згазен од автомобил, зоолошката градина од германскиот град Хамбург, на островот му подарила нов пеликан со исто име Петрос, а неколку години подоцна уште еден пеликан дошол на Миконос, за денеска тука да има најмалку три пеликани.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Пред да го посетам Миконос, првата асоцијација за него ми беа ветерниците кои се присутни на сите насловни страни и рекламни материјали за овој остров. 6-те ветерници Пано мили, сместени една до друга на рид на крајот од гратчето од каде се шири панорамски поглед на островот, се добро зачувани и се неизбежна атракција за посета. Првите ветерници на островот ги изградиле Венецијанците во 16-от век за мелење на пченица. Денеска работат само 16 од оригиналните 28 ветерници.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Втора асоцијација за овој остров се забавите во клубовите на плажа со светски познати диџеи и електронска музика. Овие beach клубови се наоѓаат на околу 15-20 минути возење од главниот град, до кои вози редовен автобуски превоз, такси или може да изнајмите автомобил или АТВ. А, додека се стигне до нив, патот е прилично пуст, речиси без вегетација, со камења и со по некоја вила или мала населба, но вреди да се посетат, бидејќи плажите Парадајс, Супер Парадајс, Парага, Орнос, Корфос, Псару се дел од најубавите европски плажи. Бидете спремни да видите и послободно однесување за разлика од други грчки места, на пример на плажи кои не се нудистички – има нудисти и никој од околината не им замерува.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Клубовите се модерно опремени, за некои од нив треба претходно да се резервира место со одредена сума на пари која треба да се потроши при посетата, дел од нив имаат и предвиден дрес код, кој ако не го почитувате – нема да ве пуштат да влезете. Во зависност од времето на посета на островот, ако го посетите во ек на летна сезона, може да фатите журка со светски познат диџеј. Тука забавата е на високо ниво, со диџеи, танчарки, аниматор(к)и, кои одлично ја вршат својата работа и успеваат да ги анимираат сите посетители за максимално да уживаат во атмосферата. Времето на Миконос лета!

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Трета асоцијација за Миконос е многу скап остров за посета. Па, дали Миконос е навистина толку скап? Несомнено, ова е најскапиот грчки остров, а островите се поскапи од копнените делови на Грција. Во зависност од тоа каде сакате да си поминете и што сакате да видите на островов, постои интернет пресметка дека дневно може да потрошите од 60 до 455 евра по лице. Клубовите на плажите ја качуваат оваа сума, бидејќи во зависнот од тоа кој клуб сакате да го посетите, моменталната цена на лежалка е од 25 евра па нагоре (до 200 евра за сет лежалки), а на вино – од 6 евра чаша, па до 1000 евра за шише. Но, постојат и јавни плажи каде не мора да плаќате за да ги посетите (може да си ставите ваш пешкир и чадор) и подостапни ресторани со вкусна, традиционална храна и маркети каде може да ги набавите сите потребни продукти.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Исто така, освен во градот, може да се сместите и во околно селце, а најчесто препорачувано за посета е Ано Мера. Ано Мера е многу мало село, со неколку улички, црква и мал плоштад околу кој има неколку ресторани.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Сепак, ако повторно го посетам овој остров, повторно би се сместила во градот Миконос – во центарот, пешачки дел со бели камени улички, каде е забрането движење на автомобили и мотори.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Конечно, дали вреди да се посети овој остров или не? – Секако дека ДА, ова е уникатен остров, на кој не треба да се пропушти да се доживее врвната, светска забава, плажите со кристално чиста, тиркизна вода, релаксирано зајдисонце и тесните бели, камени улички, па и барем на кратко да се почувствувате како дел од светскиот џет сет. Впрочем, вреди да се посети секое место на планетава, заради искуство плус, незаборавно доживување, нови познанства, нови хоризонти, спомени, лекција, авантура…

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон