Летото е во полн ек, но за жал не може да го искористиме максимално како сите претходни години. Aко се решите за летување, изборот на дестинации е сведен на минимум, па освен домашен туризам, моментално може да патуваме само уште во неколку држави, како Турција, Албанија и Србија и сето тоа со голема доза на претпазливост.
Ако сепак решите да го поминете летниот одмор во хотел, ви нудиме неколку корисни совети како да останете безбедни и заштитени од Covid-19:
1.Пријавете се online во хотелот. Доколку постои опција – искористете online чекирање/пријавување во хотелот, бесконтактно плаќање и мобилен клуч за собата, без стандардната процедура на рецепција при пристигнување во хотел. Познатите хотелски брендови имаат апликација која треба да ја инсталирате на вашиот мобилен телефон и да ги користите сите нивни предности.
2. Дезинфицирајте ги површините во собата. Веднаш откако ќе се сместите во собата, дезинфицирајте ги сите површини кои ќе ги допирате. Особено обрнете внимание на прекинувачите за струја, кваките, наткасните, далечинските управувачи за ТВ и климатизер, ноќните ламби и сл, бидејќи на нив се собира најголем број на бактерии, а ретко кога се чистат од персоналот на хотелот.
3. Не е потребно секојдневно чистење на собата. Откако сами ќе си ја дезинфицирате собата, потребно е што е можно помал број на луѓе да влезат во неа, па затоа не е добра идеја собариците собата да ви ја чистат секој ден. Пред да се сместите, побарајте да ве снабдат со поголема количина на средства за хигиена и пешкири, кои ќе ви бидат доволни за целиот ваш престој во хотелот или пак во текот на престојот, на ваше барање се’ што ви е потребно можат да ви го достават до врата.
4. Одберете хотел кој има ресторан на отворено. Најсигурна опција за консумирање на оброци е на отворено, па побарајте хотел кој има ресторан со отворена тераса или евентуално побарајте опција оброците да ви ги доставуваат во соба (таа опција најчесто се доплаќа).
5. Користете базен на отворено. Според истражувањата вирусот Covid-19 не може да преживее во хлорирана вода и да се пренесува во базен, па затоа може да пливате во базен, но сепак внимавајте да одржувате дистанца од 2 метра од другите посетители на базенот – и во водата и надвор од неа, како и да ги дезинфицирате лежалките на базенот пред да ги користите.
6. Не користете теретана и спа. Оваа година прескокнете ги овие две погодности во хотелите. Не се препорачува рекреација и масажа во затворен простор, но може да се рекреирате на отворено, во природа.
7. Не користете лифт, движете се по скали. Избегнувајте користење на лифт во хотелот и контакт со останатите гости, движете се по скали. Ако не можете да се качувате и симнувате по скали, при резервација на собата напоменете дека сакате да се сместите во соба на најнискиот кат. Исто така, избегнувајте да поминувате дел од времето во лобито на хотелот и останатите простории за групна интеракција.
8. Редовно мијте ги рацете. Рацете треба да се мијат и дезинфицираат после секоја интеракција, па често користете ги геловите за дезинфекција – кои треба да бидат поставени на повеќе видливи места во хотелот и редовно мијте ги со сапун, во траење од минимум 20 секунди.
9. Носете заштитна маска. Ако се движите во затворена просторија каде тешко може да одржите дистанца од 2 метри и треба да имате интеракција, обавезно носете заштитна маска.
Придржувате се кон овие совети и имајте безгрижен летен одмор.