Атина е огромен град на море, бел, има ориентален дух и затоа многу ми се допаѓа. Поради високите температури, може да се посети во кое било годишно време. Од денешна перспектива, најмногу ми недостигаат кратките екскурзии на југ за празниците, кога сите гледаме да украдеме уште некој слободен ден за да останеме што подолго на море. Атина е перфектна за кратки екскурзии, a ние ја посетивме за Велигден.

Скопје и Атина имаат нешто заедничко, а тоа е боемштината по уличките на Дебар Маало и на Плака. Уште пред Втората Светска Војна дедо ми кој живеел таму, раскажувал за “опуштената и растурена” Плака. Плака или Стара Атина и денес е преполна со барови, ресторани и продавнички кои не ги остават рамнодушни туристите кои во најголем број патуваат накај островите на Грција. Јадењето е вкусно, а кафанџиите одлично “соголуваат” и нема да Ви понудат кафе од куќата.

Меѓутоа, кога се оди накај плажите во градот, Ви го препорачувам ланецот на ресторани То Ниси  или ,, Остров“ (http://www.tonisi.com.gr/en/) , кој работи на “all you can eat” принцип, каде што може да се јаде морска храна и пие узо во неограничени количини за многу пристапна цена. За време на нашиот престој, ресторанот го посетивме неколку пати.

Едно попладне, после вкусниот “all you can eat” оброк решивме да се искачиме на Акропол. Тоа излезе дека и не е баш така добра идеја, кога влеговме во локалитетот, наместо да се шетаме низ него, прејадени се печевме на еден камен на Велигденското Сонце…

Иако претставува симбол на градот Акропол може слободно и да го прескокнете, ако не сте љубител на археологија и историја. Тој се гледа од скоро сите точки на градот, како и од кровните барови. А, нив Атина ги има во голем број. Најпознати се “А for Athens” и “360 Stepeni Athens”, кои се наоѓаат на Монастирики плоштадот.

Навечер глетката е фантастична. Можете да пиете пијачка, да уживате во погледот и да ги испиете 20-те евра колку што чини влезот за Акропол.

Поглед на градот може да се види и од ридот Ликабетус. На врвот на ридот има малата капела Св.Ѓоргија и ресторан, а до него можете со жичарница од градот или ако сте планинари да тргнете пешки. Всушност од таму ќе видите колку е голема Атина.

Новиот урбан симбол на градот е културниот и рекреативен центар “Ставрос Ниархос”. Тоа е комплекс од светски ранг проектиран од италијанскиот архитект Ренцо Пиано со вредност од 861 милиони долари, финансиран од страна на фондацијата Ставрос Ниархос, а потоа дониран на грчката држава.

Во овој центар се наоѓаат: Националната библиотека, Националната опера како и 210.000 метри квадратни парк. Aрхитект Ренцо Пиано го дизајнирал објектот да излегува од земјата како „ парче земјина кора“. Како резултат на тоа е конструиран вештачки рид, а кровот има благ наклон и целиот е засаден со типични грчки растенија и е супер уредена, кровна градина.

Ова  модерно здание со одлична содржина и супер поглед на Атина е нешто што секој би посакал да го има и во неговиот град. Местото е збогатено со магични фонтани, шеталишта, урбана опрема, кафе барови. За мене тоа беше нешто по што ќе ја запаметам Атина.

Плажата на градот и нема богзнае каква убавина, но затоа на 15 минути возење од центарот се наоѓаат местата Воула, Глифада и Воуглиамени. До нив се стигнува со метро или автобус.   За мене најубавата плажа е во Воуглиамени. Во близина е и Езерото Вулиагмени („Потонато езеро“), мало езерце од подземна вода кое поради 24º Целзиусови степени во текот на целата година се користи како спа.

Ако се продолжи уште појужно, се стигнува до Соунион или храмот на Посејдон, според мое лично мислење – многу поубав од Партенон на Акропол, со прекрасна природа и најубаво зајдисонце. Во близина на храмот има плажа, каде што може да отидете да се избањате, и се подразбира – тавернички.

Трошоците за екскурзија до Атина се “солени“, но автопатот е нов и службата за помош на автопатот совршено функционира. На враќање за дома, имавме мал инцидент, но го свртевме бројот што го има на секој ќош по патот, тие дојдоа, не’ одвлекоа и ни помогнаа , без никаков паричен надомест.

И само нека поминат Ковид рестрикциите, повторно ќе се договариме со нашите пријатели и одиме во Атина на хедонизам.

Автор на текст и фотографии: Дана Милошевска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон