Халели Смадар е жена која пред седумнаесет години била омажена (повеќе не е), имала две мали, слатки деца (сега има три и ниту едно од нив повеќе не е дете), куќа во предградие, два автомобили, куче и многу нормален живот во Израел. Се додека едно утро не решила да смени се’. Пиејќи кафе сама во својата градина, додека децата и’ биле во градинка, а сопругот на работа, нејзиниот живот се сменил и повеќе никогаш не бил ист. Од тогаш започнува нејзиниот патувачки начин на живот со нејзините деца, по разни страни на светот, кој го раскажува во своите пишани дела.
Халели моментално е во Непал, а како повод за стапување во контакт со неа беше нејзината нова книга “Under a different sky” (во превод “Под различно небо”), книга за: страст, авантура и неколку прекршени правила.
Дел роман, дел патепис, “Under a different sky” е книга што поттикнува на размислување и ги претставува борбите на човечкото срце во фасцинантна позадина на Монголија. Романтиката, предавството, семејното единство и силата на женскиот дух доаѓаат до израз, бидејќи главниот лик ја наоѓа внатрешната сила што никогаш не знаела дека ја поседува.
“Донесов неколку луди одлуки во мојот живот за кои пишувам. Сакам мојата книга да стигне до секого со чувство на љубопитност и авантура: не само до патувачи, туку и до сите луѓе со страст за животот и за приказни. Овие (заедно со кисели краставички, кафе и коктели) се моите најголеми страсти.” вели Халели.
“Јас сум обична мајка која живее необичен живот. Патуваме низ светот повеќе од 10 години и се осврнувам на моите искуства за да создадам различни приказни. Професионален писател од 18-годишна возраст, живеев обичен живот на приградска мајка во Израел, сè додека еден ден сфатив дека сакам повеќе од животот: повеќе авантури, поголема слобода, поголема страст … и помалку световност. Немав пари, знаење и поддршка. Но, го направив тоа.”
За патувањата низ светот вели:
“Патувањето ми помага да го гледам светот со свежи очи и ми даде нови перспективи за сè, од родителство и решавање проблеми до романтични состаноци и дневна рутина. Бракот, мајчинството, патувањето и постанувањето самохрана мајка во константно движење – ми ги дадоа животните лекции што го обликуваат моето пишување: објавувам случки од секојдневниот живот, совети за родителство и уникатни животни совети, преку моите лични блогови, додека моите романи и кратка форма на белетристика се полни со места, мириси, звуци и вкусови на далечните земји.”
За нејзините пишани дела:
“Запознав толку многу луѓе со толку многу фасцинантни приказни и навистина сум возбудена што ги споделувам овие приказни со моите читатели преку мое дело. Сите мои приказни произлегуваат од личности сретнати во вистинскиот живот, постоечки места и реални искуства (вистинските имињата се сменети за да се заштитат невините). Се надевам дека уживате да ги читате, исто како што уживам јас додека ги пишувам.”
Книгата “Under a different sky“ несомнено е интересно четиво за секого, Халели е искрен и реален раскажувач, а може да ја купите online на Amazon.com:
или на нeјзината веб страна www.halelismadar.com
Ни раскажа и дека минатата година ја посетиле Бугарија и дека таа и нејзината постара ќерка се вљубиле во Балканот, а син и’ поминал три месеци во Белград. Секако, Македонија и’ е на листата за посета, каде е добредојдена и ја очекуваме со нетрпение – за во живо да ни раскаже барем дел од интересните животни приказни кои ги има насобрано насекаде низ светот.
Разговараше: А.Петровска
Фотографии: Haleli Smadar
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон