Летниот период за многумина претставува омилен период од годината, но за некои претставува период во кој се соочуваат со многу мачнини, намалено ниво на енергија, појава на дехидрација, подуеност и останати симптоми кои најчесто се губат со завршување на топлите летни денови.

Со правилна исхрана и правилно распределени и одбрани намирници може да допринесеме за значително намалување на овие симптоми, но и да се заштитиме од штетни влијанија, да воспоставиме баланс во телото и да ги надокнадиме неопходните витамини и минерали во организмот кои ни ги дава природата во сезонските намирници. За да го постигнеме сето ова, потребно е исхраната во текот на летото да биде богата со нутриенти, лесно сварливи протеини и диететски влакна, витамини, минерали и ензими.

Идеална храна се сезонскиот зеленчукот и сезонското овошје кои се природен извор на телото со витамини кои се дефицит во останатиот период од годината. Богати се и со растителни влакна и во правилна комбинација со други намирници може да имате одличен вкусен и здрав оброк и благотворно дејство во организмот.

Photo: Maarten Van Der Heuvel from Unsplash.com

Намирниците кои се консумираат најдобро е да бидат свежи или по потреба минимално процесирани. Предлог за намирници кои препорачувам да бидат застапени секојдневно на трпезите во текот на летото се: лубеница, краставица, тиквички, диња, портокал, пиперки и домати, јаболки, домашни млечни ферментирани производи, билни зачини, босилек, коријaндер, копар, шафран и сите сезонски намирници кои имаат благотворно дејство во организмот.

Покрај препораката за консумирање на намирници во текот на летото потребно е и одбегнување на одредени намирници – препораката е да се избегнува зачинета храна, масна и мрсна храна, црвено месо и сувомеснати производи.

Photo: Bigtiny Belly from Unsplash.com

ХИДРАТАЦИЈА

Во летниот период најважна е и хидратацијата на телото. Со погрешниот избор на пијалоци кои ја зголемуваат потребата за течност, може да дојде до дехидрирање на огранизмот, па затоа најдобро е да се избегнуваат пијалоците кои во составот содржат шеќери или кофеин и да се заменат со пијалоци кои не се обоени и немаат додатоци. Секогаш прав избор од напитоци кои го хидрираат телото е водата, за разлика од обоените соковите кои ја зголемуваат жедта и потребата за хидрација. Идеален напиток за хидрирање е кокосова вода поради Натриумот и Калиумот кои се дел од неjзиниот состав. Покрај напитоците потребно е да биде одбрана и храна со висока содржина на вода како бобинки, ананас, краставици и лубеница, кои се идеални за лесна хидратација, особено кога е правилно искомбинирана во оброк богат со вода, како на пример овесна каша со чиа семе.

Photo: Artem Beliaikin form Unsplash.com

ВАЖНИ НАМИРНИЦИ ЗА КОЖАТА

Правилната исхрана за време на летниот период е клучна и за нашата кожа пред да ја изложиме на сончевите и УВ зраци. Бројни истражувања тврдат дека бета каротенот, витаминот Ц и Е, Селен и Цинк со својата антиоксидантна моќ помагаат за заштита на кожата од сончевите зраци. Антиоксидансите се неутрализатори на слободните радикали кои го забрзуваат процесот на стареење. Слободните радикали се соединенија како резултат на нормална клеточна активност на кожата и сите органи, нивното производство може да се зголеми како резултат на многу фактори од кои еден од нив е и изложување на сонце. Летниот период е идеален за надополнување на антиоксиданси и хранливи материи преку исхраната. Витамин Ц и Витамин Е како моќни антиоксиданси кои ги заштитуваат клетките од слободните радикали потребно е да бидат застапени во текот на летото преку исхраната поради нивната функција во одржување на еластичноста на кожата и заштита на епидермисот. Застапени се во многу свежи непроцесирани сезонски намирници, како главни извори се: портокал, грашок, спанаќ, бадеми и лешници, јагоди, спанаќ, зелка.

Photo: Sara Sperry from Unsplash.com

СЕЛЕН и ЦИНК

Овие минерали во трагови кои се силни антиоксиданси и се неопходни за нормално функционирање на целокупниот организам се застапени главно во храна од животинско потекло, риби и морски плодови, печурки, во намирници од цело зрно житарки и мешунки, јаткастите плодови, семки од тиква и сончоглед итн.

Photo: Farhad Ibrahimzade from Unsplash.com

БЕТА-КАРОТЕН

Тоа е портокалов пигмент кој се наоѓа во моркови и се консумира секој ден. Во организмот се претвора во Витамин А кој придонесува за хидратација на кожата и го активира обновувањето на клетките на дермисот. Покрај морковот, намирници богати со Бета каротен се: кајсија, диња, манго, праска. Бета-каротенот го дели своето антиоксидативно дејство со другите каротеноидни пигменти кои се наоѓаат во спанаќот, анасон, зелена зелка и ликопен од домати. Изворот на овие нутриенти е во зелено-лиснатиот зеленчук, портокаловите зеленчуци и овошја, јаткастите плодови, риба итн. Правилниот внес на овие намирници во текот на летото може значително да допринесат за заштита на кожата.

Photo: Emilija Spasovska Mojsovska

Незаситени масни киселини се неопходни за еластичност и хидрација на кожата. Тие спречуваат сушење на кожата со прекумерно спротивставување на сушењето на водата. Во зима пак, кога кожата е изложена на лоши временски услови, студ и ветер, особено е важно да се обезбеди внесување на есенцијални масни киселини.

Автор на текст: Емилија Спасовска Мојсовска, Магистер по нутриционизам 

Тел: + 38978 388 889

Instagram: https://www.instagram.com/nutricionist_emilija/

Facebook:https://www.facebook.com/Zdrava-ishrana-EMI-133564143856748/

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон