Хавана, главниот град на Куба, овој викенд прославува пет вековно постоење. Градот е основан на 16 ноември 1519 година, како седми по ред град во Куба, а во 1552 година станува нејзин главен град.

Градот е основан од страна на Шпанците, откако Кристофер Колумбо го открил островот во неговиот поход кон Америка и го нарекол Хуана.

Денеска Хавана е главна туристичка дестинација во земјата, ја посетуваат половина од вкупниот број туристи кои доаѓаат во Куба.

Освен пријателски расположените жители, заштитен знак на Хавана се објектите изградени во интересна архитектонска мешавина од колонијален стил, барок и арт деко.

Дел од најпознатите објекти кои привлекуваат најголем број на туристи во Хавана се: Зградата на кубанскиот парламент “Капитолио” (копија на американскиот Капитол), хотелот “Национал”(каде отседнувале најголемите имиња на претседатели на држави од цел свет) , Катедралата Сан Кристобал (во која бил погребан Кристофер Колумбо), крајбежната авенија “Малесон” (долга 8 км), како и култниот ресторан “Ла Бодегита дел Медио” (каде може да се проба најпопуларното мохито за околу 5 долари).

Хотел “Национал”

Хавана е колоритен град, кој никого не остава рамнодушен, а посетата на Хавана може да ја започнете со возењето во еден од многубројните олдтајмери, кои се стари и по 50-60 години.

“La Bodeguita del Medio”