Требаше да се случи пандемијата на Covid-19 за да конечно ја посетам Албанија како туристичка дестинација, која до сега неправедно сум ја избегнувала, посетувајќи други поблиски и подалечни места за летен одмор. Среќа во несреќа.

Секој што бил (и не бил) во Албанија, кога ќе слушне дека планирате да ја посетите – ќе ве предупреди дека патот таму е лош и дека возат без почитување на сообраќајните правила. За второто тврдење се во право, навистина има многу лоши возачи кои престигнуваат каде не смее да се престигнува, застануваат на лента каде не смее да се застане, вртат без да дадат соодветна сигнализација… Но, патот до Валона е добар, впрочем најлош дел за возење е патот од Струга до граница. Откако ќе ја поминете албанската граница има повеќе остри кривини, но квалитетот на асфалтот е солиден, а по Елбасан започнува автопат, кој е нов и во одлична состојба и ве носи во Валона.

Палморед ни посака “Добредојде” во Валона, додека се возевме покрај море, барајќи го хотелот во кој имавме резервирано соба. На прв поглед не може, а да не ја избегнете споредбата со Ница, Мајами, па и со Барселона заради палморедот покрај плажата Барселонета.

Имав слушнато дека луѓето во туристичките места во Албанија се пријатни и услужливи, а сега и лично се уверив во тоа. Си честитав за изборот кој го направив за одличен хотел, од каде ја имав цела Валона на дланка, кој најпрво ме воодушеви од архитектонска гледна точка, а потоа и со професионален и љубезен персонал, секогаш спремен да ни излезе во пресрет, хигиена на завидно ниво и одлична плажа со лежалки наместени на меѓусебно растојание од минимум 2 метри. А, во хотелската соба за добредојде не’ пречека свежо овошје. Така одморот започна на најдобар можен начин.

Во Валона и нејзината непосредна близина можете да пливате во две мориња – во Јадранско и во Јонско море. Ние се одлучивме за сместување во центарот на градот кој излегува на Јадранско море. Плажата е долга и широка, со ситни каменчиња и со песок, со урбана опрема, а морето беше кристално чисто и топло. Продавачи на свежо овошје и зачини поминуваа неколку пати дневно на плажата, но скоро и да не беа приметливи, а мирис на печена пченка навестуваше дека во близина на нашата плажа е дојден човекот кој секојдневно печеше пченка на импровизиран штанд од количка за на градилиште, навистина иноватива тезга – скара.

Зајдисонцето е приказна за себе, немаше човек на плажа кој не го фотографираше, што само зборува за тоа дека навистина е спектакуларно. Климата е пријатна, доволно топло, но не претопло преку ден и пријатно за шетање во вечерните часови.

Главното шеталиште во Валона е покрај море, од двете страни на булеварот со палми, каде се изградени еден до друг хотели, кои во своите приземни делови содржат ресторани, кафетерии, продавници. Бев пријатно изненадена од модерната архитектура на објектите во градот, заклучувајќи дека во развојот се многу години понапред од нас. А, улиците се полни деноноќно, по кои се возат “бесни” коли, преку ден движејќи се во правец кон најблиските местенца до Валона, како Радиме и Дерми, а навечер во обратен правец – од тие местенца кон центарот на Валона.

На шеталиштето не можат да се избегнат примамливите мириси кои се шират од вкусната храна која се готви во рестораните. Храната е многу вкусна, најчесто се служат и јадат специјалитети од свежа морска храна, тестенини и пици. Цените се достапни, слични на македонските цени за храна, а дел и поефтини. Исто така, прават и одлично кафе, на кое не можевме да одолееме и го пиевме во огромни количини.

Голем број од туристите овде доаѓаат заради ноќниот живот, а не заради плажите – ноќниот живот беше во полн ек дури и сред пандемија, со модерни кафулиња од кои ечеа летни музички хитови. Секако, минус е што не ги почитуваат мерките за заштита од ширење на Covid-19 и ретко кој носеше заштитна маска, па моравме да бидеме многу претпазливи и избегнувавме гужви и затоа, за жал, не успеавме да уживаме во ноќен клуб, но си ветив дека повторно ќе ја посетам Валона кога ќе заврши пандемијата и тогаш ќе надоместам за се’ што принудно пропуштив овој пат.

Дел од туристички атракции кои треба да се посетат во Валона се: Манастирот Звернец, Споменикот на независноста, Џамијата Мирадие, Тврдината Канин и Музејот на неазвисноста.

Албанија не е ништо помалку убава, летна дестинација од македонската омилена дестинација Халкидики, а цените се подостапни за македонскиот џеб и нема да ве разочара, туку баш напротив – ќе бидете пријатно изненадени, па затоа – дајте и’ шанса, нема да зажалите.

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон