Меморијалниот центар АСНОМ се наоѓа на влезот во село Пелинце во општина Старо Нагоричане. Отворен е на 2 август 2004 година по повод шеесет години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Меморијалниот центар се протега на површина од 8,5 хектари. Од многуте содржини со кои располага – игралишта за фудбал и кошарка, ресторан, паркинзи, парк, реката Пчиња, најважно место зазема Меморијалниот музеј кој е посветен на Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание за народно ослободување на Македонија).
Првото заседание на АСНОМ претставува темелник на македонската државност на коешто како резултат на учеството на македонскиот народ во Втората светска војна и НОБ се крунисува создавањето на македонската држава како рамноправна федерална единица во рамките на новоформираната Демократска Федеративна Југославија.
Заседанието е одржано на 2 август 1944 година кон крајот на Втората светска војна во манастирот Прохор Пчински во соседна Србија. На заседанието присуствувале над 60 делегати кои биле избрани од цела Македонија а другите не можеле да пристигнат поради непријателската офанзива. Тие едногласно избрале Претседателство т.е Президиум со вкупно 21 член на чело со претседателот Методија Андонов – Ченто, двајца потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков, двајца секретари Љупчо Арсов и Владо Полежина и уште 16 членови. На заседанието се донесени девет решенија од кои четири биле државотворни. Како најзначајни решенија се прогласувањето на Македонија за федерална држава во нова Демократска Федеративна Југославија, прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик на македонската држава и прогласувањето на 2 август (Илинден) за национален и државен празник. Беше донесена и Декларација со која се гарантира слобода и и рамноправност на граѓаните во Македонија без разлика на вера и националност, право на бесплатно образование, право на избор, итн.
Меморијалниот музеј е изграден според проект на еминентниот македонски архитект Ѓорѓи Константинов. Во него централно место зазема спомен собата која претставува верна копија на салата (трпезаријата) во манастирот Прохор Пчински каде што се одржало заседанието. Тука можат да се видат и знамињата на сојузниците во антифашистичката коалиција на кои се поставени слики на лидерите на земјите сојузнички во Втората светска војна – Русија, САД и Велика Британија и препознатливиот портрет на Гоце Делчеви.
Во музејот се изложени и дел од решенијата за создавање на македонската држава, како и фотографии од удирањето на темелите на македонската држава. Исто така, има мозаик кој ја содржи македонската азбука, која е донесена на 3 мај 1945 година на предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета, како и македонски шуми и рисот како ендемски вид.
Музејот е отворен за посета секој ден во неделата освен понеделник.
Автор на текст и фотографии: Данијела Даиловска – Кустос во музејот на АСНОМ во рамки на Меморијалниот центар АСНОМ.
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон