Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Едно од најблиските места за нас на море во Грција е Паралија. Скоро и да нема некој кој барем за викенд не “скокнал” до Паралија, а ова е и едно од најзастапените грчки места во понудите на нашите туристички агенции и едно од местата со најповолни цени.

Паралија има одлична локација под планината Олимп, оддалечена на 4 км од градот Катерини и на само 72 км од Солун (или 1 час возење со автомобил), со 3 км долга, песочна плажа која продолжува во соседнотo место Олимпик Бич.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во тек на летната сезона ова е прилично живо место – и преку ден и во текот на ноќта, преку ден плажите, баровите и рестораните се преполни со туристи, приквечер туристите шетаат по улиците полни со продавници (за кожа, крзно, накит, облека, сувенири…), а ноќта продолжува во една од повеќето дискотеки, кои работат до раните утрински часови. Може да се каже дека Паралија има комплетна туристичка понуда, особено за млади кои покрај одмор на плажа сакаат и да се забавуваат и за фамилии со мали деца кои не сакаат подолго да патуваат.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Зошто ДА ја посетите Паралија:

  •  Краток пат до море – за неколку часа сте на плажа, оддалечена е 115 км од граничниот премин Евзони.
  •  Долга песочна плажа со ситен песок (плажи со барови и лежалки, како и слободни плажи).
  •  Топло море со песочно дно и пријатна медитеранска клима.Им
  •  Добра локација (веднаш до Олимпик Бич, во близина на Солун и Олимп).
  •  Блиску до Метеори за посета (постојат организирани дневни тури од Паралија за Метеори).
  •  Блиску до островите Скијатос и Скопелос (постојат организирани дневни тури од Паралија за Скијатос и Скопелос).
  • Разновидна понуда на сместувачки капацитети.
  •  Живо место 24/7.
  •  Рај за млади (забава во многуте барови и дискотеки).
  •  Водени спортови.
Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk
  •  Вкусна грчка храна во таверните, ресторани со интернационална кујна, локали за брза храна и вкусно гиро, пекари со голем избор на бело пециво, слаткарници со разновидно благо.
  • Изобилство од продавници за: кожа, крзно, накит, облека, сувенири.
  • Има амбуланта, аптеки и маркети (има и “Lidl”).
  • Има детски игралишта.
  • Има шеталиште, плоштад, мал парк, црква во центарот на Паралија.
  • Голем дел од вработените во продавниците, баровите и рестораните разбираат и зборуваат српски јазик (корисно за оние кои не знаат англиски јазик).
  • Поволни цени за сместување и храна – доста поевтино место од местата на Халкидики.
Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Зошто да НЕ ја посетите Паралија:

  • Ако ви смета гужва – има големи гужви во текот на летната сезона (преполни сместувачки капацитети и преполни плажи, особено за викенди и празници).
  • Плитко море (ова и не е толку лоша опција за посета на море со мали деца).
  • Водата во морето често е матна (заради песочното дно) и нема атрактивна тиркизна боја.
  • Проблем со движење со автомобил и место за паркинг (во Паралија има два големи паркинзи – на едниот и на другиот крај на градот, но голем број од улиците се едносмерни и мал број од хотелите и другите сместувачки капацитети имаат свои паркинг места).
  • Во текот на ноќта се слуша бучава/музика од дискотеките кои се во близина на сместувачките капацитети.
Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ретко кој може да и’ одолее на Паралија, оние кои ја посетиле ќе ви кажат дека барем еднаш во животот треба да дојдете тука. Ова е гостопримливо место каде најчести гости, покрај Грците, се Македонци и Срби, потоа Бугари, Унгарци па и Руси, a и нема многу да го оптовари вашиот буџет за летен одмор како други грчки, туристички места.

Бонус – Нова атракција во Паралија: Превртена куќа, влезот чини околу 3 евра:

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон