Нашиот најголем туристички центар Охрид секоја година станува се’ повеќе популарен за посета како од домашни, така и од странски туристи, па се’ поголем е бројот и на посетители од: Србија, Турција, Бугарија, Холандија, Англија, кои најчесто го посетуваат Охрид во текот на летната сезона.
Голем број од туристите освен за релаксација на плажа и во хотел, заинтересирани се и да посетат што повеќе знаменитости во Охрид и околината, па најчесто се организираат групни тури за посети, кои ја доловуваат автентичноста на овој наш туристички бисер.
Голем број и од македонските посетители немаат посетено многу од охридските знаменитости, па еве предлог активности за вашиот нареден престој во Охрид:
1. Прошетајте по тесните, калдрмени улички во стариот дел на градот каде што се’ уште владее традиционалната охридска архитектура и обидетете се да изборите колку вкупно цркви (помали, поголеми, постари, понови) ќе забележите.
2. Направете шопинг во Старата чаршија и не заборавајте да купите оригинални охридски бисери и сувенири.
3. Посетете го легендарното Канео и направете ја најпопуларната охридска фотографија од ридот над него. Исто така, тука дочекајте го и зајдисонцето, спектакуларно е.
4. Искачете се до Самоиловата тврдина од чија внатрешност може да уживате во спектакуларен панорамски поглед на целиот град.
5. Нурнете низ вековите во базиликата на Плаошник, која датира од 5-от век.
6. Присуствувајте на концерт или театарска претстава во Античкиот театар.
7. Со кајче или брод пловете од центарот на градот до Св. Наум и Заум. Во летниот период може да присуствувате и ноќна забава со диџеј на брод.
8. Посетете го манастирот Св. Наум, легендата вели дека се’ уште може да се слушне срцебиењето на Св. Наум, ако го ставите увото на неговиот гроб. Тука не пропуштајте го изворот на Црн Дрим со кристално чиста вода каде може да се повозите со кајче и да одморите во ресторан со вкусна храна.
9. Посетете го Заливот на коските – уникатен музеј со реплики на објекти кои постоеле над Охридското езеро во предисториската епоха.
10. Посетете ја Трпејца, уште позната и како македонското Сен Тропе.
11. Релаксирајте се на некоја од многуте плажи распостелени низ Охрид и неговата околина, како: Потпеш, Лагадин, Трпејца, Градиште, Куба Либре, Љубаништа, Свети Наум, Пештани.
12. Дегустирајте вкусна храна од традиционалната охридска кујна, па пробајте: охридска пастрмка, рибја чорба, макало…
13. Посетете една од повеќето фамилијарни винарии и пробајте повеќе врсти на вино, за да одлучите од кое да си купите и понесете дома.
14. Уживајте во ноќниот живот кој во летниот период е прилично разновиден, со по нешто за сечиј вкус, имајте незаборавен ноќен провод во некои од многуте кафе барови, ресторани и дискотеки.
15. Качете се на Галичица од каде се отвара поглед на двете езера – Охридското и Преспанското езеро. Од овде може да летате и со параглајдер.
Охрид навистина нуди места и активности за секоја возраст, не залудно Англичаните го препорачуваат Охрид наместо италијанското Комо:
Англичаните препорачуваат – Зошто Комо треба да го замените со Охрид