Патувањата низ Европа наскоро ќе може да станат многу побрзи, благодарение на Холандската компанија “Hardt hyperloop”, која објави дека набрзо ќе може да изгради нискоенергетски, супер брз воз кој релацијата Париз – Амстердам ќе ја поминува за само 90 минути. Проектот може да стане реалност во 2028 година.
“Овој воз ќе биде навистина посебен – ќе има голем капацитет, ниска потрошувачка на енергија и голема брзина со која значајно ќе се скрати времето на патување”. – потенцираат од компанијата.
Освен Париз – Амстердам, овој воз се планира да сообраќа и на други релации, па така Амстердам да го поврзе со Хаг и Гронинген во Холандија, а на меѓународно ниво и со Дизелдорф и Франкфурт во Германија.
Возот може да го поврзе Амстердам со Ајндховен за 15 минути, наместо за 90 минути колку што е потребно таа рута да се помине со автомобил, па така овој проект може да направи драстични промени во секојдневното живеење, бидејќи ќе им олесни на луѓето да одат на работа во Амстердам.
Ова ќе влијае и на луѓето при донесување на одлука за место на живеење и работење, бидејќи ќе биде многу полесно и побрзо за патување од едно до друго место, како и општо за туристичките патувања низ Европа.