Од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на ЕЕS – Систем за влез/излез, кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026 година.
Со овој нов систем ќе се замени досегашното ставање печати во пасошите, со електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прст), како и точни записи за датумите на влез и излез од ЕУ.
Системот EES важи за сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоj ги опфаќа патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ и патниците кои поседуваат виза за краток престој.
При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација на граничниот премин на држава од ЕУ, кој вклучува: *фотографирање
*скенирање на отпечатоци од прсти и
*внесување на податоци од пасошот.
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.





