Ако сакате да се изолирате и да избегате од секојдневието, тогаш разгледајте го овој оглас за работа на островот Great Blasket Island во Ирска.

Во огласот кој е објавен на Twitter профилот на островот, се бараат две лица кои ќе го одржуваат локалниот кафе бар и 4 куќички за одмор на гости, од месец април до октомври 2021 година. Тоа е платена работа, но во огласот не е наведен износот на платата, а за да аплицирате потребно е одлично да го владеете англискиот јазик, дополнително како предност ќе се смета ако знаете и ирски. Исто така, ако не сте државјанин на земја од ЕУ, потребно е да поседувате работна виза.

Островот е изолиран, нема струја и Wi-Fi, а посетителите се советуваат да си понесат и поголеми количини на вода за пиење, но и покрај овие недостатоци – има огромен број на заинтересирани луѓе за оваа работа.

Претходните вработени – пар од Даблин, Ени Бирни и Еоин Бојл откриваат дека уживале на островот иако заради пандемијата, наместо во април, на островот пристигнале дури во јуни. Во 2020 кафе барот останал затворен, па имале обврска само околу одржување на четирите куќички за туристи. Слободното време го користеле за уживање во прекрасниот пејзаж, планинарење и пливање.