Ако патувате во Индонезија на островите Бали, Суматра, Јава, Сулавеси и во Источен Тимор, тогаш треба да одвоите време за кафе пауза и тоа не со обично кафе, туку со најскапото кафе во светот.
Познато како “Kopi Luwak”, ова кафе достигнува цена од 550 до 700 долари од килограм. Цената на ова кафе е заради начинот на кој тоа се добива т.н виетнамски начин на преработка на кафето. Под виетнамски начин на преработка се подразбира собирање на живи, зрели зрна бабунки кои ги собираат и јадат диви Цивети, по што бабунките се преработуваат во нивниот дигестивен систем, ферментираат во цревата на животинчето и така преработени во зрно кафе се исфрлаат преку нивниот измет. Потоа, зрната се чистат и се сушат на сонце, па се пржат како и сите останати кафиња. Вкусот на ова кафе потсетува на вкус на чоколадо и карамела.
За жал, во денешно време се помал процент од “Kopi Luwak” кафето потекнува од диви Цивети, бидејќи овие животни се’ повеќе се ловат за оваа намена и се прават фарми на кои се чуваат во кафези во несоодветни услови.
Кафето може да се купи во продавници во Индонезија, во мали и големи паковања, а специфичниот вкус вреди да се проба.