Ако ве интересира каде би излегле ако ископате вертикален тунел право низ центарот на земјината топка, тогаш не мора вистински да го ископате тој тунел, бидејќи постои веб страницата antipodesmaps.com , која го има одговорот за секое место на планетава.

На оваа веб страница потребно е да ја внесете локацијата на која се наоѓате и потоа програмот, според дадените координати, ќе ви ги даде кординатите на антиподот – буквално на другиот крај на Земјата. Антипод е место на Земјата кое е дијаметрално спротивно на друго место на земјината површина.

Па така, ако го внесете Скопје или било кое друго место во Македонија, добиениот антипод е во водите на Тихиот Океан, илјадници километри оддалечен од најблиското копно – Нов Зеланд. Значи, воопшто и не почнувајте да го копате тој тунел, ако не сте спремни за пливање. 🙂

Интересно е и дека за најголемиот дел од Европа и САД  добиениот антипод е океан, а не Кина како што веруваат многумина, единствени копнени места во светот чиј антипод се наоѓа во Кина, се делови од Чиле и Аргентина.