Музеите се едно од главните места за посета кога патувате во која и да било земја во светот, со желба подобро да се запознаете со нејзината историја, да погледнете некое познато, многу вредно уметничко дело или некоја интересна модерна инсталација или пак да се фотографирате со восочна фигура на позната личност.

Листата на 10 најпосетувани музеи во светот е следна:

  1. Лувр, Париз – Околу 9,3 милиони посетители годишно, од кои 30% се домашни посетители кои обично посетуваат привремени изложби и 70% се странски посетители кои во Париз го посетуваат Лувр како еден од неговите заштитни обележја. Музејот во кој се наоѓа едно од највредните уметнички дела – Мона Лиза на Леонардо Да Винчи, освен оваа слика, содржи и други скапоцени уметнички дела, околу 70.000 на број, распоредени во 650.000 м2.

2. Национален музеј на Кина, Пекинг –  Со приближно 7,6 милиони посетители годишно, овој музеј е основан во 2003 година со спојување на два музеја: Националниот музеј на кинеска историја и Националниот музеј на кинеската револуција. На 192.000 м2 музејот содржи експонати од античката и модерната кинеска историја.

3. Национален природонаучен музеј, Вашингтон – Со околу 7,3 милиони посетители на годишно ниво, ова е најпосетениот музеј во САД. Отворен е во 1910 година и содржи повеќе од 126 милиони примероци од природната наука и артефакти, како и 7 милиони примероци на риби.Посетителите може да видат реплика на огромен кит од Северен Атлантик и гигантска лигња.

4. Национален музеј за аеронаутика и вселена, Вашингтон – Околу 6,7 милиони посетители годишно, овој музеј привлекува посетители со своите атрактивни експонати, како ретка фотографија од првото воздушно летало- авион, кое го конструирале браќата Рајт во 1903 година, како и вселенското летало Дискавери.

5. Британскиот музеј, Лондон – Со околу 6,7 милиони посетители годишно, ова е најпосетуваниот музеј во Велика Британија, кој е отворен во 1753 година како прв национален музеј во светот. Влезот во музејот отсекогаш бил слободен. Едни од позначајните артефакти кои се чуваат во овој музеј се Каменот од Розета, скулптури од Партенон во Атина и значајни антички артефакти од Египет.

6. Национална галерија, Лондон – Ова е најголемата уметничка галерија во Велика Британија, која ја посетуваат околу 6,4 милиони посетители, кои ги разгледуваат уметничките дела на западноевропската уметност од 13-от до 19-от век. Оваа национална галерија е отворена во 1838 година и овде влезот е слободен. Содржи колекција на повеќе од 2300 уметнички слики, меѓу кои и една од “Сончогледите” на Ван Гог.

7. Метрополитен музејот, Њујорк – Со околу 6,3 милиони посетители годишно, ова е најголемата и најпопуларна галерија во САД. Основан е во 1870 година и содржи над 2 милиони дела во кои спаѓаат предмети од антички Египет, преку Европски класицизам, до светската модерна уметност.

8. Ватиканскиот музеј, Ватикан – Музејот кој во една од 54 галерии – Систинската капела, содржи таван насликан од Микеланџело (кој го сликал од 1508 до 1512 година), меѓу кои е и Страшниот суд, годишно привлекува околу 6,2 милиони посетители. Комплексот од музеи е основан во 1700-тите.

9. Тејт Модерн , Лондон – Содржи огромна колекција на интернационални дела од современа и модерна уметност, како колекција на слики од Пабло Пикасо и Рој Лихтенштајн. Годишно привлекува околу 5,8 милиони посетители, а влезот и во овој седумкатен музеј, како и во останатите музеи од оваа листа кои се наоѓаат во Велика Британија е бесплатен.

10. Музеј на националната палата, Таjпеj – Овој музеј во Тајван има годишна посетеност од околу 5,4 милиони лица, кои доаѓаат да ја видат колекцијата од над 700.000 експонати (предмети од керамика, бронза, жад, ретки книги, калиграфија…) преку кои е прикажана античката кинеска уметност.