Веќе на сите ни е јасно дека ова лето не може да биде како сите претходни, иако се уште се надеваме дека можеби во Август или Септември ќе можеме да патуваме барем до Грција.
Засега нашите туристички центри се полни, па така за наредниот продолжен викенд тешко може да се најде слободна соба во Охрид, Струга, Дојран и Преспа, што значи дека голем број од македонските граѓани својот летен одмор ќе го поминат во границите на нашата држава.
Од земјите во кои засега може да патуваме:
За Турција веќе од минатата недела започнаа да летаат чартери од Скопје до турските туристички места (Анталија, Сиде, Белек…) и има голема заинтересираност, па местата се скоро целосно пополнети, секако според дозволената бројка на патници во авионите. Најчесто се нуди 7-дневен престој во хотел со се’ вклучено во цената (all inclusive).
Новитет се аранжманите за Хургада во Египет, чартер летови започнуваат со летање од Скопје од 10-ти Август и ќе летаат на секои 9 или 10 дена, во текот на Август и Септември. Од агенциите велат дека и за оваа чартер програма има голема заинтересираност, а цените се пристапни, впрочем како и во минатите години – во Египет може да се сместите во хотел од светски бренд за релативно ниска цена, во однос на Грција, Хрватска и сл. Освен убави плажи и кристално чиста вода во Црвеното море, во Египет може да ги посетите пирамидите во Гиза, потоа Луксор, пустината Сахара и да пловите по реката Нил.
И нашата соседна држава Албанија е застапена во понудите на туристичките агенции, најчесто со превоз (автобус) и сместување во апартмани и хотели, ваше е само да се одлучите дали сакате да летувате на Јонско или на Јадранско море.
На следниот линк може да разгледате 10 најубави плажи во Албанија, ако се двоумите каде да се сместите во оваа земја:
Каде и да се решите да го поминете вашиот летен одмор, највaжно е да се придржувате кон мерките за заштита од вирусот Covid-19, да се заштитите себеси и сите околу вас.
Ако летувате во хотел, прочитајте ги советите како безбедно да престојувате во него:
Како безбедно да престојувате во хотел за време на пандемија