Листајќи по Фејсбук, во очи ми падна пост за нова книга за македонски јадења насловена “A taste of Macedonia”, чие име и насловна корица ме заинтересираа да дознаам повеќе за содржината на книгата и идејата за нејзино создавање, па ја исконтактирав авторката Деспина Кларк ( Despina Clarke), Македонка која живее во Обединети Арапски Емирати, која со задоволство се согласи да ни одговори на овие прашања:
1. Како дојде до идеја за создавање на оваа вкусна книга?
Идејата за книгата произлезе после неуспешна потрага по книга со македонски рецепти, особено зимници, која сакав да ја подарам како роденденски подарок за мојот свекор. Тој живее во северна Ирска и откако се пензионираше се занимава со градинарство, одгледува зеленчуци во неговата мала градина. Кога разбрав дека не знае што да прави со вишокот берба, сакав да го научам да спрема македонски рецепти за зимници. Книгата што ја барав, требаше секако да биде на англиски јазик. Кога не успеав да најдам книга каква што барав, решив да напишам јас!
Така започна идејата за книгата, но кога почнав да пишувам, сфатив дека сакам да споделам повеќе од зимници и не само за мојот свекор туку и за мојот сопруг, мојата снаа која исто така не е Македонка и за моите неродени деца кои исто така би сакала да ги знаат јадењата со кои јас сум израснала. Така книгата се претвори во упатство – Како да јадеш како Македонец!
2. Од каде земаше информации за сите 130 фамилијарни јадења кои се вклучени во “A Taste of Macedonia”? Дали ти помагаа роднини, пријатели, докажани гурмани со нивни рецепти?
Книгата за мене е проекција на едно интимно искуство. Поголемиот дел од книгата го напишав со затворени очи, не затоа што беше лесно, туку затоа што морав да затворам очи за да се сетам на јадењата, на нивниот вкус, на луѓето околу масата кога последен пат ги јадев. Дел од рецептите кои се секојдневни јадења што сум ги подготвувала дневно дома беше лесно да се запишат. Книгата со рецепти на мајка ми и нејзините инструкции преку видео повици најмногу помогна за поголемиот дел од другите рецепти, како зимници и десерти.
Предизвикот беше да најдам неколку рецепти кои ги правеше мојата баба, која веќе не е со нас. За тој дел се обратив за помош до нејзината сестра која беше многу радосна да помогне. Остатокот од изгубените рецепти требаше да ги составам барајќи слични рецепти онлајн и од повеќе парчиња да ја составам сложувалката што беше совршена меморија во мојата глава.
Сакам да напоменам дека книгата има за цел да го долови моето искуство од вкусот на Македонија. Пишував рецепти кои ми се мене познати, сум ги пробала или знам да ги направам.
3. Какви сѐ видови на јадења содржи книгата?
Содржината на книгата е поделена на: појадок, сукани јадења, салати, мезе, главни јадења, десерти и зимници. Од сѐ по нешто, што едно македонско просечно домаќинство подготвува секој ден, за гости, за празници и за зимници. Од: качамак, пржени јајца со пиперки, баница, бурек, тикварник, селско месо, до макало, сарми, ајвар, туршија и слатко од цреши. Сите рецепти се со уредно запишани и измерени состојки, детални чекор по чекор инструкции, време за подготовка, број на сервирања и слика од крајниот резултат.
4. Колку си ти гурман и како ја вреднуваш нашата македонска кујна споредена со други светски кујни (како на пр.италијанската, грчката, кинеската, мексиканската, арапската…)?
Јас сум голем гурман и многу љубопитна да пробам секакви јадења. И ако нешто навистина ми се допаѓа, сакам и да научам како да го зготвам.
Нашата македонска кујна иако слична на многу кујни во регионот, јас сметам дека има своја уникатност. На пример, јас ја сметам турската и кујната од средниот исток многу слична на нашата кујна. И ние имаме сарми од лозов лист и тие имаат сарми од лозов лист. И тие имаат туршија и ние имаме туршија. Ама не е исто! Нашите се поубави! (според моето скромно мислење).
Нашата кујна исто така припаѓа во цела Европа. Нашата бела каша со лук и пилешко може да пројде како француска супа во ресторан, во Чешка имам јадено прекрасна компир манџа многу слична на нашите, на германски божиќен пазар најдов мекици сервирани со салата во наш стил! Со Германците и повеќето северни земји ја делиме и љубовта кон киселата зелка. Во хотелско лоби во Амстердам најдов алва колач ама баш ист како рецептот на мајка ми. Им ја испразнив чинијата!
Во Мексико ја делат со нас љубовта кон пиперките и гравот. Нашите се само поблага верзија од нивните експлозивни вкусови.
Може ќе биде неочекувано, но јас најдов дека во смисла на принципот на готвење манџи, концептот на запршка, нашата кујна е исто така слична на индијската и етиописката. Разликата е во тоа што тие користат многу поголема количина на зачини.
5. Земајќи во предвид дека сега живееш во Дубаи, Обединети Арапски Емирати, можеш ли да ни направиш споредба на македонската со арапската кујна? Што најмногу ти недостасува таму од нашата храна?
Обединетите Арапски Емирати се мешавина од многу култури и изборот на кујни тука е многу обилен. За разлика од други светски центри со мешана популација, тука повеќето ресторани се отворени од прва генерација иселеници кои сѐ уште ја негуваат нивната традиционална храна. Само за компарација, во Лондон е многу потешко да се најде кинеска или индијска храна која не е модифицирана да биде поблиска кон палетата на Британците.
Локалната, Емиратска кујна тука е заливска и има влијание од индијската, јеменската и средно источната кујна, бидејќи народите имаат длабоки корени на соработка. Ориз, риба, јагнешко или камила печени под песок се нивни основни состојки на менито.
Кога ми недостигаат македонските јадења, обично барам руски, турски, ирански, либански ресторани со домашни јадења. Во последно време тука има неколку нови босански ќебапчилници, кои се многу популарни кај локалците и имаат навистина автентични кебапи.
Да бидам искрена, најмногу ми недостига домашната супа на мама кога сум болна, турското кафе со многу долги разговори наутро, тавче гравче што е нејзина специјалност за Божиќ и многу, многу други. Храна за душа ми фали, кога не сум дома.
6. За кого е наменета оваа книга, кој би требало да си ја набави?
Книгата е за сите. Секој Македонец во странство и секој странец што некогаш ја посетил Македонија и сака да си понесе сувенир од македонските јадења.
За подарок од баби и дедовци до внуци кои можеби не зборуваат совршен македонски јазик, за Македонци во мешани бракови кои сакаат да ги запознаат своите партнери и деца со нашата кујна и да ја сочуваат нашата традиција.
Секако и за Македонци во Македонија, да се инспирираат да зготват наши традиционални јадења. Доколку има интерес, радо би ја превела книгата и на македонски јазик.
Книгата е амбасадор на нашата кујна и би била одличен подарок за секој што е љубител на нашата култура, нашата земја или воопшто, има интерес за малку познати кујни.
7. Каде може да се купи книгата?
Книгата е достапна за дистрибуција низ целиот свет преку Амазон. Амазон доставува и во Македонија. Најевтина достава до Македонија е преку Amazon.com, а најбрза преку Amazon.de.
Сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на сите наши луѓе кои ја поддржаа книгата, се радуваа со мене и ја споделија со сите свои пријатели. Благодарна и горда сум на сите нас. Книгата во првата недела од продажба достигна да биде прво место во новитети од источно европска кујна на Амазон и се’ уште продолжува да биде високо рангирана во сите други категории на книги за готвење.
8. За крај, како ти ја опишуваш/претставуваш Македонија на странци кои за првпат слушаат за неа и кои сакаш да ги поттикнеш да ја посетат нашата држава?
Кога зборувам за Македонија секогаш почнувам со природните убавини, планините и планинарските активности кои гледам дека во последно време многу се развиваат кај нас. За зеленчукот и овошјето што мирисаат на зеленчук и овошје. Тоа е нешто што многу фали на луѓе како нас тука, што живееме во пустина. Всушност, преку локална арапска инфлуенсерка дознав за планински тури на коњи кои вклучуваат кампување и прекрасна традиционална храна во македонските планини. Планирам да дојдам како турист наскоро и да го искусам тоа задоволство. Секако, и Охрид и Oхридското езеро, градот со 365 цркви, винариите и македонските неодоливи јадења.
Има многу интерес тука да се посети Македонија но откако ги прекинаа директните летови од Дубаи многу е тешко да се стигне до таму. Лет што беше 4-5 часа одеднаш стана 12 часа. Дестинации како Босна, Албанија, Србија, Црна Гора и Грузија се многу популарни затоа што се блиски, евтини, со директни летови до вистинска природа. Се надевам дека Македонија ќе се врати на таа листа наскоро.
Деспина, ти благодарам за одвоеното време и споделеното искуство за создавањето на “A taste of Macedonia”, навистина беше задоволство да се разговара со тебе, ти посакувам многу реизданија на книгата, која се надевам ќе ги заинтересира сите читатели да ја имаат на своите полици.
Исто така, не заборавајте дека “A taste of Macedonia” е извонреден и корисен подарок од Македонија за сите наши пријатели и роднини во странство, кои сакаат да пробаат вистински вкусна храна.
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Деспина Кларк
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон