Photo: Goran Pinza www.patokolusvetot.mk

Со лиценцираниот туристички водич Горан Пинза муабетот ни тргна од прва, иако претходно не се познававме и веднаш преминавме од “вие” на “ти”. Тој ужива во својата работа и гордо ги претставува убавините на Македонија. За неа тој вели – “Мојата земја е единствена во толку многу работи. Земја со голема историја, недопрена природа, цркви, манастири и џамии со големо културно и историско значење. Нашата неодолива храна, квалитетни вина и гостопримство од локалното население е нешто што мора да го видите, вкусите и почувствувате.”

  1. Колку време работиш како професионален туристички водич во Македонија? Како се одлучи за оваа работа?

Како лиценциран туристички придружник (или пратител) започнав со работа во 2011 година, за да една година подоцна, продолжам и како туристички водич на територијата на Р. Македонија. И во тој период од десетина години, навистина уживам. Моите почетоци се поврзани со гостувањата на неколку словенечки хорови во Битола и Скопје. Имено, јас сум по мајка Словенец, а во Битола нешто повеќе од 1 деценија функционира словенечкото друштво “Триглав” чиј сум активен член и еден од основачите. Со доаѓањето на првите гости, се роди и идејата повторно да се вратам во својата бранша (по професија сум дипломиран менаџер по туризам и угостителство на факултетот во Охрид од 2008-ма година). Би сакал да напоменам и тоа дека моја специјалност е словенечкиот јазик, а најчести гости ми се токму туристите од Словенија.

Photo: Goran Pinza     www.patokolusvetot.mk

2. Кои се првите неколку реченици со кои им ја претставуваш Македонија на странските посетители?

Најчесто своите гости ги поздравувам со реченицата – Добре дојдовте во земјата на сонцето,одличните храна и вино, раскошните природни убавини…. Исто така, кога времето е пријатно и сончево, на гостите од Екс Југславија секогаш им ја спомнувам песната “Македонија” од Дадо Топиќ, по што следи асоцијацијата на тоа дека се во земјата каде што сонцето вечно сјае, песна која што буквално секој еден од повозрасните гости ја знае и памети.

3. За посета на кои туристички места во Македонија и за каков вид на екскурзии се најчесто заинтересирани туристите?

Тоа пред се зависи од нивната возраст и земјата од која доаѓаат. Секој со свои желби и интереси. За среќа, Македонија има фантастични предели и понуда буквално за секој. Во мојот случај, најчесто се работи за гости кои се од средна генерација и пензионери, па следствено на тоа ги интересира културата, религијата,традициите и обичаите, нашиот фолклор, музика итн.

Photo: Goran Pinza   www.patokolusvetot.mk

4. По минатогодишните строги рестрикции заради пандемијата, дали полека започнуваат да се враќаат туристи во државава? Има ли надеж за спас на оваа туристичка сезона?

За жал,не. Индивидуалните гости и оние од најблиското соседство, можеби и ги има во минимален %, но за сите останати, за жал, ќе мора да причекаме најмалку уште една сезона. Оваа сезона, за нас водичите е втора по ред која ќе биде целосно изгубена.

5. Од кои се’ земји во светот си водел туристи (групи или поедници) низ Македонија?

На ова прашање можам да кажам буквално од половина свет. 🙂 Покрај туристите од екс – Ју, регионот и Турција, многу често сум водел групи или поединци од Полска, Германија, Италија, Шпанија, Израел, Азиските држави, Австралија и САД.

Photo: Goran Pinza     www.patokolusvetot.mk

6. Кои се најчести туристи во Македонија? А, од која држава се твоите омилени туристи?

Според статистиката, тоа се гостите од соседството, потоа следат туристите од Холандија, Полска, Турција… Моите омилени, покрај гостите од некогашната заедничка држава, кои со восхит раскажуваат за тоа минато и доста од тоа паметат, се гостите од САД.

7. Што најмногу им се допаѓа на странските туристи во Македонија?

Природата и храната се секогаш во врвот на нивните листи и тоа го споменуваат после само неколку часа од престојот тука. Потоа следи гостопримството на нашиот народ, навистина ниските цени споредбено со нивниот стандард, како и културно историските знаменитости.

Photo: Goran Pinza    www.patokolusvetot.mk

8. A, што најмалку им се допаѓа на странските туристи во Македонија?

На ова прашање, без размислување мислам дека секој колега би одговорил исто или слично. Се работи за екологијата, кучињата скитници, немањето на јавни тоалети и ситуацијата со патиштата. За се’ ова – не можеме и не смееме да бараме оправдување. Живееме во земја со светски богатства и знаменитости, а не знаеме и не сакаме да се грижиме за екологијата, да изградиме нормални патишта за 21-от век, да направиме стационари за бездомните кучиња….тоа е голем, голем срам за сите досегашни политички гарнитури. Овде би апелирал тоа да се промени, но познавајќи што се’ досега сме изнаслушале, не верувам дека ќе е така. Дај боже да грешам!

Photo: Goran Pinza    www.patokolusvetot.mk

9. Дали имало моменти кога се имаш засрамено пред туристи заради моментално затекната состојба на некоја наша туристичка атракција? (пр. расфрлано ѓубре во околината/ искршени, оштетени реквизити/ нељубезен вработен персонал/ затворено за посета во тек на работно време…) И ако има – како се снаоѓаш во такви ситуации?

Ова е редовна појава, после 10 години искуство и запаѓање во разни ситуации и искушенија. При тие ситуации, се трудам на одреден начин да го ублажам нивниот шок и зачуденост со изговори дека ова е за прв пат или дека ова не е секојдневна појава и глетка, нешто кое е за жал лага, но иако по природа сум самокритичен,како за себе, така и за ситуацијата во која се наоѓаме, секогаш пред гостите претставувањето е во суперлативи и се потенцираат само убавите работи.

10. Од твоето досегашно искуство – што мислиш дека треба да се промени/подобри во државава за да привлечеме поголем број на странски туристи?

Ова е прашање за дебатна емисија и бара многу повеќе простор и време. 🙂 Но, во кратки црти – креирање на заеднички туристички понуди со земјите од регионот, подобрување на ужасната патна и железничка инфраструктура и сигнализација, подигање на нивото на екологија со разни кампањи и казни, пристапот до одредени значајни локалитети итн. Покрај ова, промоција и помагање на нашите најголеми настани познати на светско ниво, како на пример: Охридското културно лето, Охридскиот пливачки маратон, Струшките вечери на поезијата, карневалите во Вевчани и Струмица, Фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки”, како и “Малиот Битолски Монмартр” и мн. други. Тоа се нашите брендови со огромна традиција кои мора да се издигнат и да изгледаат светски и модерно, се разбира потпомогнати од соодветните институции.

Photo: Goran Pinza    www.patokolusvetot.mk

11. Твоја омилена посетена дестинација надвор од границите на Македонија? И, која дестинација се уште ти е неостварен сон и ти е во план за идна посета?

За моја голема среќа, приватно и работно, сум имал можност да посетам голем број на земји. Како најомилен, засега е без конкуренција Рим, град кој сум го посетил 2 пати досега. Потоа следуваат Прага и Виена, градови со неверојатна убавина, историја и традиција. Она што го планирав за изминатата 2020-та, а останува како огромна желба е посета на Иберискиот полуостров, Португалија и Шпанија. За Лисабон, Порто, Барселона, Севиља….сум слушал само суперлативи и навистина би сакал да ги видам што е можно поскоро.

Photo: Goran Pinza    www.patokolusvetot.mk

Горан кој е лиценциран туристички водич и пратител за словенечки, хрватски и англиски јазик, може да го контактирате на тел. 075 57 20 37 или на е-маил: pinzagoran@hotmail.com , како и на неговата Фејсбук страна: https://www.facebook.com/tourguide.goran.macedonia , а тој ви гарантира одлична забава и совршена турнеја и со задоволство ќе биде ваш домаќин низ Македонија.

А, нас ни беше задоволство што одвои време и ги сподели своето искуство и доживувањата, но и маките со кои се соочува секој туристички водич во нашата држава. И, ни останува да се надеваме дека што поскоро се гледаме некаде “на терен” низ Македонија, во нормални услови.

Разговараше: А. Петровска

Фотографии: Приватна архива на Горан Пинза

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон