Првото кафе во денот најчесто го пие над облаците, работејќи ја работата во која ужива и која му овозможува речиси секој ден да е во различна држава. Помеѓу летови, стујардот Горан Најдоски најде време да ни одговори на нашите прашања за тоа како е да се биде стујард, како му изгледа еден работен ден, добри и лоши страни на оваа професија и совет за сите млади луѓе кои размислуваат за кариера во авијација:
1. Најпрво, раскажи ни како се одлучи да станеш стујард?
Отсекогаш сум имал страст за авијација. Уште додека бев на претходното работно место, се појави оглас за вработување на кабински персонал во Скопје. Без двоумење се пријавив и отидов на интервју да си ја пробам среќата.
2. Колку време траеше и каде ја помина обуката?
Ја завршив обуката на кабинскиот екипаж во Будимпешта, бидејќи седиштето на компанијата е во Унгарија. Обуката траеше шест недели. За тоа време научивме сè за типовите на авиони со кои управува компанијата, како да се евакуира авион за 90 секунди, како да се помогне при породување во авион и како да се справиме со патник кој претставува закана за летот.
3. Како изгледа интервјуто за работа? Што треба да знаеш и какви особини да поседуваш за да бидеш соодветен кандидат за стујард/стујардеса?
Интервјуто се состои од неколку фази. Првата фаза е сeбепретставување, кое трае околу 30 секунди. Во втората фаза ги проценуваат вашите способности за тимска работа, а последната фаза е половина час разговор со регрутерите.
4. Колку време се занимаваш со оваа професија?
Во оваа професија се занимавам скоро четири години, но сè уште се чувствувам како да почнав вчера.
5. Која е најдобрата страна да се биде стујард?
Најдобриот дел од оваа работа е што ниту еден работен ден не е ист. Еден ден се будите во 3 часот наутро и го пиете првото утринско кафе некаде над облаците, а понекогаш вашиот работен ден започнува во 20 часот.
6. А, која е најлошата страна?
“Најлошиот“ дел од оваа работа е што понекогаш пропуштате важни моменти со вашите сакани, како: родендени, свадби или други настани.
7. Каков ти е работниот распоред – дали имаш време за одмор или да го прошеташ местото во кое престојуваш помеѓу летови?
Работниот распоред обично е многу динамичен. Дефинитивно не е како повеќето работни места на кои се работи од 9 до 17 часот. Некогаш работиме 5-6 дена во неделата, а некогаш може да работиме само 3 дена. Како некој што сака да истражува нови дестинации, за жал повеќето дестинации се кратки, а најдолгата е скоро 4 часа и речиси секогаш се враќаме во базата во Скопје. Но, кога имам 3 – 4 слободни денови, веднаш се пакувам и одам на дестинација на која не сум бил досега.
8. Можеш ли да ни споделиш некоја интересна, невообичаена случка која ќе ти остане во сеќавање, а ти се случила во тек на лет?
Се сеќавам кога ја започнав мојата летечка кариера, на 1 јануари на лет од Швајцарија за Македонија, еден млад човек ја запроси својата девојка пред сите 240 патници. Сè уште се сеќавам, се наежив.
9. Според твоето досегашно искуство, кои патници се најдисциплинирани при летање, а кои најпредизвикувачки за опслужување?
Во повеќето случаи, нема потешкотии во опслужување на патниците, но неговорењето на нивниот јазик може да биде предизвик – од позитивен аспект. На пример, кога летав од Романија неколку месеци, патниците таму не зборуваа течно англиски јазик и беше многу симпатично кога се обидуваа да објаснат што сакаат да јадат или пијат. Речиси секогаш ме прашуваа од каде сум и сакаа да ги научам неколку македонски зборови, како: „здраво“, „како си“ или „збогум“.
10. Колку држави имаш посетено досега и која ти е најомилена дестинација?
Досега имам посетено над 25 земји на три континенти и морам да кажам дека секоја држава е посебна на свој начин. Дури и неколку пати повторно посетив некои дестинации. Би сакал да се вратам во Њујорк за време на Божиќ и во Мајами.
11. Што би им препорачал, каков совет би им дал на сите млади луѓе кои размислуваат да станат стјуарди/стујардеси?
На идните колеги, би им рекол – не двоумете се и аплицирајте доколку сакате динамична работа со необичен распоред за работа, каде што можете да го пиете утринското кафе над облаците и да патувате низ светот.
Горан, ти благодарам за одвоеното време да го споделиш своето работно искуство со нас, ти посакувам се’ најдобро во твојата летачка кариера и откривање на уште многу нови дестинации насекаде низ светот.
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Горан Најдоски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
А, како е да се работи на брод, прочитајте:
Интервју : Дали се исплати да се работи на брод? Добри и лоши страни и случки по целиот свет