Македониум - витраж

Сончево, ни претопло, ни преладно, раздвижено, со рестрикции на вода и љубезни жители – вака не’ дочека Крушево овој септемвриски викенд.

Последната моја посета на Крушево беше пред околу десет години, па бев љубопитна што се’ се променило изминатите години и сакав да посетам што повеќе знаменитости, но и да уживам во удобноста и панорамата на хотелот. Но, премногу места, а прекратко време…

Повторното откривање на Крушево после речиси една деценија го започнав од Гумење и Македониумот. Иако беше сабота, споменикот Македониум беше отворен за посета, па освен во маркантната надворешност, можев да уживам и во четирите перфектни, колоритни витражи и рејлефните прикази на македонската борба за слобода и самостојна држава, како и да му оддадам почит на претседателот на Крушевската република Никола Карев.

Овој споменик е изграден во 1974 година кога и бил откриен на 2 август – на 71 годишнина од Илинденското востание, а негови автори се: архитектот Искра Грабулоска, вајарот Јордан Грабулски и сликарот Борко Лазески.

Објектот е ремек дело, изграден на идеална локација со зелено опкружување и прекрасна панорама кон градот Крушево. Заради својот авангарден изглед, Македониумот се наоѓа на сите листи на маркатни екс Ју објекти. Со текот на годините има претрпено и оштетувања, а моментално во лоша состојба е гумираниот под, од кој дел е изваден и површината околу дел од витражите.

Се надевам дека ова архитектонско ремек дело нема да биде оставено на милост и немилост на времето. Работното време на Македониумот е секој ден (Понеделник – Недела) од 07 до 18 часот, а влезница чини 30 денари.На гумење како во триаголник се распоредени Македониумот, Музејот – Спомен куќа на Тоше Проески и неговото вечно почивалиште.

Музејот – “Спомен куќа на Тодор Проески” иако е модерна архитектура, многу убаво е вклопена во просторот, а нејзината внатрешност буди спомени за никогаш непрежалениот и незаборавениот Тоше. Многу лични предмети, започнувајќи од: гардероба за настапи и за по дома, гитари, награди, подароци, плишани мечиња собирани од концерти, до неговиот мотор и две восочни фигури, ми вратија спомени и емоции, иако веќе се поминати 13 години откако го нема… Повторно ми одѕвони познатото “Сите ве сакам”, шетајќи низ спомените поставени на двата ката на музејот, во кој секогаш се слуша гласот на Тоше преку неговите песни. Работното време на музејот е од 09 до 16 часот, секој ден освен Понеделник, а влезница чини 100 денари.

Вечното почивалиште на Тоше Проески моментално е во изградба, а и после толку поминати години – крајно време е да се изгради достоен вечен дом на нашата најголема музичка ѕвезда. Можеби јас имам големи очекувања како би требало да изгледа ова место, замислувајќи го како бел, мермерен мавзолеј, кој кога ќе се погледне, уште на прв поглед ќе предизвика воодушевување и почит, но мојата замисла не се поклопи со она што го видов. Сепак, за вкусови не се дискутира, а прочитав дека овој проект за негов вечен дом е одобрен и од фамилијата на Тоше, па се надевам дека набрзо ќе биде комплетно финализиран со сите предвидени елементи и конечно ќе биде достојно место за оддавање почит од страна на фановите кои доаѓаат од сите страни на светот.

Го заокружив триаголникот на Гумење, па време беше за прошетка низ центарот на градот и Галеријата Никола Мартиноски – доајенот на современата македонска ликовна уметност. По тесни и стрмни улички, уживајќи во погледот на старата автентична архитектура, патот не’ донесе до Галеријата која за жал беше затворена, па пропуштив да погледнам дел од уметноста која овој врвен уметник ја подарил на својот роден град. Остана за посета во некоја наредна прилика.

Убавото сончево време беше причина градот да биде полн и раздвижен, неколкуте кафулиња и ресторанчиња во старата чаршија – полни, а над нив издигната црквата Свети Никола – изградена во 1905 година, на местото од црква која била запалена за време на Илинденското востание, а датирала од 1832 година, со што е една од најстарите сакрални објекти во Крушево. Во нејзината внатрешност има познат иконостас изработен од тајфата на Петре Филипоски – Гарката.

Старите традиционални крушевски куќи се уште стојат исправени, му пркосат на времето, дел од нив се автентично обновени, а дел оставени како што биле многу одамна изградени. Ретко се спомнува и ретко кој знае дека оваа крушевска архитектура го импресионирала познатиот француски архитект со светско реноме – Ле Корбизје.

Со кафе во рака уживав во последните топли зраци на септемвриското сонце и панорамата на градот од терасата во хотелот “Панорама”, овој викенд беше посветен за полнење на батерии за ладниот период кој ни следува. Шумата која го опкружува хотелот беше одмор за сите сетила, надополнет со попладневна релаксација во хотелското спа и превкусна храна. Уште еден поглед од терасата кон еден од моите омилени споменици – Македониумот и веќе беше време за назад.

Секако, не си заминав од Крушево без да купам тазе локум со ореви и вкусни целувки, кои беа изедени за рекордно време. Си ветив дека мојата наредна посета на овој највисок град на Балканот нема да биде повторно после десет години, туку многу набрзо. Со својата уникатност Крушево навистина заслужува да биде на мапата на балканскиот, но и светскиот туризам.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.