Со една од најпозитивните личности кои некогаш сум ги запознала – нашата Сабина Кириловски разговаравме за нејзиното искуство од работа на брод, кое е прилично големо и шаренолико, започнувајќи како помошник келнер во ресторан, па се до Офицер во одделот за сметководство на бродот. Кои се добри и лоши страни на оваа работа, кои и’ се најомилени места кои ги посетила, каде има најубави мажи и жени, каде би останала да живее – таа ни даде одговор на сите прашања кои најчесто си ги поставуваме за работење на брод:

  1. Како се одлучи за работа на брод, што те поттикна ?

Никогаш ни во сон не замислував дека еден ден ќе работам на брод, но се случи поради незадоволство и неубав третман од предходното работно место и едноставно еден ден ми се смачи, почнав да се распрашувам и да барам начини едноставно да избегам од државава… и најдов 🙂 Коузон Скопје ми помогна за рекордно кратко време да извадам виза, лекарско, авионски карти, обуки.

2. Колку време помина на брод?

Цели 6 години, од 2012 до 2018 година. Тоа се вкупно 8 договори во две различни компании Celebrity Cruises & Norwegian Cruise Lines (NCL). Еден мој просечен договор беше 7 месеци и одмор дома по 2-3 месеца.

3. На кои работни места имаш работено на брод?

Прво почнав да работам во ресторан како помошник келнер (Assistant Waitress) во Celebrity Cruises. Никогаш во живот не сум работела во ресторан, но благодарение на обуките во Скопје и на брод, ги научив основните техники и чекори. Потоа, откако поминав скоро две години на брод, сфатив дека можам повеќе, па решив да аплицирам за гифт шоп – асистент за продажба. Ја поминав таа обука и за рекордно време добив договор и брод. Работев во продавницата за сувенири, а потоа добив унапредување и почнав да работам во продавницата за драгоцени камења, каде продавав дијаманти. Таму бев следните два договора и повторно се најдов во истата ситуација каде што сметав дека можам уште повеќе, на некоја повисока позиција, и аплицирав за секторот Финансии. Ме примија повторно за рекордно кратко време и следните две години бев Офицер и работев како Assistant Financial Accountant. Можам да се пофалам дека работев и како пожарникар на брод и тоа кога бродовите се реновираат од корен до врв, но тоа беа три кратки проекти помеѓу стар и нов договор.

4. На кое работно место ти беше најтешко, а на кое најлесно ?

Најтешко ми беше првите два договора, 8 месеци, без ден пауза, работев двократно по 5-6 часа смена. Издржав и многу сум горда на себе. 🙂 Најлеснa  беше работата во гифт шоп. Забавуваме гости, промовиравме и продававме, а најубави и најисполнети беа последните два договори. Иако прв пат во живот работев ноќна смена, не ми беше мачно. Откако ја завршував ноќната смена во 6 часот наутро, одев на екскурзии со гостите. Тоа ми беше дополнителна, неплатена работа. Работев како водич, се грижев за гостите и нивната безбедност и пишував извештаи за Надворешните соработници. Едноставно си го живеев сонот во вистинска смисла на зборот.

5. Каква е работната етика на брод? Дали се толерира доцнење на работното место и грешка при работењето или веднаш се санкцинира? Дали постојат награди за добро извршена работа?

Кој бил на брод значи работел чесно и напорно. Исто како да сум служела војска.😊 На работа мораш да си точен на време, дотеран со чиста и испеглана униформа, жените нежно нашминкани со средена (собрана) коса и уредни нокти. Мажите избричени, со средена коса и уредни средени нокти. Првите години не толерираа тетоважи, но и тоа се смени. Денес многу офицери на високи позиции може да се видат со видливи големи тетоважи по рацете. Пирсови не беа дозволени и бради кај мажите т.е ако маж се качи на брод со веќе исцртана и уредна брада, таквиот надворешен изглед треба да го негува до крајот на неговиот договор. Не беа дозволени драстични промени. Грешки не се толерираа бидејќи премногу време обрнуваа во обука на вработените, како и на протоколите. Првиот месец на брод беше полн со обуки од секое поле, без разлика дали си прв или десетти пат на брод. Секој мораше да ги помине тие обуки. Доколку и после тие обуки некој направи грешка, прво имаше усна опомена, па предпишана опомена и на крај пишана опомена. Со три пишани опомени, се добива отказ и те праќаат дома следниот ден.

Награди постојат и тоа е се едни од поубавите мотивациони чекори што ги имам видено. Знаат да те мотивираат. Секој месец се бираше вработен на месецот. Вработените што имаа директен контакт со гостите – гостите ги номинираат, а останатите – нивните претпоставени. Картички за коментари и пофални зборови имаше на рецепција и гостите на истите ги споделуваа своите искуства. Јас често бев наградувана со сертификати за вработен на месецот, како и вечери во специјалните ресторанти, екскурзии, ваучери за интернет и сл.

6. Кое е најпосакувано работно место на брод?

Искрено, според мене, најубави работни позиции беа оние со продажба – гифт шоп, продажба на идни крстарења, уметничките галерии, казината итн. Таквите позиции работеа само кога бродот пловеше. Тоа значи дека имаат слободно време за шетање и одмор на плажи кога бродот е укотвен.

7. Koј тип на луѓе се најчести патници на крстарењата на брод?

Најчести и најбројни беа Американците, потоа Шпанците и Италијаните, Германците итн. Беше реткост да се запознаат Балканци. Возраста на гостите варираше, на пример: за Божиќ, Нова година и летните распусти имаше од 6 месечни бебиња до 80+ годишни, а за Валентајн беа претежно млади. Другите месеци каде што немаше празници и неработни денови, гостите беа претежно пензионери. Имаше и гости кои крстареа на истиот брод неколку крстарења по ред, по неколку месеци. Тие беа пензионери и многу важни и елитни гости.

8. Најневообичаено барање од патник?

Ох, ги имаше многу. 🙂 Јас бидејќи работев на рецепција, се изнаслушав многу. На пример – бифето се отвараше во 5 часот наутро и храната се носеше со огромни колички и тие кои имаа соби под ресторанот, се жалеа на шкрипењето на тркалата од количката. Потоа им пречеше што мораа да ги дезинфицираат рацете буквално на секое влегување во бродот, ресторанот и тн. Бродот многу се нишаше, премногу е топло, премногу е ладно, па Американците се жалеа на Шпанците и нивниот шпански јазик, коментираа на различните акценти на вработените, а не сфаќаа дека сите тие вработени зборуваа по најмалку 3 јазици, додека самите гости само еден. Верувај, ги имаше многуууу. Се жалеа на банални работи, знаејќи дека на крајот од денот ќе добијат нешто гратис од компанијата како на пр. вино, порција овошје, чоколадни јагоди и сл. Тоа беше политика од компанијата. Сакаа сите гости да бидат среќни и задоволни, без разлика на се!

9. Најинтересна случка на брод?

Една од најинтересните случки беше кога како награда добив екскурзија – пливање со делфини во Саинт Луција, Карибски Острови. Се сеќавам дека станав многу рано од преголема возбуда и чекав обезбедувањето да даде знак дека може да излеземе. Едно од правилата на брод е дека гостинот е секогаш во право и секогаш му се дава предност. Мене не ми дозволија да излезам надвор се’ додека сите гости не излегоа и нормално групата за таа тура веќе замина. Толку бев разочарана што се расплакав од лутина. Пливање со делфините беше една од екскурзиите која секој вработен ја посакуваше и јас бев таа среќничка да ја добијам. Но, тоа беше правило и немаше што да се прави. Подоцна истиот ден, дознав дека групата била нападната и ограбена од маскирани пирати. Според некои раскажувања, тие го стопирале автобусот и им ги украле накитот, апаратите, мобилните, парите … Нормално, никој не го коментираше тој немил настан. Во тој момент бев премногу благодарна на Господ што ме заштити. Но, нели велат: “Внимавај што ќе посакаш, може и да ти се исполни”. После неколку месеци, ми се исполни желбата да пливам со делфини. Денес не се гордеам многу со тоа, знаејќи ја тажната приказна за делфините.

10. Најтежок/најнепријатен момент на брод – Дали во еден момент ти дошло да кажеш -”Готово, се откажувам”?

Ги имаше многу, за жал. Беше навистина тешко и неиздржливо понекогаш. 6-8 месеци без родителите, сестра ми, другарките … Новогодишните прослави, Божиќ, родендените беа само обични работни денови. Беше тешко, но патувањата и парите си го правеа своето. Се лажев самата дека тоа ќе е последниот договор и нема повеќе. Но, тоа беше само една мала лага. После еден месец дома, на одмор, со нетрпение чекав да добијам мејл со договор, датум и нов брод.

11. Дали има дружење на брод помеѓу вработените?

Ох да! Има ептен дружење! Секоја вечер, сите вработени после работа (беше како непишано правило) одат во барот за вработените (crew bar) каде што секоја вечер има забави во вистинска смисла на зборот и од различен жанр – шпанска музика, рап, ретро, карибска, екс Ју, индиска итн. Диџеи се самите вработени. Се пее, пие и игра до 2 часот по полноќ. Забавите беа и тематски, според големите празници по државите.

12. Дали пријателствата стекнати на брод се со подолг рок на траење или прекинуваат со нареден договор на друг брод? Дали освен вработените на брод, стекна пријателства и со некои од патниците?

Луѓето што ги запознаваш на брод, со текот на времето стануваат фамилија. Со нив работиш, со нив се забавуваш, со нив пиеш, славиш, плачеш….тие ти се се’ во текот на тие неколку месеци. Јас со многу луѓе си имам останато во контакт. Баш ми се имаше случено да се видам со две другарки со кои што работев и тоа во Америка. Едната живее во Мајами, а втората беше на прошетка во Орландо. Имав и ситуации каде што двајца другари дојдоа во Скопје на неколку дена како дел од нивната тура низ Балканот. И да – имам запознаено и прекрасни гости и со добар дел од нив сум се уште во контакт. На два пати бев поканета да славам Ден на благодарност и Божиќ со една прекрасна фамилија од Орландо. Друга драга гостинка, кога дозна дека се омажив, ми прати поклон од Америка за свадба. 🙂 Често ми пишуваат и ме прашуваат како сум и каде сум. Пресреќна сум поради тоа. Може да се каже дека имам по некој пријател-ка во скоро секоја држава.

13. Дали има голем број на Македонци кои работат на брод и на која работна позиција се најчесто?

Македонци и општо Балканци има многу. Најчесто се во ресторан, бар и хаускипинг. Но, зависи од компаниите. На пример во Norwegian Cruise Line добар дел од Балканците беа офицери и менаџери на оддели. Имам запознаено капетан кој беше Хрват и бев пријатно изненадена, како и неколку капетани за вработените (staff captain).

14. Добра страна на работење на брод?

Патуваш буквално бесплатно и тоа во земји за кои не си ни сонувал. Еден ден си во Барселона, следниот во Рим, третиот во Мајорка.

15. Лоша страна на работење на брод?

Работиш секој ден, по 10-12 часа, буквално без ден пауза, 6-8 месеци. Славиш празници и родендени без твоите блиски. Сите се здравствено осигурани, но не и пријавени.

16. Дали се исплати да се работи на брод, кои се придобивките?

Да, се исплати. Има многу придобивки – високи плати, пријателства од цел свет, нови искуства, проширени хоризонти, работна дисциплина, нови култури, јазици, многу вкусни јадења итн.

17. Колку држави имаш посетено во текот на твоето работење на брод?

Хмм … па сигурно над 40 држави. А за градови, сигурна над 100, може и повеќе. Листата за патување сеуште ми е долга. 🙂

18. Кое место (град/држава/остров) ти остави најубав впечаток и би сакала повторно да го посетиш ?

Па тоа е навистина тешко да се каже … Jас сум личност која сака вода, така да на прво место ми се местата каде што има плажи. Како најомилени би ги издвоила Американските и Британските Девствени острови, Бахамите и Карибите. Како посебно, мало и мирно островче би го издвоила Бурано, кој е на час возење со брод од Венеција. Од големи градови би ги издвоила Орландо и Њујорк! Би се вратила повторно таму, а и би се преселила засекогаш. 🙂 И омилени држави: Шпанија, Исланд, Италија, Монако, Шведска.

19. Дали некоја од посетените држави ја имаш доживеано како твој втор дом, каде што си се почувствувала дека таму припаѓаш и дека би можела таму да живееш?

Да! Такво чувство имав во Орландо и Њуjорк. За моја среќа, имав шанса да поминам неколку месеци во Америка, посебно на Флорида. Беше љубов на прв поглед. И, би сакала повторно да отидам, се надевам во скоро време.

20. Каде луѓето се најпријателски расположени, (а каде најнепријателски)?

Секаде до сега каде што сум била, луѓето биле секогаш дружељубиви. Малку несигурно се имам почувствувано на Карибите и Акапулко. Во Акапулко бевме пречекани со гарда војници со митралези. Беше многу непријатно чувството. На Карибите пак многу честа глетката беше дечиња, како и мајки со дечиња да просат, да возат брзо со многу гласна музика, нечисти улици, ѓубриња … Не сакам да бидам погрешно разбрана – тоа не значи дека луѓето не биле љубезни и насмеани.

21. Дали луѓето низ светот знаат каде се наоѓа Македонија?

Не сите! Европејците да, знаат. Најсмешни ми беа Американците. Добар дел од нив навистина немаат појма од географија. Најсмешно беше кога ќе го погледнеа мојот беџ, каде што ми беше напишано името и земјата, тие велеа” Чекај ме ни кажувај, ќе погодам- Македонија е во Индија!” 🙂 Но, имаше и такви кои многу добро ја познаваа целата македонска историја. Секоја чест на таквите!

22. Каде има најубави мажи?

Хахаха … многу тешко прашање. Па, Италија и Шпанија делат дефинитивно прво место. Мажите им се кој од кој поубави и позгодни, посебно нивните полицајци. За жал, немам слика бидејќи не ми беше дозволено да се сликам со нив.

23. А, каде има најубави жени?

Најубавите жени се од Македонија! Хахаха. Жените навистина беа убави и згодни секаде каде што сум била, посебно во тие земји каде што живеат мешани националности и религии и каде што дел од жените се со потемна боја на кожа и светли очи, со долги и виткани коси.

24. Што би им препорачала на сите млади луѓе кои се двоумат дали да се пријават за работа на брод?

Да отидат без долго да се двоумат. Неколку агенции во Македонија имаат многу убави програми за работа и патување. Јас се качив на брод кога имав 31 година и да знаев дека толку многу ќе ме исполни и усреќи, ќе дадев отказ од претходната работа многу порано. Секако, како и секоја работа на свет, и работата на брод не е за секого, најпрво треба да знаеш англиски јазик, да си исполнителен, да си со отворен ум, проширени хоризонти, позитивен став, авантурист, дружељубив, љубезен итн. Досега ме имаат исконтактирано многу наши луѓе за совет за работа на брод и тие истите успеале да се качат на брод и да уживаат во авантурите и привилегиите на истиот. Патувањето и запознавањето на нови култури се најголемото богатство што човек може да го поседува. Патувањата ти го отвораат срцето и умот и го исполнуваат твојот живот со прекрасни приказни за раскажување. Велат” Светот е книга и тие што не патуваат, читаат само една страна.”

Сабина, ти благодарам за искрените и исцрпни одговори и ти посакуваме уште многу пополнети страници во пасошот, кои ќе ти овозможат нови и незаборавни искуства на сите страни во светот. Светот е твој!

Instagram: @sabinna_kirilovski

Фотографии: Приватна архива на С.Кириловски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон