Кога ќе помислите на Кипар, веројатно ви текнува на песочни плажи, море, хотели и ресорти. Тоа е обично главната причина да се фати лет и да се поминат 10 безгрижни денови на некоја лежалка под Сонцето. Веројатно многу луѓе не се ни свесни дека Кипар е поделен на два дела и има доста комплицирана историја до ден денес. На тој остров живеат два етникуми, едниот (Грчки Киприоти) кој живее во легалната држава Република Кипар, а другиот (Турски Киприоти) во непризнаена држава Турска Република Северен Кипар, одделени со бафер зона на Обединетите Нации и со гранични премини на одредени точки. За да се докомплицираат работите, тука се вмешани и Британците со неколку свои мали, воени бази и територии низ островот, затоа што Кипар бил британска колонија се’ до 1960 година. (од тука – се’ уште се вози по лева страна на патиштата)
Толку од историјата, но тоа е всушност главната причина која ме доведе на овој остров. Ги прескокнав сите клише туристички места кои не ме интересираат и после слетувањето во Ларнака се упатив кон Никозија, последниот поделен главен град на светот.
Како поделен?
Од автобуската станица тргнав по главната пешачка улица Ледра која некаде на средина, после последната таверна и бутик е поделена со…граничен премин!
Кога ќе ја погледнете мапата на стара Никозија која има облик на круг, се гледа бафер зоната и градот кој како да е пресечен со нож на половина. Со пасош ја поминувам страната од Европската Унија (Кипар) и влeгувам во Северен Кипар со пасошка контрола исто така на другата страна. И сето ова се случува помеѓу два сокаци! Важно е да се знае доколку технички слетате во Северен Кипар од Турција и се упатите кон Кипар, на граница можете да имате проблеми па дури и да ве уапсат затоа што технички доаѓате од илегална територија?!
На другата страна во Северна Никозија ме дочекува атмосфера како да сум во Турција, и секако тука се користи сосема друга валута, турската лира и сите производи се турски. Јас сум се’ уште во истиот град, во истиот стар дел од Никозија, но дефакто во друга држава! Лудило на кое би му позавидиле и Балканците.
Го фаќам наредниот автобус и се упатувам кон Фамагуста, или Газимагуса по Турски. Овој град бил најпознатиот и најразвиениот туристички ресорт во раните 70-ти години, омилено место на Елизабет Тејлор, Ричард Бартон, Ракел Велч и други филмски ѕвезди од тоа време. Квартот Вароша или Мараш, дел од Фамагуста бил монденско место со развиена инфраструктура и многу хотели, ресторани и места за уживање.
Во 1974 година Турската Армија, претходно предизвикана од будалаштини од двете етнички групи, извршува инвазија и Фамагуста и Вароша паѓаат во рацете на армијата, сите резиденти се избркани и местото од тогаш до ден денес останува запечатено/ минирано од денот кога е завземено.
Природата си го прави своето и без интервенција на луѓе, местото станува еден од најпознатите ghost-towns (град на духови) на светот. Изминуваат околу 45 години пред да се дозволи некаков влез на цивили (во тоа време само турски), за да конечно од 2021 година местото се отвори и за други туристи. Тоа е моментот кој го чекав.
Од станицата во Фамагуста одам пеш накај влезот на Вароша/Мараш и веќе се чувствува извесна тензија, бодликава жица насекаде, камери, бункери, претечки знаци и вооружени војници, се’ до влезот каде што гледам дека некој си изградил нова дискотека?!? и една рампа.
Влезот е слободен.
За две евра изнајмувам точаче и влегувам во атмосфера која личи на некој апокалиптичен филм, комбинација на “Black Mirror” и “Love Death and Robots”. (серии на Netflix)
Неколкуте главни улици се повторно асфалтирани, забрането е влегување во објектите, но секако можам да се доближам до секој од нив и да видам како елементите на природата, вегетацијата, морето и ветерот направиле од нив бизарни скулптури со многу детали. Во продавниците може да се видат старите ретро реклами за Кока Кола, Филипс, Кодак, Тојота… на некои од рафтовите стојат расфрлани производи, во еден бар преку закованите даски се гледаше флипер!
Низ скршените прозорци на куќите понекаде се забележуваше мебел и покуќнина. Хотелите, рестораните и кафетериите се’ уште ги имаат оригиналните натписи и реклами, наидов на оригинал британско поштенско сандаче и во моменти кога немаше туристи наоколу постоеше една чудна и помалку застрашувачка тишина, за да после првата кривина помеѓу напуштените објекти (некои беа поприлично изрешетани од куршуми) забележам нов киоск за сендвичи?! Се гледа дека местото полека се спрема за наплив на туристи, секако од малку поинаков тип.
Поминав неколку часа возејќи се по напуштените улици се’ додека една од уличките не ме однесе на една прекрасна плажа на која за чудо имаше туристи и беше опремена со лежалки и чадори. Плажата, како што дознав, само што е отворена во 2022 година од страна на локалната самоуправа и мислам дека е една од најуникатните плажи на светот. Песокот, водата и боите се фантастични и не знам каде на друго место можете да поминете ден на плажа опкружени со празни хотели и распаднати вили наоколу?!
Вароша и Фамагуста се симболи на човечкото лудило и апсурд на политиката и религијата, приказна за многу човечки судбини и ова е одлична шанса за било кој што е на Кипар, да ги искористи порелаксираните услови за посета на ова уникатно место, затоа што како такво сигурно нема да остане уште долго време.
И за крај, оставам фотографиите да зборуваат сами за себе…
Автор на текст и фотографии: Игор Џартовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон