Шест месеци ден, шест месеци ноќ ќе ве дочекаат на единственото безвизно место во светот – Свалбард (Svalbard). Свалбард, кој во превод значи “Студен брег”, познат уште и како Шпицбершки Острови е Норвешки архипелаг, оддалечен на околу 1050 километри од Северниот Пол, со вкупно население од 3000 жители.

Иако е дел од Норвешка, Свалбард е неутрална територија, па таму секој може да живее и работи на неодредено време, без оглед на тоа кое државјанство го поседува. Официјален јазик е Норвешкиот, но скоро сите зборуваат и Англиски јазик.

Просечната летна температура изнесува од 3 до 7 Целзиусови степени (во Јули), а просечната зимска температура се движи од -13 до -20 Целзиусови степени (во Јануари). Иако е вечна зима, ова место освен на Норвежани, веќе е дом и на многу Руси, Чилеанци, Филипинци, Тајланѓани кои таму живеат и работат.

Трошоците за живот во Свалбард изнесуваат исто како и во останатите делови на  Норвешка, со тоа што секој лесно може да започне сопствен бизнис и да се издржува. Но, ако си невработен, за да останеш таму, треба да имаш сопствен фонд со кој ќе се издржуваш и без работа. Треба да се напомене дека можностите за вработување се ограничени, особено со затварање на рударските активности таму, па може да работите во Канцеларијата на гувернерот, во Советот на заедницата, во Универзитетскиот центар или училиштето, како и во туристичката и угостителската индустрија.

Единствена опасност на архипелагот доаѓа од неколкуте илјади поларните мечки кои живеат таму.

И да, во Свалбард е забрането да умрете – ова правило важи од 1950-те години, бидејќи таму телата не се распаѓаат, па затоа луѓето кои се болни од неизлечива болест, ги праќаат во Осло да го одживеат остатокот од животот.