Бурџ Калифа , кулата – убавица на Дубаи е изградена во 2010 година и сеуште е највисока зграда во светот. Висока е 828 метри, со вкупно 160 катови, со подземен паркинг кој има простор за паркирање на 3.000 автомобили, а зафаќа површина од 334.000 м2.
Изградена е за неполни 6 години, започната во септември 2004, а завршена во јануари 2010, изработена според проект на архитектот Адријан Смит, кој истакнал дека триделниот изглед на кулата бил инспириран од цвеќето Хименокалис.
На нејзината изградба се работело во три смени , а работеле по 2.400 работници во една смена, на секои четири дена се додавал по еден кат. Во еден момент на кулата работеле дури 12.000 работници.
За изградбата биле употребени 330.000 м3 бетон. До 155 кат (585,7 м) градбата претставува бетонска конструкција, а од 155 кат па до најгоре е челична конструкција. Темелите на кулата одат 42 метри под земја.
За изградба на кулата се потрошени вкупно 22.000 000 работни часови и 1,5 милијарда долари, а изградена е по идеја на шеикот на Дубаи – Мохамед бин Рашид ал Мактум, кој сакал да го стави Дубаи на карта со нешто навистина сензационално и несомнено успеал во тоа.
Растојанието кое може да се помине со главниот лифт во Бурџ Калифа е 504 метри, најголемо во однос на растојанието што може да се помине со било кој друг лифт во светот. Инаку, во кулата има вкупно 57 лифтови и 8 ескалатори, кои се движат со брзина до 10 m/s.
Потребни се 4 месеци за да се избришат сите прозорци кои ги има 24.000.
Температурата на врвот на кулата е за 6 степени пониска од температурата на основата на кулата.
Во станбениот простор на кулата предвидено е да живеат околу 25.000 луѓе. На другите катови се наоѓаат канцеларии, ресторани, хотели.
Кулата подеднакво е спектакуларна и преку ден и преку ноќ -кога е осветлена во различни бои. Секоја Нова година се одбележува со ласерско шоу, кое се приредува на Бурџ Калифа , дополнето со најголем огномет во светот.